Friday, June 20, 2014

Влијание врз широките народни маси (и столови, и табуретки)



Еве, кој не слушал, нека слушне. Јас се изненадив колку овие фрази личат на фразите кои ги слушаме денес од политичарите. Дури кога ќе ја спомне посебната врска со Господ и после нервните извици: „Германија пред се„ и „Да живее Германија„; дури тогаш ми се опротиви. До тогаш звучеше и некако демократски, нешто како: „не постоиме ние заради државата, туку државата постои заради нас (луѓето, граѓаните)„.
Неверојатно е колку лесно може да се манипулира со масите во демократски несозреаните општества. Само треба да се владеат техниките, па масите да се хранат со вербално - визуелни лесно сварливи пораки за „голема идеја„, за „големата посебност„ на „големата нација„.
Сега со примена на новите информативно - комуникациски и пропагандно - промотивни техники и технологии многу полесно може да се влијае врз широките народни маси (и столови, и табуретки).


Држава на „братучеди“, држава на „наши“ и „ваши“ 2

Во Македонија владее полу и непрофесионализам. Многу од вработените немаат стручност и вештини за професијата што ја вршат, а до таа позиција дошле по непотистички клуч или по критериум на припадност на партија. Ваквите „кадри„ со својата „работа„ прават штета на севкупниот развој на општеството и на развојот на демократијата и слободите на граѓаните во државава.
За развој на демократските процеси во државата таквите кадри би требало да бидат отстранети од работните позиции што ги имаат, со евидентирање на непрофесионалноста и непригодноста, направено од страна на надреден раководен орган; или ако и раководителот страда од истите дисфункции - со надворешна интервенција преку институциите на системот во државата: Суд, Народен правобранител, организации за заштита на правата на граѓаните.

Процесот на доаѓање на соодветните луѓе на соодветни места е основен за напредокот за државата. Затоа, тој треба да биде ослободен од горенаведените непотистички и партиско политички влијанија.

Оваа „болест„ - „Болеста на полу и непрофесионализам„ не се појавила сега. Таа како и другите „Болести на здравиот разум„ се хронични болести на нашето општество кои се вгнездиле во нашиот менталитет и сфаќање за се што се случува околу нас. Тие имаат корења како во претходниот систем, така и во доцната диференцијација и созревање на нацијата. На овие хронични болести, кои го слабеат имунитетот на нацијата, се надоврзуваат разни тековни инфекции.

Sunday, June 15, 2014

Исти гомна



Навредливо. А?
Не требаше така, многу оштро... Нели?
Ама кажав... кажав „исти„. Тоа ти е како „исти сме„..., нешто како „исти сте„.
Не?
Е па тоа ти е, Македонче... Чорба...
Ме поттикна да го напишам текстов свеж настан, немил, несакан настан. Предизвикан поради неодговорност, курназење, недостаток на логика и простотилак. Се работи за сообраќајната несреќа од тринаесетти мај оваа година, тогаш патнички автобус кој се наоѓаше на релација Струмица – Скопје, на половина пат меѓу Велес и Штип имаше колизија со воз, при што беа повредени неколку патници. Настанот се случи поради тоа што возачот на автобусот не ги почитувал правилата за возење, и со заобиколување на рампите на преминот на автопатот преку железничка пруга сакал да заштеди некоја минута. Каде се брзал се уште не е кажано во јавност.  Се прашувам: Каков случај на неодговорност е човек да превзема толкав ризик за сите патници во автобусот и тоа без никаква потреба?

Сега, кога се случи овој настан, во моето сеќавање се враќа денот кога јас по некои шест години живеење во странство се вратив во Македонија. Тогаш ме имаше обземено некое пријатно чувство:  – Си доаѓам дома, на своето. Сè ми беше убаво, сè ми беше пријатно. Со полицаецот на граница не можевме да се разбереме на македонски, не дека сум го заборавил јазикот, разбирав сè, но поради тоа што долго време не сум го говорел – јазикот едноставно не ме слушаше. Полицаецот неколку пати го префрлаше погледот од мојата радосна физиономија на фотографијата во пасошот.
Како и да е: се најдов во Македонија! Убавото катче на планетата. Моето убаво катче. Планините, зеленилото, реките покрај патот, знаците што означуваа населени места напишани на македонско писмо, сето тоа ми будеше дополнителна позитивна енергија. Пребивав во некоја состојба на еуфоричност.
И така, се возиме во автобус, веќе е потрошена половина од тој светол и запурен августовски ден. Нашиот возачот живее со светот, тој замавнува со раката нагоре, испружувајќи ги прстите, му ја покажува дланката со испружените прсти на неговиот познаник, возач на автобусот што се движи во спротивна насока, му дава знак кој означува пријателски емотивен поздрав. Во тој момент започнува дијалог со својот колега, совозач:
-       Да го ебам... Ставре. Ставре мајчин. Знаеш ли?
-       Што да знам? – праша совозачот
-       А бе, си ебал мајката.
-       Што тоа?
-       Ич не му чуе, а жена му, му наби рогови – се клеца.
-       Стварно?
-       Стварно, бе.
-       Од каде знаеш?
-       Е, кој не знае за тоа? Сите зборуваат.
-       Ааа...
После оваа кратко споделување на пикантерии и по логичкото поентирање и безпоговорната потврда на фактите продолжуваме понатака да го трошиме светлиот и запурен августовски ден.
По кратко време присуствуваме на сеанса на егзибиции во автобусот. Возачот на совозачот му го предава управувањето на автобусот во движење. Неколкумина патници ракоплескаат одобрувајќи ја оваа врвна акробација. Тогаш не ни сфатив во колкав ризик не внесоа двајцата луѓе што управуваа со автобусот, и тоа само заради тоа што немаа желба да го запрат автобусот. И ним им се брзаше некаде, и тие се курчеа и курназеа.

Исти гомна. Тоа го мислам: исти гомна.

Friday, June 13, 2014

Однапред изгубена битка?


Што да се прави кога плитките умови сакаат лесна (плитка) забава, не сакаат да се „замараат„, не сакаат да размислуваат премногу, туку, сакаат да се „ладат„? Кој може да не им го дава тоа што тие го сакаат, кога тоа е исплатливо? Да се обидуваш да правиш нешто друго значи да се осудиш себеси на вечна борба, непризнатост и чувство на горчина.
Што да се прави кога во општеството не се изградени уметнички еталони и стандарди, како што не се изградени ни морални и етички стандарди во секојдневното битисување на Македонецот?
Што можеш да направиш за да ги смениш работите како поединец, кога дури и тие што ти ги сметаш дека ја бијат истата битка, на твоја страна, за коишто сметаш дека ги разбираат повисоките вредности во животот и во уметноста, се купуваат и се продаваат за неколку златници?
Ништо. Можеш само да се чувствуваш „смотан„ и „глуп„, или барем „неразбран„ затоа што не си бил, и не си снаодлив за да процениш на каде дува ветерот, за да се прилагодиш, за да не ти дува в лице, за да не те обара, и за да не ти одзема од животот.

 
Солзи, крв и прашина - Constant in

Никој од нас не избира каде ќе се роди.
Но никој од нас нема ни причина, не, не - да не си оди.
Еве бегам од свој дом јас, еве ме бегам јас.
Гледај ме бегам јас.
Еве ме бегам јас, гледај ме бегам јас
и се што имав оставам.

Сè е срушено, сè разурнато.
Гледај, колку тажна судбина!
Јас одам преку сè, одам преку седум реки, морам.
Гледај ме бегам јас.

Да, да, да, а тука има проблем со вистината -
со неа бегам јас,
со ранета, со ранета душа, душа.
В душа сум најјак, но сега срце чука
и помислата на тоа
ме одбива - од тука бегам јас.

Еве ме бегам јас и сè што сум имал, оставам.
Јас верувам во чесноста и совеста,
но еве бегам јас.

Еве бегам од тука, срце посилно чука.
А гледам само празнина:
празни очи, празна душа, празно срце, празна судбина.
Празни очи, празна душа, празно срце -
само солзи крв и прашина!
И само солзи крв и прашина!

А мислиш: "Има само една вистина" - Не верувај!
Во душата секој си има своја приказна, нераскажана.

Еве ме, јас бегам во црно.
Срце - собрано ко зрно.
Душа ко згазена птица.
Живот по воена скица.

Еве бегам јас, еве бегам јас.
Гледај мe, бегам јас - еве мe бегам јас.

Еве бегам јас, гледај мe бегам јас.
Еве мe бегам јас - гледај мe, бегам јас.

Еве бегаме, еве нè - ние бегаме.
Еве нè, бегаме.
Еве мe, бегам јас.


04.2011