Thursday, July 25, 2013

Партијата е мртва - да живее партијата!


Се лустрираат соработниците на „системот“, тие биле „кодоши“ - добавувале информации за други луѓе во нивното опкружение, за такви луѓе кои отстапувале од идеолошката матрица што владела тогаш. „Кодошите“ тоа го правеле затоа што биле уценувани или затоа што очекувале и добивале бенефиции. Тие лесно се движеле по општествените хиерархиски скалила добивајќи званија и функции.

Со што таа тогашна „кодошка“ работа се одликува од сегашната „партиска“ работа?
Па сегашните македонски партии се потпираат врз лицемерите, кодошите, и врз луѓето кои за основа во нивната идеологија го имаат материјалниот интереси. Се етикетираат тие кои имаат поинакви идеи и размислувања, онемозможувајќи им да живеат нормален живот, за да бидат поубедливи кодошите, го прават тоа сесрдно додавајќи и измислувајќи.
Сега „ваквите“ ниско морални луѓе се пример за однесување за сите: само така се успева во овој нов „систем“, така се добиваат бизнииси и вработувања.

Wednesday, July 3, 2013

22 години тапкање во место (2)





Кажете им и на ДПМНЕ и на СДСМ дека ја уништија иднината на Македонија. Го исполитизираа, го испартизираа и продолжуваат да го манипулираат народот. Ги свртеа луѓето еден против други. Створија тешко поправливи спротивставености во општеството, по партиска и по национална основа.

Не беа економисти - не го поправија стандардот на живеење, куповната моќ се намалува, бруто домашниот производ стои во место. Па 150 евра плата лие? Доволно ли е за живот? Продолжуваат да ја задолжуваат државата за непродуктивни трошоци.

Не беа „политичари“ во вистинската смисла на зборот - не ја подобрија меѓународната позиција на државата, не го решија спорот со Грција туку ја доведоа државата во политички ќор-сокак. Беа политиканти и го лажеа народот дека времето работи за нас, или пак си ја префрлаа одговорноста едни врз други (тоа го прават најдобро).

Наместо да го поправат стекнатиот понижувачко-непочитувачки, одмаздници, а во исто време сервилен менталитет, тие го користат тој непродуктивен менталитет за да дојдат или за да останат на власт.

Кажете им дека не ги бива. Кажете им дека сето тоа што го направија за 22 години требаше да биде направено подобро. Кажете им дека ни одзедоа по 22 години од животите. Кажете им дека не ги сакаме ни едните ни другите. Кажете им дека жалиме што сме гласале на некои избори за едните или за другите, ама и кажете им дека тие две партии си ги искористија шансите; и дека веќе нема да гласаме за нив никогаш повеќе. А ако не увидиме дека и останатите политички партии не го застапуваат народот, тогаш нема да учествуваме на било кои наредни избори. Тоа кажете им го.

Кажете им дека во Македонија живеат луѓе што не живеат, тие луѓе егзистираат, нивното човечко достоинство е погазено, тие се експлоатирани на најсуров начин.
Кажете им дека поради нивните постапки, поради нивната организација на општеството македонските граѓани и граѓанки треба да си ја продаваат душата и телото (во вистинската смисла на зборот) за да преживеат и да ги прехранат членовите од своите семејства.

Кажете им и на ДПМНЕ и на СДСМ дека создадоа систем во кој не е важна професионалноста, не е важна човечката вредност и не се важни достигнувањата; важна е партиската припадност, важни се роднинските врски. Па тие отпуштаат нечии братучеди за да ги вработат своите.

Кажете им дека од Македонија луѓето се иселуваат. Кажете им дека тие се одговорни за оваа чума, тие не создадоа поволни услови за живот.

Кажете им дека не е доволно да се споредуваш со тој пред тебе и да докажуваш дека си подобар од него. На Македонија и беше, и се уште и е потребен исчекор, скок нанапред, за да може да го фати чекорот со развиениот свет.

Кажете им и на ДПМНЕ и на СДСМ дека ја уништија демократијата во Македонија. Дека во Собранието нема спротивставување на аргументи и факти - таму има надгласување, цели 22 години. Собранието наместо контролор на политиките на владата го претворија во гласачка машина и во послушник на владата. Па за 22 години по 10-тина пати се менуваа некои закони. Што кажува тоа? Тоа кажува дека законите не се носат за да траат, тие се носат за да и одговараат на конјуктурата на власт, а со тоа и на бизнис елитата што е поврзана со неа.

Кажете им го сето тоа, затоа што тие, заслепени од власта и од благодетите што ги носи таа не го гледаат тоа.

Кажете им дека за тоа што ни го прават нам; дека за тоа што ми го прават мене следи одговорност. Нивна среќа е што уставот и законите на Република Македонија не предвидуваат кривична одговорност за манипулација со народот, за непрофесионално работење, за уништување на ресурсите на државата. Одговорноста што ќе ја носат е политичка. Некои од нив веќе ја чувствуваат и ги сносат последиците. На Љубчо Георгиевски, на Бранко Црвенковски и на луѓето што се искомпромитираа заедно со нив народот веќе никогаш нема да им верува, повеќе од тоа - тие се омразени ликови во народот.
Иста судбина го чека и Никола Груевски.
Кое фајде за народот? Кое фајде за мене?