Saturday, September 24, 2016

Фер повик до сите опозициски сили, и леви, и десни и со етнички предзнак, за формирање заедничка изборна листа за изборите на 11.12.2016

Фер повик до сите опозициски сили, и леви, и десни и со етнички предзнак, за формирање заедничка изборна листа за изборите на 11.12.2016

Гледајќи дека опозицијата е обземена од лични суети и не може да се консолидира, за да може да го победи злото наречено Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ предлагам начин како да се формираат единствени листи на кандидати за пратеници за изборите на 11.12.2016:

  1. Како најголема опозициска партија СДСM ќе има носители во сите изборните листи во сите 6 изборни единици;
  2. Останатите 19 места, во секоја изборна единица посебно, се пополнуваат по лотариски систем со кандидатури од опозициските партии вклучувајќи го тука и СДСМ и независните кандидати кои треба да си состават интерни листи со кандудатури.
Предуслов:

Сите опозициски патрии мора да потпишат меморандум во кој ќе се обвзаат дека:
  1. После изборите нема да коалицираат со ВМРО ДПМНЕ;
  2. По добивањето мнозинство составената Влада ќе се насочи кон реализирање на деформациите во демократскиот систем наведени во извештајот на Прибе (одвојувања на партиите од државата, независно судство и медимуми, веродостоен избирачки список)
  3. По 2 години ќе се распишат повеќепартиски демократски избори на кои ќе учествуваат сите политички субјекти, вклучувајќи ја тука и ВМРО ДПМНЕ (каква што ќе постои во тоа време);
  4. Пратениците ќе се откажат од поголем дел од своите бенефиции (нема да наплаќаат енормни нереални суми за патни трошоци, платата ќе си ја скратат до средна плата во РМ);
  5. Собранието ќе донесе закони со кои негативна пракса на вработување партиски послушници во јавна и во државна администрација ќе се искорени засекогаш;
  6. ...
Поднесувањето заедничка листа нема да значи коалицирање, после изборот во Собрание пратениците остануваат насамо со својата совест.
Коцката нека реши.


За спроведување на идеите формулирани претходно веќе нема време:

Тендерски игри без граници

Тендерите за реновирање или за градба, што се распишуваат, ги добиваат „пријателски“ фирми кои што добиваат солидни суми за изведба на проектите а ги спроведуваат со максимално штедење на материјали и на работна рака (работат со несоодветни материјали, не ги почитуваат градежните прописи).

Овие практики поминуваат затоа што фирмите изведувачи се „пријателски“ па тој што треба да врши надзор не го контролира квалитетот на изведбата. Добиваат сите учесници во тендерите. Губат буџетите на јавните претпријатија, на општините; губи државниот буџет, губат граѓаните.

Никола Груевски е крадец и уништувач на Македонија, тие што го поддржуваат се негови соучесници

Никола Груевски мисли дека ја начека Македонија за џабалак и дека сè што украл ќе остане негово вечно, сиротиот тој - не знае дека животот е тркало: сега си горе - после си долу, сè што си правел - тоа ќе ти прават; сè што е твое - ќе си дојде, а сè што не е - ќе си оди.


А сироти во умот се и тие што слушаат, а се прават глуви и гледаат, а се прават глупи; кога човекот кого сме го избрале да работи во корист на нашата државата, времето, мислите и активностите ги насочува на тоа како што повеќе да украде од неа.

Wednesday, September 21, 2016

Државата сум јас - граѓанинот

Ако државата - тоа е Грујо, тогаш државата ни е луда и крадлива; ако имаме среќа ќе ни оди во апсана или самоубиство ќе си направи таквата држава.

Дури после тоа ќе биде - држава е секој нејзин граѓанин, затоа што секој граѓанин располага со дел од суверенитетот врз државата (читајте го Уставот на Република Македонија)
Уставот на Република Македонија е репер кај кој треба да се вратиме.

Најголема моќ во општеството има човекот; во демократските општества граѓанинот. Државата ја сочинуваат и таа постои заради луѓето.
Колку и да трае узурпацијата на власта и на моќта - луѓето ја враќаат моќта во свој посед. 
Така нека си знаат опортунистичките слуги на автократите кои пишуваат вакви учебници:
читајќи ги, цело време се прашуваш: - Намерно ли се пласира ова, од расипаност; или од глупост и дезорганизираност на општеството во кое живееме?
И сакаш да го прашаш авторот: - Добро бе, токмак (автори: Гордана Трајкова Костова, Ксенофон Угриновски, Крсте Василевски; рецензенти: Емил Сулејмани, Анита Ангеловска и Мубеџет Ахмет), како тоа државата има најголема моќ во општеството? Можеби ја кажуваш фактичката состојба? Ама така ли е запишано во Уставот? Токмак!
И како тоа државната моќ може да биде употребена за заштита на интересите само на една група луѓе? 
Има ли рецензија во оваа држава?
Има ли Министер за образование, има ли Министер за култура, има ли Уставен суд? Или сите чекаат што ќе им каже Грујо?

Груевски го искористи плодното тло - конформизмот, опортунизмот и сеирџиството карактеристични за македонскиот менталитет, затоа е изграден цел систем врз подлости, подмнетнувања, злоупотреби, корупција, манипулации, уцени и патриотизам заменет со партиотизам.
Грујо е на врвот на таа пирамида на злото.
Грујо е персонификација на тоа зло.

Wednesday, September 14, 2016

Знам дека не е хумано

Луѓе, до мене ли е? До Бога ли е? До Чинка ли е? Или пак, до Латас е? А? Доволно е да го слушнам тој глас и да ми се појави инстиктивна реакција - молневито го наоѓам далечинското, насочувам и пукам. (знам дека не е хумано)

Тешки времиња

Ај што детето се плаши од својата сенка, тоа можам да разберам. Ама возрасен човек да ти каже: - Абе тешки времиња се сега, човек мора да се пази што зборува. Тоа тешко да го разберам.

Wednesday, September 7, 2016

Живееме во непродуктивно општество

Нашево општество не напредува - затоа што не учи. Во него не се создаваат вредносни критериуми затоа што веќе достигнатите вредности се анулираат, се обезвреднуваат („се шарлатинизираат“ како што кажува Бранко Тричковски), се создаваат нови квазивредности, по некое време и тие се рушат, се заменуваат со нови квазивредности. Сево ова се прави и од глупост, но и од расипаност - некој да добие моментален ќар, да може непречено да владее со вака уништеното општество и да жнее по 5% од провизии.
Живееме во непродуктивно општество.


Тричковски: 
„Сакам да кажам дека не се работи тука само за местење на свои луѓе на одредени позиции, туку за уништување на идејата за вредноста и за личната и општествена реализација преку шарлатинизирање на секоја позиција и на секоја вредност остварена во минатото, ова е организирана битка за сведување на Македонија на едно големо ништо“

Branko Trickovski
Оништожување
Еве ме повторно со омилената ми теорија на заговорот: ова со професурите на Силви бенд е дел од процесот кој треба да заврши со назначувањето на Љубисав Иванов Ѕинго за центарфор на фудбалската репрезентација на Македонија и на Есма Реџепова за плејмејкер на националната селекција на најдобрите одбојкарки. Или за примабалерина во МНТ. Програмата се спроведува под мотото: Ако се сите за се, сите мора да се за никаде!
Во тој процес Тамара веќе ја уби Нина Спирова, а оној Илиевски му еба мајка на Драган Мијалковски, Валентинчето го смачка Петрета Хаџи Бошков, Вангелчо бин Тереза се пресмета со Константиновски, Диме Спасов со Лазар Мојсов, Друштвото на писателите со Јаневски и Коневски, МАНУ со науката и уметностите, МПЦ со верата, ВМРО со Македонија. Утре ќе го стават синот на Трајкота Вељановски да предава режија на ФДУ, што ќе го принуди Унковски да дојде да поработи малку на шанкот во кафето "Корзо".
Сакам да кажам дека не се работи тука само за местење на свои луѓе на одредени позиции, туку за уништување на идејата за вредноста и за личната и општествена реализација преку шарлатинизирање на секоја позиција и на секоја вредност остварена во минатото, ова е организирана битка за сведување на Македонија на едно големо ништо

Thursday, September 1, 2016

Изборите ни се потребни за да се потсетиме на Уставот на Република Македонија

„Marriage vows“ е современ термин што се употребува за ветувањето што си го даваат младоженците пред стапување во брак. Тие си ветуваат љубов и взаемна грижа "love and cherish". Постапката се појавила уште во римско време, потоа и во среден век, во Англија.
https://en.wikipedia.org/wiki/Marriage_vows
Сега, посебно во западното Христијанство, има постапка на обновување на ветувањата „Vow renewal"
При формирање на држава такво ветување е составувањето и прифаќањето на Уставот, на врховниот закон. А на кој начин се „обновуваат“ ветувањата дадени во Уставот во демократско општество? Со избори.
Значи изборите се потребни за да им се вратиме на заветите дадени во Уставот. Иако на изборите што се назначени за 11ти октомври нема да има исти услови за сите, иако на изборните листите ќе има луѓе за кои има индиции дека учествувале во злоупотреби и криминал. На изборите победува демократијата, затоа што тие на „малиот“ човек му даваат моќ да одлучува. Тие го потсетуваат дека нему му припаѓа суверенитетот над државата. Па дури и да е исплашен или поткупен, изборите ми даваат на граѓанинот чувство за одговорност за судбината на неговата држава.
Во сегашните околности, при сегашниот развој на демократската свест кај луѓето не може инстантно преку институционален пат да се вратиме кон Уставните начела, затоа што институциите се корумпирани. Па треба да се примени математичкиот метод на интерполација - последовно доаѓање до валиден резултат.
Треба да им се покаже на подржувачите на криминалниот клан на Груевски дека и избори не ги спасуваат тие што се огрешиле пред Уставот и законите, макар и да ги добијат изборите. Зошто? Затоа што ние остануваме истите и остануваме тука.


Изборите ни се потребни за да се потсетиме на Уставот на Република Македонија.

Албанскиот фактор / Faktori shqiptar

Првпат објавено од 
Коста Карев


Дојдов до заклучок дека Албанците имаат најголем удел во создавањето и продлабочувањето на политичката криза во Македонија.

Дозволете ми да објаснам -
Вчера на албанската телевизија Алсат, албанска водителка го прашува албанскиот партиципиент во власта, албанецот Али Ахмети:
- Како дозволивте да се реализира проектот Скопје 2014, кој е моноетнички и партиски проект на ДПМНЕ?
Ахмети одговори:
- Да не ја оа е сфаќаме така работата, да оставиме времето да го даде својот суд. На секоја нација некогаш и треба можност за докажување, така и ние го изградивме споменикот и плоштадот „Скендербег„
На тоа водителката му врати дека се работи за еден споменик наспроти стотици од друга страна. Ахмети продолжи да се оправдува.
Зборуваме за тој Ахмети кој во 2001 убиваше Македонци, се бореше против, според него, неправдите што му ги нанеле тие. Значи, истиот тој Али сега стана многу кооперативен, голем демократ и државник. Или и тој е уште еден држалник за власта и опортунист? Јас мислам дека дека вистината се крие во ова второво - Ахмети слепо сака да се одржи ој криминалво коалиција со криминалната ДПМНЕ затоа што, веројатно, и неговата ДУИ има удел во тој криминал, само што тој не беше изнесен во јавност од калкулаторот Зоран Заев.
А зошто Зоран Заев калкулира со изнесување на вистината за Македонија во јавност? Зато што е политичар, и главна цел му е доаѓање на власт, а за да дојде на власт, во околностите какви што се потребен му е „партнер„ од албанските партии. А тука да ја спомнеме најголемата „опозициска„ албанска партија ДПА и нејзиниот лидер Мендух Тачи, кој му вети вечна верност на Мијалков; тоа ли е „партнерот„ за калкулаторот Заев? Не. Затоа Заев не сака да ги расипе одностите со ДУИ, макар и имал индиции за нивни криминали.

Значи Албанците учествуваат во создавањето на политичката криза со потенцирањето на етничкиот концепт во градењето на државата наспроти граѓанскиот;
и учествуваат во продлабочувањето на политичката криза со останување во криминалната коалиција со ДПМНЕ, веројатно поради заедничките криминали (во нормално демократско општество премиерот за кого има индиции за направен криминал би изгубил поддршка од коалициските партнери, па би се избрала нова влада од истиот состав на пратеници или од пратениците избрани на наредните избори).

Решението за политичката криза во Македонија повторно лежи во албанскиот фактор. И кај Албанците, како и кај Македонците треба да се формираат нови и чисти политички субјекти кои ќе излезат во прв план. А најдобро за сеопштиот развој на Македонија (за развој на демократијата кој ќе повлече и економски развој) е формирање на вистински демократски и неетнички политички партии.