Monday, October 27, 2014

Новинарска политичка проституција


Ова е најодвратниот новинарски прилог што сум го видел во целиот мој живот. Прилог, кој ги повредува етичките и професионалните принципи врз кои почива новинарската професија. Ова е толку ниско, што, човек се замислува, и си вика: може ли новинар, уредник и национална телевизија да се спуштат толку ниско и во побудата да угодат на една политичка опција да ги погазат сите човечки и професионални норми на однесување, нечиј интегритет, и да предизвикаат уште поголем анимозитет меѓу граѓаните и уште поголемо дерогирање на (и така ниското ниво) на култура на однесување меѓу луѓето. Да поживееме - па да видиме.

На тие што читајќи го ова мое писание импулсивно ме нарекуваат со секакви навредливи имиња, ниту јас, ниту кој било друг човек не може да им помогне. На тие што ќе продолжат да читаат, во поткрепа на горе изнесените искази, им поставувам неколку прашања и им нудам неколку објаснувања:
Што е суштината на новинарската професија? Дали новинарот треба да наоѓа и да пренесува новина, новост, вест, информација? Дали новинарот треба да измислува информација? Како да се нарече прилогот во кој се искористени снимки кои не се однесуваат на информацијата, туку се однесуваат на нечиј физички изглед, нечие неумешно однесување пред камера, нечија трема и невпечатливиот настап поради тоа? Дали е тоа новинарски прилог, кога, во него нема новина, нема информација? Тоа е свесен напад врз нечија личност. Тоа е исто како некој вокалист да снима неколку пати иста песна во аудио студио а продуцентот да ја одбере најлошата снимка, таа на која што вокалистот фалшира, се искашлува, или можеби сакајќи да биде интересен кажува некоја глупост, и таа снимка ја стави на носач на звук и ја размножи во тираж од стотици илјади, за, сите луѓе да ги слушнат мааните на вокалистот. Или пак, исто е како да викнеш фотограф на свадбата, и тој да направи стотици дигитални фотографии а од нив одбере десетина на кои се гледа невестата со зината уста, младоженецот како мерка некоја тинејџерка и кумот како истура шише со вино врз мајката на невестата, па тие фотографии ви ги даде како најдобри, како информација за тоа што се случувало на таа свадба и како објаснување на карактерите на фотографираните личности. Дали е тоа професионално? Дали е тоа известување? Дали е тоа новинарство? Не. Тоа е проституирање на новинарите, на уредникот и на телевизијата.

Што да очекуваме понатаму од таквите „новинари„?
Можеме да очекуваме тие да продолжат да им служат на влијателните економски и политички кругови, на актуелните и на било кои други што ќе дојдат при промена на власта и економските влијанија, промени кои кога - тогаш мора да се случат во било кое општество а камо ли во такво што се прокламира себеси за „демократско„. Таквите професионални проститутки не ѝ требаат на ниту една професија освен на самата проституција. За таквите „новинари„ е потребна лустрација, за да немаат право понатаму да се занимаваат со таа професија, за да не ја гнасат и уништуваат културата и општеството во кое што сите ние живееме.

Кога размислувам за ваквите „новинари„, во главата ми се појавува паралела со фотографите „папараци„, затоа што и тие се занимаваат со слична дејност: фаќаат некого неспремен, или пак, ја покажуваат реалноста зад фасадата која што ја гради некоја јавна личност. Но дури во таа професија наоѓам позитивности: папараците најчесто не прават селекција на јавните личности кои ќе ги „нападнат„, сите познати личности се нивна цел. Нашиве „папараци„ оцрнуваат само една политичка опција, а за другата политичка опција создаваат слика на херои и непогрешливи сезнајковци кои сè знаат, сè можат и треба вечно да останат на власт. Сепак, има и папараци кои работат по нарачка, за да оцрнат, понижат или разоткријат некоја личност. Но, во секој случај, не го очекуваме таквото еднострано однесување од водечките македонски телевизиски куќи.

Јас, секако, пишувам под влијание на вториот дел на овој новинарски „прилог„ (кој што е баш „прилог„ објаснет со кулинарска терминологија, главното јадење е манипулацијата со граѓаните), а што да се зборува за првиот дел од „прилогот„? Во кој новинари на секаков можен начин гледаат да оцрнат било каква активност на една политичка партија. И тоа во општество во кое, поради неразвиеноста на јавното мислење, и поради изманипулираната и зависна јавна свест, трета политичка опција нема да се појави уште многу децении. Според мене ова новинарско „дејствување„ е атака врз демократијата во Македонија, и оди во насока на создавање на спротивставености во општеството што не ќе можат да бидат разрешени на демократски, мирен начин. Овие „новинари„ работат за некоја политичка опција но, од друга страна тие ја уништуваат државата и нацијата. Сето ова ви го пишувам како неутрален, партиски необоен, посматрач на настаните, човек кој, на некој начин наоѓа сатисфакција, животна цел и самоизразување во уметноста и во пишувањето, и има каква – таква егзистенција. А замислете колкава количина на анимозитет е насобрана во луѓето кои што својот напредок и егзистенција ги очекуваат и ги поврзуваат  со политичките партии во кои што членуваат (пракса која што јас никако не ја одобрувам, но пракса која е општоприфатена во Македонија, во сите делови на политичкиот спектар), а нивните партии немаат можност на демократски начин да дојдат на власт.

Нели е време да се разбере дека одиме во пропаст?

Monday, October 13, 2014

Леб (вино) и игри

Леб (вино) и игри: Пастрмалијади, питијади, ајваријади, винофести, виноскопи, ракијади... јади... јади, па гледај сериски филмови по три-четири поред, па гледај пропагандистички вести и владин маркетинг.
Ова е стратегијата за зашеметување на и така зашеметениот народ - за да може што подолго да се владее и да се профитира.


Двојна етика и поделени морални „квалитети„



Слушаат сите, имаат уши.
Но, секој го избира делот од дадените препораки, делот што му одговара и врз него гради свое толкување, свој трактат, кој што често во спротивност со останатите делови од дадените препораки. Така се гради своја, интерна вистина, создадена од илузии и манипулации.
Итри,  итри Македонци.
Само интриги, завери, местенки и финти, тоа е дефиницијата на македонскиот политичар.
А што ќе прави простиот народ?
Што може да прави, освен да го повторува тоа што го гледа од „големците„?
„Обичниот„ или „простиот„ македонски човек е ставен во позиција да има двојна етика и поделени морални „квалитети„. Од една страна, тој, обичниот, им е сервилен на големците од коишто се поставил во зависништво, а од друга страна спрема припадниците на својот сталеж, спрема другите „обични„ се однесува со иста таква нискост и неморал, каква што му се проектира од „големците„, и нивните меѓусебни односи.
Во Македонија се сè прави на „против„ некого, за да му се наштети, за да се оцрни, омаловажи и уништи нечиј кредибилитет или личност.

Sunday, October 5, 2014

Комплекс на помала вредност

Сега слушав на вести: Тоше Проески бил италијански тип и пеел со италијански акцент. И тоа го кажуваат афирмативно, нешто како достигнат критериум. Нешто како: Цел на секој Македонец е да стане: Италијанец, Шпанец, Французин, Швајцарец, Германец, Американец... да земе бугарски пасош.
А срамно е да си Македонец и да останеш во Македонија.
Тогаш си смотан.