Sunday, April 29, 2012

150 евра плата ли е? [2]

На секоја одговорна влада репер треба да и биде добробитта и задоволството на народот што ја избрал.

За 20 години самостојност досегашните македонски влади не ја поведоа државата по патот на развојот и напредокот. Се што знаат нашите властодржци е да се споредуваат едни со други, кога всушност и покрај тоа што се менуваат партиите на власт, непродуктивниот систем на раководење останува.

Тоа што граѓаните на Македонија веќе во неколку наврати и даваат предност на ДПМНЕ зборува за тоа колку на луѓето им е опротивен држалникот Црвенковски а не дека менаџирањето на визионерот Груевски е исправно.

Луѓе (политичари), зарем не ви е срам?
150 евра плата ли е?
Зарем не знаете подобро да ја менаџирате и да ја организирате државата?

Луѓе (граѓани), зарем не ви е јасно дека за тоа што ни се случува сме одговорни самите?
Ние избираме да бидеме политички активни, се зачленуваме во една од двете големи опции, потоа чекаме таа партија да не вработи или да ни даде и други бенефиции.
Зарем ако веќе сакате да бидете политички активни мора да се зачлените во една од двете големи партии? Нема ли други?

А зошто воопшто да се зачленувате по партии? Бидете слободни, размислувајте со своја глава - одлучувајте, споредувајте ги програмите на партиите, вашето досегашно искуство, на избори гласајте по убедување, не од потреба.

Ние заслужуваме подобро, секој заслужува подобро.

Saturday, April 21, 2012

150 евра плата ли е?


Дневник / Датум: 20.04.2012
Наслов: СТОKМЕНА ЛИСТАТА ЗА ПРОМЕНИ ВО ВЛАДЕЈАЧKАТА ПАРТИЈА, ВМРО-ДПМНЕ ќе разреши 150 функционери

Да, потребни се промени, ама тие треба да тргнат од врвот па надолу. За 7 години, колку што е на власт оваа гарнитура, стандардот на живеење не се крена. сме и ќе останеме најсиромашни во Европа.


150 евра плата ли е? Како може да се егзистира со таа плата? (А и за таа плата тешко се наоѓа работа.)

Што му правите на овој напатен народ 20 години?
- Го мачите, се изигрувате со него.
Партиите на власт се менуваат а ништо во животот на луѓето не се менува на подобро. Слепи ли сте? Глуви ли сте?
Народот се уште гласа за ДПМНЕ затоа што мисли дека нема друга алтернатива - толку негативен впечаток остави Црвенковски после своето владеење.

Кога ли народот ќе стане поумен и гласа за некоја трета или четврта опција?

Friday, April 13, 2012

Болести на здравиот разум

    Да ги евидентираме „Болестите на здравиот разум“. Тоа се болести на општеството што го спречуваат правилно да се развива.
    • Партиска демократија
    • Партиски вработувања
    • Непотизам
    • Малограѓанштина
    • Непрофесионализам
    • Нефункционален систем и институции
    • Селективно спроведување на законите
    • Зависно непрофесионално непродуктивно судство
    • Недемократски (лидерски) партии изградени врз национална база
    • Партиско едноумие
    • Нефункционална (консензуална) демократија
    • Непродуктивен политикански парламент
    • Живеење во паралелни светови
    • Подвоена национална свест
    • Конзервативно дисфункционално општество
    • Полтронство
    • Лицемерие
    • Снобизам
    • Низок животен стандард
    • Неефикасна економска политика
    • Извоз на суровини или производи со мала додадена вредност
    • Ниско ниво на култура и почитување
    • Верска сегрегација
    • Несекуларност
    • Пад на моралните и етичките вредности
    • ...

    Овие појави создаваат затворени маѓепсани кругови, додека тие не се разбијат ништо нема да се смени на подобро.

    Може да се каже дека тие се општочовечки слабости кои се среќаваат и во други општества.

    Мораме да сфатиме и да прифатиме дека на секое општество (група, заедница на луѓе) им е потребна заедничка организација, затоа што тоа им го олеснува живеењето на луѓето, го прави посигурно, насочено и им дава цел на единките.

    Главна форма на организација и на здружување на луѓето, застапена денес е формата на држава. Значи ние споделуваме во рамките на државата во којашто живееме и добро и лошо.

    Некои држави имаат позитивен имиџ, други негативен. Некои се продуктивни, други се непродуктивни. Во некоја држава луѓето работат за мизерна надница, во други држави месечната плата е поголема од таа на претходно споменатите добиена за целогодишна работа.


    Нашиот живот, нашите постигнувања и остварувања во многу зависат од општеството во коешто живееме, затоа наша обврска е да ги евидентираме и да се бориме против горенаведените болести.


    Како и при постапување при лекување на некоја болест во човечкиот организам, се постапува и при лекување на болест на општеството:

    1. Се евидентира болеста (дијагноза).
    2. Се наоѓаат и отстрануваат причините што доведоа до болест.
    3. Се отстрануваат последиците на болеста.
    4. На организмот му се даваат биостимуланси за да го зголеми имунитетот и овие болести веќе да не можат да му наштетат, туку да ги отстранува (уништува) со самата нивна појава.