Saturday, December 29, 2012

Мирка Велиновска - „Бандитизмот ја порази преродбата“ 27 октомври, 2008


Колумна објавена во весникот НОВА МАКЕДОНИЈА

на 27 октомври, 2008 година, под наслов:

„Бандитизмот ја порази преродбата“

Потпишана од  Мирка Велиновска


Истекуваат полека стоте дена на Владата со која раководи Никола Груевски. Овој негов кабинет ја немаше вообичаената поштеда од јавна критика заради програмскиот и кадровскиот континуитет, не земајќи предвид дека по предвремените избори се случи политички значајна промена на коалициските партнери. Имено, слоганот на изборите „Преродбата продолжува“ и јавниот апел на Никола Груевски до граѓаните, да му дадат поголема доверба за да може без политички уцени да ја спроведува програмата со која еднаш победи му ја одзедоа комоцијата да се „вади“ навреме за адаптација. Не оти тој очекувал такво нешто, особено зашто главен аргумент на критичарите на предвремените избори им беше губењето време и застој во реформите. Очигледно свесен за настрвеноста на своите политички противници, кои по овие избори загубија катастрофално, Груевски веднаш по изборите нагази со темпо. Но, како што велат нашите стари, и да се отепаш од работа, ако од наречниците не ти е даден ксметот, тешко дека ќе спечалиш нешто.
По безмалку сто дена работа и со мандат од сништата, на Никола Груевски некако не му оди како што треба. Има апсолутно мнозинство во Собранието. Има обезбедено и Бадентерово и двотретинско, па, сепак, тој нов сооднос на политичките сили не се преточи во реално видлив успех. На ниту едно поле!
Забревтаната преродбеничка машинерија едноставно заринка. За тимот на Груевски сега претставува вистински предизвик да ни објасни како при толку евидентен пораз на сончевата коалиција, сосе целата експертско–медиумска логистика, владејачката партија не успева да создаде преродбенички амбиент во земјата.
Фактите се немилосрдни.
Иако е апсолутен фаворит со недостижно висок рејтинг, иако истура големи пари за промоција на владините проекти, на планот на пропагандата, тој и неговиот тим губат со службен резултат од македонската виртуелна опозиција.

Македонија нема надворешна политика
Неоспорно е дека оваа влада просто блика од идеи. За нив сме редовно педантно известувани преку епски соопштенија. Она што ѝ недостига на Владата е материјализација на идеите. Нивното оживотворување почнува и завршува во министерските ешалони. Така, ветената преродба остана бајка за лека ноќ за мнозинството граѓани. Имено, не е дека не ги гледаме напорите на тимот на Груевски да внесе ред во институционалниот и системскиот хаос. Секој таков напор преточен во закон нè прави свесни за депонијата во која сме живееле ептен долго. Нè наведува на непогрешлив заклучок дека во изминативе децении, кога СДСМ бил единствен владетел, не правел буквално ништо за да се спастри државата. Но тоа не е нашето примарно очекување од „ерата“ на Груевски. Попрво, големото средување на унередената и запустена Македонија е кондиционен тренинг пред почеток на трката за освојување олимписки медал.
За жал, во тригодишниот мандат на Груевски, Македонија не оствари ниту еден крупен скок. Не исчекори од западнобалканското мочуриште. Не мислам тука на перцептивните скокови на ранг-листите на некои набљудувачи за степенот на корупција, слобода на говор, законски амбиент и сл. Мислам на реалните политики што опипливо го издигнале реномето на државата.
На пример, од тој аспект, надворешната политика на Македонија е целосно неуспешна. За три години таа не постигна ништо, односно, така да се изразам, таа е во рецесија. Да, Грција е нашиот ноќен кошмар зашто успешно ги оневозможува сите обиди за наша меѓународна интеграција. Но ако на грчката влада ѝ е цел да нè попречува, нам белки ни е да наоѓаме ефикасни начини да ѝ парираме. Антонио Милошоски очигледно е несоодветно кадровско решение за оваа тешка работа. Во тој поглед ни Никола Груевски не се истакна како политичар од формат. На полето на надворешната политика, Владата се покажа како ептен зелена. Мала олеснителна околност може да бидат отвореното непријателство и дрското подривање што доаѓа од „дворот“ на Бранко Црвенковски, слабата дипломатска мрежа, но фактот дека министерот ни е кусоглед, еднонасочен и неинвентивен, а Владата без храбра алтернативна стратегија, не остава простор за надеж. Во генералната оцена за резултатите на оваа влада ќе биде запишано дека Македонија почна да ги губи стекнатите позиции - земјите што ја признале под уставното име, и тоа во период кога Срѓан Керим беше претседавач со Генералното собрание на ООН, а Зоран Ставревски висококотиран експонент на Светската банка и ММФ. Груевски цели две години не успеа да ја премости рампата на Црвенковски за поставување амбасадори во испразнетите македонски амбасади. Неговиот министер не успеа да обезбеди ни за себе, а камоли за премиерот, обиколка на државите од Азија, Африка и од Латинска Америка. Освен Џорџ Буш, не ќарија ниту еден сојузник или пријател. Не воспоставија елементарна комуникација со никого од светот – надвор од клиентскиот однос со Брисел. Новиот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски и понатаму повеќе дејствува како портпарол и девојка за сè, овде, во земјава, отколку како мобилен бравар-мајстор, кој треба да ги отвора блиндираните врати на европските престолнини.
За да изведе преродбенички пресврт на ова поле, Груевски треба да тргне од следниве позиции: ЕУ и САД никогаш не ги исполнуваат своите ветувања дадени на клиентелата. Тие секогаш очекуваат беспоговорно да бидат извршувани нивните директиви, макар и да се на ваша штета. Потпирањето исклучиво на овие „партнери“ значи гаранција за државен и национален неуспех. Особено во светлото на забревтаното „с’скање“ на Албанците (одложено со признавањето на Косово) да заиграат на грчка карта (како во 2001 година) на кое Владата сè уште не контрира.
Груевски отстапи пред мафијата
Ако, пак, сака да ја подигне цената на Македонија кај стратегиските партнери, неговата екипа мора да оди подготвена на визита: со пари. Со многу пари. Многу пари, распоредени во многу банки на офшор-држави, имаат нашите транзициски богаташи. Тој мртов капитал ќе беше досега жив и корисно употребен за државни потреби ако во Македонија постоеше политичка волја да се расчисти со криминалот на елегантен начин.
Арно ама на планот на судството и борбата со високите форми на криминал, Владата на Груевски потфрли катастрофално. Промената на законодавството и извесните кадровски промени во судството не се доволни за граѓаните да почувствуваат дека осамнале во правна држава. Груевски покажа дека само навидум е цврст и тврдокорен преродбеник. Во практика, и со новиот силен мандат, многу често потклекнува пред притисоците на „опозицијата“. Судските реформи рикнаа уште во првиот мандат зашто под притисок, Груевски и Маневски ги прифатија сите барања на СДСМ. Со случаите на Заев, Бучковски и обвинетите за грозоморните злосторства од 2001 година, пак, секој од нас увиде дека и во мандатот на оваа влада Македонија не е и нема да бидне правна држава. „Нулта-толеранција“ кон криминалот е само парадна политичка флоскула, која реално важи за кокошкари, ситни шверцери и улични апаши. И со Груевски остануваме нееднакви пред законот. Остануваат привилегиите обезбедени преку политиката, а со тоа, и сојузот на криминалот и политиката. Продолжува да функционира врската, протекцијата на релацијата судија-полицаец-политичар. Остануваат поделбата на партиски касти и привилегијата на вработување и кариера со партиска книшка, богатење преку партиски тендери.
И толку потребните здравствени реформи беа тотално поразени уште во првиот мандат на Груевски. Победи белата мафија, а и бившата и сегашната влада на Груевски се покажаа неотпорни на притисоци. Денес убавите и целисходни идеи за здравството во функција на осигуреникот-пациент се само мртво сведоштво за почетниот преродбенички ентузијазам.
Изгледа дека за амбициозниот премиер на Македонија тоа е нешто како политичка карактеристика. Многу сака, ама киксира во реализацијата, односно во примената на законите. Груевски ја остварува контролата над она што се работи само до второто ниво на своите кадровски решенија. На теренот, во реалниот живот, неговите проекти пропаѓаат во дупка. Да. Се работи за невоспоставена пирамида на власт и одговорност. Неа ја нема во подрачните единици, во општините каде што војската од службеници продолжува да работи по старо. Во здравството, но и во другите сфери си останаа понижувачките шалтери каде што граѓанинот–даночен обврзник витка ‘рбет пред службеникот што го плаќа, за да ги оствари своите елементарни права.
Успесите се нормални, а неуспесите загрижувачки
Се разбира, намерата не ми е да бидам намерно прекритична кон она што го прави, одработува кабинетот на премиерот. Обратен е мотивот. Токму заради доминантната убеденост на населението дека по толку време конечно добивме политичка екипа што е квалитетно поинаква од сите поранешни, заради високите очекувања и разбудена надеж дека ќе ни тргне конечно, секое потфрлување добива застрашувачки димензии.
Засега перцепцијата за Владата на Груевски и понатаму е главно позитивна заради еланот, искрената намера и многубројните идеи и потфати на неколку ентузијасти. Но таа перцепција ќе бледнее сè повеќе доколку Груевски итно не покаже повеќе од својата почетно навестена решителност и одлучност. Под претпоставка дека во меѓувреме политички и сознајно созреал.
Неговиот прв мандат го обележаа евидентни успеси на планот на даночната и царинската политика. Дури и најголемите критизери и опоненти мора да ги признаат успесите на тие институции и луѓето што ги менаџираат. Малку кој, освен намерно злонамерните, има што да забележи и на институциите од културата. На Груевски и неговите кадри им успеа за краток рок да го издигнат националниот морал на населението, кое долго време беше стимулирано за апатија. Во овој краток период почна да се реализира и проектот за образование на нацијата. Оваа влада ги прави и првите обиди да ја оживее упокоената наука во Македонија. Не се незабележани ни сизифовските маки да се пополнат празнините во издаваштвото. Секторот земјоделство едноставно беше реанимиран и вратен во состојба на дишење, без апарати.
Вакви оази на успехот на новата државна политика што ја применува Никола Груевски со својот тим се крупен чекор во девастираната Македонија, но се далеку од тоа да бидат оценети историски како преродба. Преродбата ќе почне да се случува тогаш кога Никола Груевски ќе нема потреба секоја идеја што ќе му дојде да ја промовира пред ТВ-камерите како да е реализиран проект.
Изолација
Несомнено е дека Никола Груевски не е радо виден гостин во Брисел и во европските престолнини. Тоа е политика на ЕУ кон пргавите Балканци и тоа не му носи негативни поени кај повеќето граѓани што убаво ја совладале македонско–европската историја на односи. Но недоумица внесува фактот на македонската затвореност кон остатокот од светот, попрво, две третини од светот со кои немаме никаква комуникација.
Словенија, Хрватска и Србија, нивните шефови на држави и влади, нивните министри за надворешни работи, нивните министри за економија, стопански комори ги шпартаат континентите, без оглед на евроатлантската ориентација, во потрага по инвестиции, политичка соработка за заемна корист и поголемо влијание.Се зачленуваат во регионални организации што немаат ама баш никаква врска со ЕУ и со НАТО. Само нашава влада, безмалку под идеолошко влијание на Јани Макрадули, продолжува да демонстрира инертност на штета на државата.
Зошто нема оставки и сменувања?
Никола Груевски е првиот премиер на Македонија што не посегнува по институтот сменување или оставка на некој свој соработник. Три години се доволно време за да види кој министер му потфрлил, каде се тесните институционални грла, кој не функционира соодветно со обврските. Ако неговите претходници својот неуспех го покриваа со чести кадровски сменувања, Груевски белки може да го засили позитивниот ефект од својата работа така што ќе се лиши од услугите на оние што не ги исполниле нашите (неговите) очекувања.
Груевски се плаши од жестоки дуели
Никола Груевски загуби многу од својот шарм во општењето со народот преку своите фамозни групни соопштенија по втората победа над СДСМ. Неговите спинери и понатаму ја продаваат истата финта од првиот мандат, заборавајќи дека сега Груевски има апсолутна власт и од него веќе не се бара да кажува што мисли да прави, ами тоа што го наумил да почне да го прави, па да ни се јави кога е направено. Нашиот премиер уште не го надмина својот хендикеп во јавната комуникација. Не е подготвен на бокс-меч со наапани новинари, експерти, опоненти. Тој и понатаму ги избегнува, демонстрирајќи несигурност, која лошо се одразува на неговиот јавен имиџ. Оти не е никаква добивка да седнете на муабет со самиот себе. Добивка е во жесток дуел, пред публика, да остварите победа на поени или со нокаут.

Остваруваме рокови, а не суштина

Слабоста на Никола Груевски се роковите, идното време и неуспешните тендери. Роковите му се опсесија и тоа ни е овозможено да го гледаме во јавните преноси од седниците на Владата. Така, посредно, и нам ни стана дневна обврска да ја прелистуваме програмата во сто чекори. Навистина, многу ретко гледаме промашувања на роковите, ама затоа ни паѓа в очи дека ги нема ефектите од нивното запазување. Имено, какво фајде од некој закон, донесен во конкретен рок, ако неговата примена не стигнува до секое ќоше во државата и по три години.


Sunday, December 9, 2012

Држава на апсурди - Апсурдонија

Сега, чија е одговорноста што во нашата држава растат: омразата, национализмот, фрустрациите, предрасудите, навредите...?
Се обележуваат области и територии со што поголеми споменици, верски објекти, знамиња...?
Не важат, не се спроведуваат законите?

Ми се случи да го гледам преност на фудбалскиот  натпревар помеѓу Тетекс и Шкендија.
Што да ви кажам како коментар?
Се работи за натпревар од „прва“ македонска лига, а мене ми личеше како натпревар од некоја дива, неорганизирана лига.
Имаше што да се види и што да се слушне: навреди по етничка и религиозна основа, патриотизам од дното на грлото, дивјаштво и глупост.
Немаше спорт, немаше футбал.

Па добро, нели некој во државава сноси одговорност за работите што ги прави или не ги прави?
Не викам дека ексцеси не се случуваат на спортските борилишта во светот, ама, кај нас тие се правило, на секој натпревар иста слика. И не мора опонентите да се од друга религија или етникум, доволно е да се од друго населено место.
Така, на скопјаните им посакуваме Скопје да се руши и цело Скопје да „пуши“, за расчистување со албанците препорачуваме етничко чистење - само мртви се добри, освен тоа и порачуваме да разберат тие клети „шиптари“ дека „македонско име нема да загине“ дури и на натпревар на кој игра македонската репрезентација со понекој  етнички албанец во својот состав. Со сигурност тврдам дека албанците имаат соодветни и пропорционални „желби и пораки“ во однос на македонците.

Одговорност сноси тој што организира разни настани, тој што треба да обезбеди услови за безбедност и професионализам. Одговорност сноси и тој што треба да реагира после некој ексцес за тој другпат да не се повтори. Сите овие другарчиња си земаат плати, си држат функции а не ја завршуваат работата.

Сега предлагам да го прочитате и овој допис: http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=711DFCD9162A7146956A817698803F33
Тука ќе прочитате како би требало да ја организираме државата, и спрема што да се стремиме.
Туку, мене не ми е јасно: Кој треба да ги спроведува законите во државата?

Живееме во држава на апсурди и негогичности.
Но, по се изгледа, го заслужуваме тоа.

Wednesday, October 24, 2012

Култ на личноста

Политичарите се менаџери што сме ги избрале да ја раководат државата во определен временски период. Ги избираме врз основа на програмата за работа што ја нудат.
Ги заменуваме старите политичари со нови кога прокламираната програма не се исполнува и животот на граѓаните, земен во целина, не се менува на подобро.
Култ на личноста се создава околу личност или политички лидер кога народните маси се заслепени, залажани и индоктринирани дека не постои друг лидер или друга политичка опција која ќе им понуди просперитет.

http://www.taratur.com/node/9264

Култот на личноста е присутен и во двете најголеми македонски политички партии.

Во ситуација кога владее култот на личноста страдаат идеите, страда развојот, страда квалитетот. Сето ова како последица од тоа што критериумите се изместени, вредностите не се ценат и не се искористуваат оптимално во корист на општеството, не постои единство на спротивставностите и борба на идеи, туку, идеите, целите и стратегиите се диктирани од партиските врхушки.

Со други зборови: нефункционално, непродуктивно општество.

Tuesday, October 23, 2012

Нормално: „Ненормална држава“

http://novamakedonija.com.mk/DetalNewsInstant.asp?vestInstant=9961




"Во нормална држава, ваков сојуз не е направен, затоа што никогаш немало потреба."

А со чие залагање дојде државата да ни е толку "ненормална"?
Зарем Црвенковски не е основоположник на тоа што денеска го гледаме?

СДСМ одбра погрешна стратегија тогаш кога неможеа да изнедрат нова харизматична личност од своите редови. Наместо тоа, му чуваа лидерско место на Црвенковски.

Сега, овие опозиционери ја прават истата  грешка.
Па зарем немате свои партии, програми, цели, задачи, идеали...???
Па зарем немате верба во своите идеи, во своето членство и поддржувачи?
Па зарем сега, кога има незадоволство од актуелната власт а во исто време сеуште е силна одбивноста спрема Црвенковски, не е времето да се дефинира нова политичка сила, нова опозиција, без багаж, со нови идеи и чист образ?

Или преовладува малодушноста и интересот?
Да, па неможе толку време да се биде во опозиција.
Мора да се зграпчи власта на било кој начин, мора да му се обезбеди вработување на членството.
„Доста тие беа блиску до парите, сега нам ни е редот!“

Другарчиња мои, мои луди харизматични другарчиња, што му правите на народот? На простиот народ?
21 година стагнација, поделби во кланови по партиска и национална база.
А „что“ и правите на државата и на државноста, вака , кога нема „нормален“ политички, судски и економски систем?
СИТЕ ВИЕ, другарчиња мои, што раководевте со Македонија во овие 21 година, сте одговорни за бесперспективноста и за негативностите.

Чаре?
Нови деца, нови луѓе, нови мажи.

Wednesday, August 1, 2012

Земјата на глупоста

„Земјата на глупоста“ е волшебна земја опишана во приказната „Авантурите на Пинокио“ (Storia d'un burattino) од Карло Колоди.

„Земјата на глупоста“ е разурната и уништена, со купишта ѓубре, трошни куќи, криви и валкани улици. Но за „
Земјата на глупоста“ се зборува како за земјата на радост и среќа.

Во привилегирана позиција во оваа земја се мачките и лисиците. Таа е полициска држава, каде булдозите се полицајци. Мајмуните се судии.
Во „
Земјата на глупоста“ сите неподобни ги дават во мочуриштето.

Во „
Земјата на глупоста“ постои мистично место наречено - поле на чудата, на него, според легендата, може да никне дрво кое наместо лисје ќе има златни парички, потребно е само таму да се закопа паричка и да се произнесат волшебните зборови.
Англиски синоним за „
Земјата на глупоста“ е Моронија (Moronia).



As Pinocchio heads home to give the coins to his father, he meets a fox (who pretends to be lame) and a Cat (who pretends to be blind) on the side of the road. They tell him that if he plants his coins in the Field of Miracles, outside the city of Catchfools, then they will grow into a tree with a t...

Friday, July 20, 2012

За националната припадност

Националноста е чувство на припадност, тоа чувство го поседува индивидуата.
Никој освен дотичната индивидуа неможе да ја детерминира таа припадност.
Друга работа се фактите - делата на таа индивидуа, тие можат да послужат како доказ за внатрешниот живот на индивидуата (чувствата, залагањата, идеите, намерите, целите на дејствување, кругот на општење и др.).
Но дури и фактите можат да се гледаат од разни ракурси.
Чувствата, залагањата, идеите, намерите, целите на дејствување, кругот на општење, сето тоа се променливи, динамични категории во било чиј живот.
На крајот, после нас остануваат само големите дела, и факти што не можат да се преиначат.

Погрешно е ние живеејќи во сегашноста да го присвојуваме минатото или да алудираме на иднината.

Monday, July 9, 2012

Иднината ни припаѓа нам

Ако реалната состојба со стандардот и со квалитетот на живеење во Македонија е лоша и не се поправила, дури се влошила, во поселедните 20 години, тогаш преку осознавање и прифаќање на тој факт можеме да се надеваме на промени на подобро. Да не се врзуваме со конкретни политички гарнитури и да го одбираме помалото зло, на тој начин само ќе си ја продолжиме агонијата.
Ние сме граѓани на оваа држава и имаме право да бараме подобри услови за живот. Политичарите се само менаџери на кои сме им го довериле управувањето со државата во определен мандат.
Се покажува дека сите наши досегашни менаџери (политичари) работеле лошо (низок стандард, лош имиџ, воен конфликт, нерешени надворешно политички прашања). Тоа што во моментот не гледаме алтернатива не значи дека во Македонија е исцрпена квотата на способни, морално подобни и интелектуални луѓе. Треба на секоја опција да и дадеме шанса, свесно проценувајќи што таа опција нуди за иднината на Македонија и каков багаж таа опција носи од минатото.
Минатото и кредибилитетот стекнат или изгубен претходно го спомнувам само во функција на предвидување на иднината.
Иднината ни припаѓа нам, да не дадеме никој да ни ја одзема.

Tuesday, June 19, 2012

За младоста и за староста... за убавината и за почитувањето

Ете, кога ќе го разбереме и ќе го прифатиме животот каков што е?
А во него има и добри и лоши работи; и радост и тага; и физичка и духовна убавина...
Тој што е денеска млад и убав тешко да сочува барем еден од овие атрибути за некое време (а и треба да успее да проживее подолго), од друга страна тој што денес е постар и поинаков некогаш имал други атрибути.
Кај нас владее воспевање на младоста и потсмевање на повозрасните луѓе (како тие да имаат нешто погрешно направено). Стареењето е природен тек на нештата, во секој период од животот треба да се наоѓаат доблестите и задоволствата.
И клуч за сеопшто разбирање е почитувањето, преку него доаѓаш до разбирањето на животните филозофии.
Ете...Почитувајте...и тоа е доволно е да се биде достоинствен.
http://www.motika.com.mk/index.php?option=com_content&id=32471 
 

Sunday, May 27, 2012

Помеѓу глупоста и расипаноста

Оваа фотографија подобро од илјада зборови ја опишува државата во која живееме.

На плакатот меѓу другото пишува „... НА НАСЕЛЕНЕИЕТО ВО РЕПУБЛИКА МЕКЕДОНИЈА“.
 
Постојат две варијанти за настанување на оваа фотографија:
 
1. Одговорниот за проектот е човек без потебните стручни знаења, вработен преку партиски или семејни врски (Ова кај нас редовно секаде се случува - секогаш некој не си ја завршува работата)

2. Фотографијата е обработена во графички редактор, за да изгледа дека е погрешно отпечатено, па после тоа оваа фотографија да се даде по социјални мрежи, за луѓе како мене да ја споделуваат.

Не навлегувам во тоа која од варијантите е поверојатна, туку ќе кажам: во првата варијанта се работи за неодговорност и глупост а во втората варијанта за морална расипаност.

Е тука живееме сите ние, помеѓу глупоста и расипаноста.

Срам за нашата демократија, срам за нашите интелектуалци


Симптом на незрела и несериозна држава е во нејзиниот законодавен дом да има пратеници со криминално досие.


Би требало со закон да биде забрането кандидирање на такви индивидуи.
Сега, ако веќе некој со такво минато се кандидирал и наишол на поддршка во некоја група граѓани  и добил мандат, тој би требало да наиде на морална изолација во парламентот.

Во нашиот парламент овој човек е член на владеачкото мнозинство.

Срам за нашата демократија, срам за нашите интелектуалци.


Sunday, April 29, 2012

150 евра плата ли е? [2]

На секоја одговорна влада репер треба да и биде добробитта и задоволството на народот што ја избрал.

За 20 години самостојност досегашните македонски влади не ја поведоа државата по патот на развојот и напредокот. Се што знаат нашите властодржци е да се споредуваат едни со други, кога всушност и покрај тоа што се менуваат партиите на власт, непродуктивниот систем на раководење останува.

Тоа што граѓаните на Македонија веќе во неколку наврати и даваат предност на ДПМНЕ зборува за тоа колку на луѓето им е опротивен држалникот Црвенковски а не дека менаџирањето на визионерот Груевски е исправно.

Луѓе (политичари), зарем не ви е срам?
150 евра плата ли е?
Зарем не знаете подобро да ја менаџирате и да ја организирате државата?

Луѓе (граѓани), зарем не ви е јасно дека за тоа што ни се случува сме одговорни самите?
Ние избираме да бидеме политички активни, се зачленуваме во една од двете големи опции, потоа чекаме таа партија да не вработи или да ни даде и други бенефиции.
Зарем ако веќе сакате да бидете политички активни мора да се зачлените во една од двете големи партии? Нема ли други?

А зошто воопшто да се зачленувате по партии? Бидете слободни, размислувајте со своја глава - одлучувајте, споредувајте ги програмите на партиите, вашето досегашно искуство, на избори гласајте по убедување, не од потреба.

Ние заслужуваме подобро, секој заслужува подобро.

Saturday, April 21, 2012

150 евра плата ли е?


Дневник / Датум: 20.04.2012
Наслов: СТОKМЕНА ЛИСТАТА ЗА ПРОМЕНИ ВО ВЛАДЕЈАЧKАТА ПАРТИЈА, ВМРО-ДПМНЕ ќе разреши 150 функционери

Да, потребни се промени, ама тие треба да тргнат од врвот па надолу. За 7 години, колку што е на власт оваа гарнитура, стандардот на живеење не се крена. сме и ќе останеме најсиромашни во Европа.


150 евра плата ли е? Како може да се егзистира со таа плата? (А и за таа плата тешко се наоѓа работа.)

Што му правите на овој напатен народ 20 години?
- Го мачите, се изигрувате со него.
Партиите на власт се менуваат а ништо во животот на луѓето не се менува на подобро. Слепи ли сте? Глуви ли сте?
Народот се уште гласа за ДПМНЕ затоа што мисли дека нема друга алтернатива - толку негативен впечаток остави Црвенковски после своето владеење.

Кога ли народот ќе стане поумен и гласа за некоја трета или четврта опција?

Friday, April 13, 2012

Болести на здравиот разум

    Да ги евидентираме „Болестите на здравиот разум“. Тоа се болести на општеството што го спречуваат правилно да се развива.
    • Партиска демократија
    • Партиски вработувања
    • Непотизам
    • Малограѓанштина
    • Непрофесионализам
    • Нефункционален систем и институции
    • Селективно спроведување на законите
    • Зависно непрофесионално непродуктивно судство
    • Недемократски (лидерски) партии изградени врз национална база
    • Партиско едноумие
    • Нефункционална (консензуална) демократија
    • Непродуктивен политикански парламент
    • Живеење во паралелни светови
    • Подвоена национална свест
    • Конзервативно дисфункционално општество
    • Полтронство
    • Лицемерие
    • Снобизам
    • Низок животен стандард
    • Неефикасна економска политика
    • Извоз на суровини или производи со мала додадена вредност
    • Ниско ниво на култура и почитување
    • Верска сегрегација
    • Несекуларност
    • Пад на моралните и етичките вредности
    • ...

    Овие појави создаваат затворени маѓепсани кругови, додека тие не се разбијат ништо нема да се смени на подобро.

    Може да се каже дека тие се општочовечки слабости кои се среќаваат и во други општества.

    Мораме да сфатиме и да прифатиме дека на секое општество (група, заедница на луѓе) им е потребна заедничка организација, затоа што тоа им го олеснува живеењето на луѓето, го прави посигурно, насочено и им дава цел на единките.

    Главна форма на организација и на здружување на луѓето, застапена денес е формата на држава. Значи ние споделуваме во рамките на државата во којашто живееме и добро и лошо.

    Некои држави имаат позитивен имиџ, други негативен. Некои се продуктивни, други се непродуктивни. Во некоја држава луѓето работат за мизерна надница, во други држави месечната плата е поголема од таа на претходно споменатите добиена за целогодишна работа.


    Нашиот живот, нашите постигнувања и остварувања во многу зависат од општеството во коешто живееме, затоа наша обврска е да ги евидентираме и да се бориме против горенаведените болести.


    Како и при постапување при лекување на некоја болест во човечкиот организам, се постапува и при лекување на болест на општеството:

    1. Се евидентира болеста (дијагноза).
    2. Се наоѓаат и отстрануваат причините што доведоа до болест.
    3. Се отстрануваат последиците на болеста.
    4. На организмот му се даваат биостимуланси за да го зголеми имунитетот и овие болести веќе да не можат да му наштетат, туку да ги отстранува (уништува) со самата нивна појава.

    Wednesday, March 21, 2012

    "F5" - Михајло Стојановски Мики: Македонија - Dg. Rabidus Congregatio - Е фак ит!

    "F5" - Михајло Стојановски Мики: Македонија - Dg. Rabidus Congregatio - Е фак ит!:
    ...................................................................................................................

    Се случи приватизацијата, илијадници невработени, крадење, ЕУ мисии, ОБСЕ мисии, САД мисии. Ни солеа памет, ум, гомнарии и што ти не. Никна олигархијата, се продлабочи сиромаштијата, сардисани од сите страни што од ембарга, неможност да мрдниш од државата и пред се безпарицата, гушејќи се самите себе си од сопствениот прдеж (и малку странскиот) преминавме во војна 2001, атентати (два според мене) и креирање на двопартиска елита (наместо онаа еднопартиската). 

    Илијадници телефонски повици по Бумбари, Здраво Македонија, Добро утро Македонија од пензионери и невработени. Плачат по стариот систем кога државата се сеќира за вработувањето на младите. Тој филм драги гледачи...нема да го гледате!

    ЈУ носталгијата (онаа погрешната) ги премина сите граници. Кичерајот од пред селските кооперации премина и во градовите. Започна „на велико“ да се слуша турбо фолк, да се гледаат „Звезде Гранда“ да се читаат креми, пасти и секакви други културни напасти. Излегоа на телевизија трансвестити, педери, лезбејки, порно клипчиња од малолетници и сите сме среќни и задоволни (освен што не сме вработени) што живееме во демократија.

    El Fiasco е она бегање од реалноста преку перачките машини наречени „турски/шпански/хрватски/бугарски“ серии на телевизија и илијадниците евра дадени за реклами на истите (наместо во добротворни цели за некое дете заболено од леукемија). 

    Власта, да не остани покусо зад цел овој кич, започна да ни гради споменици, летниковци, палати. Градот се гуши , неможе да „дишЕ“ (читај: дишИ) , а ние влегуваме во барокот. Започнаа дури Бах да ни го пуштаат. А народецот? Народецот падна во делириум. Каде ли живееме? Каква трансформација... Вау...новиот Рим на Балканот. „Држ ме мајко се испострав...и то пролив!“

    Ги ставив цвикерите (а.к.а наочарите) и со докторски занес, знаејки ја историјата на пациентот... воопшто не ми беше тешко да ја напишам дијагнозата „Dg. Rabidus Congregatio ” (лат. Лудо општество). АКУТНО!

    И така во целата таа маштејнца од луѓе ќе најдеш еден мал процент од младите, кои на лицата им се отчитува “WTF!?”. Ама и на нив им го наоѓаат крајот. Несоодветно државно образование, откако ќе завршиш вистинска среќа е да најдеш плата за 200 еур, потреба од  партиска книшка. За надвор од државата, а и внатре – сме преквалификувани. Сите сме дипломирани, магистри,... со милион сертификати, ... а ни 5 мин. реална студентска пракса.

    Си тониме полека ама сигурно. Како што мрдаме повеќе, уште повеќе тониме. Знаете, најчесто во лоши ситуации кога си пола во гомна... човек има надеж. Ќе помине некој добронамерник ...ќе ти подаде некоја гранка ќе се извлечиш, но тоа ниво одамна го поминавме.

    Навистина жално, ама вистинито е што ни нема спас! 

    Никогаш! 

    Never…Ever! 

    Освен во некое екстремно лошо балканско сценарио на поделба, на кое не сакам ни да помислам.

    Сами сме си криви и никој друг. Не инвестирањето во вистинските морални и општествени вредности (притоа не мислам на патишта и железници) не направи она што сме. Неукоста (не формалното образование), менталитетот, дури и онај Стокхолмски синдром кој го имаме спрема политичарите не доведе во ова тереџе (дереџе). 

    Како порака за крај:

    Ниедно општество нема да се развива и да биде среќно доколку поголемиот дел од неговите членови се сиромашни и мизерни – Адам Смит. 

    Паметен човек...

    Ви благодарам на вниманието

    Пријатно

    Tuesday, March 20, 2012

    Па нели државата сме ние?


    Па нели државата сме ние?
    Ние ги избираме избраниците на нашите глави, ние можеме да побараме отчет за нивната работа, ние можеме да побараме промени, но не спречува сервилноста. Се продаваме за интереси и бенефиции такви како вработување и позиции што според своите вештини и знаења не ги заслужуваме.
    Значи, самите сме заслужни за состојбите околу нас - ја играме играта.


    Јас зборувам за менталитет, нели се зборува дека сме многу трпеливи? Да толку трпеливи дури и сервилни, од страв, од страв да бидеш поинаков, од страв да имаш свој став и мислење, од страв да не испаднеш смешен или глупав, од страв да не ти се случи нешто лошо, од страв да не ги изгубиш гореспоменатите бенефиции.


    Власта треба да е сервис (услуга, слуга) на народот, а ние ги воздигнуваме политичарите на ранг на богови. 

    Monday, March 19, 2012

    Снобизам


    Зошто има толку непочитување во нашите меѓусебни односи?
    Зошто има толку понижување, исмејување и омаловажување?
    Видете, јас разбирам дека тоа се општочовечки карактеристики и ги има на сите меридијани, но тоа што се случува кај нас ги надминува границите. Па кај нас тоа е правило во меѓусебните односи.
    Мислам дека тоа доаѓа од несигурноста на луѓето во своите сопствени квалитети, во својата позиција во општеството, па мораат да понижат или да омаловажат некого за да се почуствуваат вредни.
    Еве тривијален пример. Некој е подобар од тебе во некоја работа, ти никако не си задоволен од таа ситуација и сакаш да ја промениш во твоја полза, постојат два начина:
    Потешкиот начин: учиш како да го достигнеш и да го надминеш постигнувањето на опонентот. Овој начин не гарантира успех затоа што секогаш некој е подобар во нешто од другиот, едноставно подобро му оди, можеби има подобри предиспозиции.
    Полесниот начин: Треба да го омаловажиш, оцрниш и негираш постигнувањето на опонентот, па тогаш тоа што го правиш ти - малку и неквалитетно, да изгледа како единствена можна опција и понуда.
    Нашите луѓе го применуваат вториот начин - полесно е.
    Затоа, ние не признаваме вредности, постигнувања, квалитет.
    Затоа ова наше општество не создава врвни резултати, затоа нашата економија не создава брендови, затоа не добиваме вишок на вредност, затоа имаме најниски доходи по глава на жител во Европа.
    Текстов го заглавив снобизам, а зошто снобизам?
    Затоа што истите тие луѓе што толку ги понижуваат и ги омаловажуваат тие околу себе, истите тие се сервилни и неми пред авторитетите и властодржците, дури и во ситуации кога се онеправдани.
    Ете ти - општество на снобови.



    Непочитувањето и непризнавањето на вредностите доведува до загуба на квалитет и до состојба во која поединците не соработуваат.
    Брендирањето и со тоа создавањето на зголемена вредност на производите го спомнав затоа што за нивно создавање се потребни токму квалитетот на производот и квалитетни односи во создавањето на производите, тоест соработка. Економијата е во состојба во каква што е затоа што не создаваме производи и услуги со зголемена вредност, извезуваме полупроизводи или готови производи со мала додадена вредност.
    Кога зборуваме за производство на производи кои покрај тоа што ќе се продаваат на домашниот пазар и ќе се извезуваат, тогаш нема значење малиот домашен пазар, потребна е посветеност, соработка и квалитет.
    Терминот сноб обично се употребува кон човек кој своите човечки карактеристики (кои некому му изгледаат како недостатоци) се обидува да ги скрие со посегнување по скапи предмети (оваа човечка карактеристика ја користат производителите на луксузни, екстравагантни производи), со прекумерна употреба на странски зборови и со надменост.
    Значи, снобот е своевиден лицемер.
    Јас говорам за снобизмот во меѓусебните односи, за лицемерието на определено лице кое нема изградени стандарди на однесување и со едни луѓе се однесува со надменост а спрема другите е сервилно.



    Saturday, March 17, 2012

    Живееме во општество на аматери и полуаматери

    Го имате ли тоа чувство дека на многу работни места се вработени луѓе што не си ја завршуваат работата професионално?
    Колку пати го имам забележано тоа: некој не проверил, некој не размислил, некој лежерно се однесува а поради тоа страдаат други луѓе, некој не се замара - секако ќе си добие плата, некој нема никаква одговорност за работите што  (не) ги завршува, некој не си ги поправа грешките...
    Затоа, тука работите не се менуваат на подобро.

    Примери:
    1. Мноштвото на грешки во книга која што е лекторирана (Што работел лекторот? Дали воопшто ја има потребната стручност или едноставно не се замара? Ако е тоа учебник, кое пренебрегнување е тоа спрема родниот јазик? Учениците - студентите се навикнуваат на седозволеност и волунтаризам спрема јазикот)
    2. Во книгите на универзитетски професори се среќаваат нелогичности својствени на дете од 4-то одделение (Книгите се потпишани од рецензенти, имаат ли тие одговорност или не се замараат, зарем не сфаќаат дека тие, универзитетските професори се најповикани да ги поставуваат стандардите во едно општество? Со своите постапки тие поставуваат ниски стандарди)
    3. Во некои од книгите од програмата: „Превод на 500 книги и учебници од врвните и најреномираните универзитети во САД и Англија, од областа на правото во Франција и Германија“  текстовите се толку неповрзани  што човек може да претпостави дека преведувала некоја алатка, таква како Google Translate, а не човек. Некој ги проверил ли тие преводи? Која е целта да се отпечатат тие книги кога никој нема да може да ги чита. Сте пробале ли некогаш да читате таков искршен текст?
    4. Универзитетски професори кои на час го раскажуваат својот живот наместо наставниот материјал.  
    5. Ајде да олабавам малку со образованието, следуваат примери од другите гранки.Ви текнува ли за превозните средства (возови, автобуси) што не поаѓаат, не стигнуваат на време?
    6. А што е со неквалитетно извршени градежни работи, посебно ако се добиени на тендер од родната партија (по нецела година плочките се кршат, асфалтот се бранува). Работата е завршена на брза рака без примена на потребните технолошки постапки, па кој ќе се замара сега?
    7. А за политичарите да не почнуваме да зборуваме. Ова што го гледаме околу нас е продукт на менаџирањето на нашите политички елити. Што направиле тие за 20 години? Се збогатија. А зарем ние, како држава не сме меѓу најсиромашните држави во Европа? Каде им е одговорноста?
    Списокот ќе го продолжам понатаму, воедно ќе додадам и конкретни примери за да ги поткрепам моите зборови. Можеби некој ќе додаде некоја точка?

    Friday, March 16, 2012

    Уводна дилема

    Тука, во овој блог, ќе ги најдете моите размислувања за околностите што не опкружуваат, за состојбите во општеството во коешто живееме.
    Ако овие размислувања ви изгледаат далечни и чудни, ништо страшно, можеби тие се само производ на болестите на мојот (не)здрав разум. Но ако во овие текстови препознавате и свои размислувања, тогаш со болест е зафатен здравиот разум на општеството во коешто живееме. Тогаш, работата е навистина сериозна.