Thursday, June 11, 2015

Дива македонштина

Искрената љубов кон било кого и кон било што не е потреба, туку е безусловно и префинето чувство. А кога љубовта се сведува на дива потреба тогаш веќе не станува збор за љубов, туку импулс, за инстинкт и лукративна потреба. Таквата „љубов„ служи за самозалажување или за фрлање во туѓи очи, за да се оправда сопствениот недостаток на етичка градба. Тој што така си ја сака Македонија - си ја сака насилно и посесивно, само за себе, за да ја цеди и за да ја молзе. Е таквата љубов може да се градира, во зависност од тоа какви материјални придобивки веќе донела некому или какви придобивки тој некој се надева дека ќе ги добие од таквата „љубов„. 

Ако македонштината ја објаснуваме како љубов кон Македонија, тогаш дивата и изнасилена македонштина е дива, насилна, наметлива и посесивна љубов кон Македонија. 

Љубовта кон Македонија, како и секоја друга љубов, е интимна работа, со неа не би требало да се мавта пред очите на другите, таа не би требало да се користи за засрамување на другите или за нивно прогласување за предавници. Никој нема правото на присвојување на љубовта кон Македонија и нема монопол на дефинирање на тоа како таа љубов треба да изгледа. 

Затоа „дивата македонштина„ ми е одбојна, дури и страшна, затоа што ми наметнува како треба да си ја сакам Македонија, што е моја – лична работа. А самиот поим „Македонија„ нè опфаќа сите: и „такви„ и „вакви„; и нас што живееме тука сега и генерациите што живееле тука пред нас.

Не е сè толку едноставно - ако си ја сакаме својата единствена држава, тогаш би требало да ги почитуваме и тие „чеда„ што ја сакаат Македонија поинаку.