Tuesday, August 30, 2016

ЗБИРШТИНА ГЛУПОСТИ

Мака ми е од глупоста македонска.
Решив да не трошам време детално да образложувам зошто мислам дека нашето величење на ликот и делото на Александар III Македонски (Велики) е глупост. Но еве накратко:
1. Се фалиме дека имаме предок кој бил голем војсководец, освојувач. Тој со својата војска напаѓал други држави и ги ограбувал. А ние се лажеме себеси дека тој ширел култура - ГЛУПОСТ
2. Ако веќе ширел култура, ширел хеленистичка култура, како што кажа и тетката од видеото, не ширел македонск а култура. Тетката од видеото правеше дистинкција помеѓу хеленистичка и хеленска култура и се тешеше со тоа што Сашко наш ширел хеленистичка, а не хеленска култура - ГЛУПОСТ
3. Александар им се поклонувал на разните божества во кои верувале покорените народи, прифаќал и нивни обичаи (значи култура), бил космополит, протежирал мешање на разните народи со неговиот. Сето тоа е кажано во видеово. А сега ние, сегашните Македонци сакаме да се претставиме како наследници на Александар Македонски (Велики), но како „чисти“ Македонци. Нашата генеологија е недопрена од залагањата за мешање на народите на Сашко наш, нашите обичаи и култура се зачувани во најчиста форма и датираат од времето на создавањето на светот (деветиот ли ден беше кога се создадени Македонците? Тоа Тентов АРИСТОТЕЛ треба да го прашаме) - ЗБИРШТИНА ГЛУПОСТИ

Wednesday, August 24, 2016

Фолклор

Народот сам се суди и сам се осудува на ропство, прво едната половина народ им овозможува на политичарите да го крадат сиот народ за ситни бенефиции, потоа другата половина. Таков е нашиот фолклор. Напред, назад - пак на исто место.

Ориентир

Кога ќе се отиде во погрешна насока, кога ќе се изгуби ориентација за тоа каде треба да се оди, изгубениот би требало да се врати на претходната позната позиција. Тоа како функцијата restore на компјутерот. За нашето општество таква сигурна локација е донесувањето на Уставот на РМ. А во Уставот пишува дека Собранието е претставнички дом на граѓаните, не на политичките партии, дека судството е независно, не партизирано, дека Претседателот на државата има ингеренции да ги контролира сите состојби во државата, а не да биде приврзок на партијата на власт...
Треба да се ослободат институциите од окупацијата, да се намали силата на партиите, да се ослободат пратениците, а за тоа треба да се смени изборниот модел. Ова ако сакаме да ги превенираме понатамошните проблеми и да ги решиме работите на цивилизиран начин, преку институции, во спротивност анимозитетот само ќе расте до точка на физички судири.
Доволно ли е јасно?
Нешто слично пишував и тука за религијата:
http://bozetukalisi.blogspot.mk/2015/01/blog-post.html

И јас сум народ

Политичарите се итри и перфидни, тие го држат простиот и наивен народот во економско ропство. Прв чекор кон промена на ваквата ситуација е нејзиното осознавање и осознавање на причините кои доведоа до неа - поставањето анамнеза, па поставање дијагноза. Непризнавањето на фактите дека мнозинството луѓе не размислуваат со сопствениот интелект (едноставно ставени се во позција да немаат време да го прават тоа; туку со нив се манипулира преку медиуми и со уцени во однос на материјалната егзистенција) ќе ги остави состојбите такви какви што се.
Со самото тоа што луѓето кои критикуваат се ставаат на друга страна од народот (а и тие луѓе се народ, и тие живеат во оваа општествена заедница) се открива фактот дека ова наше општество се деградира, народот веќе не е хомоген и не е единствен; луѓето (граѓаните) не исти пред законот и пред институциите; општественото богатство (во нашиот случај - сиромаштија) не се распределуваат подеднакво.
Значи, кога кажувам дека народот е прост - констатирам состојба која сакам да ја променам, а не навредувам. Навредувањето не е продуктивно. И зарем би се навредувал себеси? И јас сум народ.

Tuesday, August 23, 2016

Грев ли е тоа да се каже: Народот е прост и наивен, а политичарите се итри и расипани

Мнозинството политичари (а кај нас и новинари) се итри, интелигентни, лицемерни лажговци и крадци. Простиот народ би требало да се пази од нив.

Sunday, August 21, 2016

Опозицијата е лоша, треба итно да го ставиме Грујо во опозицаја - да покаже како треба да се опозиционира

Нека биде по дпмновечко, во право се - опозицијата е виновна за сè. Ама опозицијата не можеме да ја смениме, а позицијата (Грујо, де) можеме. Кога ќе се смени позицијата - тогаш ќе се смени и опозицијата. Тогаш сегашната позиција ќе биде во позиција да покаже како тоа правилно и конструктивно треба да се биде опозиција.


Значи додека Грујо биде во позиција да краде и да не биде казнет за тоа - до тогаш ќе ја имаме истава (деструктивна, некооперативна) опозиција.

Tuesday, August 16, 2016

Луѓето не разбираат дека политичарите се само времени менаџери (раководители, управувачи, директори) а не сопственици на државата

Мнозинството луѓе во Македонија не го разбираат концептот на демократијата. Тие поаѓаат од својот посесивно - непочитувачки менталитет и сметаат дека на избори се добива сопственост врз државата и врз сите нејзини граѓани. Не разбираат дека изборите претставуваат делегирање одговорност од граѓаните врз пратениците, кои иако сто се избрани од пратеничка листа на партија, не се поседувани од неа и располагаат со својот човечки интегритет и право на самостојно дејствување. Истото важи и за членовите на Владата која се избира и би требало да одговара пред колективниот раководен орган (парламент, собрание); и тие се индивидуи кои располагаат со свој интегритет, со право самостојно да одлучуваат, но и да сносат одговорност за своите одлуки. Да го спомнеме тука и институтот Претседател на држава, кој би требало да биде врховен коректор на сите процеси во државата.

Ова што се случува кај нас е свесно откажување од сопствениот интегритет и персоналитет и од страна на пратениците и од страна на членовите на Владата - во корист на автократска партија. На тој начин сите демократски механизми, до чие осмислување човечката цивилизација поминала илјадници години, се бајпасирани, занемарени, опструирани и оневозможени.
Ваквиот систем само привидно е демократски, од причини што се спроведуваат повеќепартиски избори и постои парламент, всушност владее автократија, хегемонија - царство.


Од неразбирањето на функционирањето на демократијата произлегува и неразбирањето на функцијата на политичките партии и улогата на политичарите во едно демократско општество. Луѓето не разбираат дека политичарите се само времени менаџери (раководители, управувачи, директори) а не сопственици на државата; и дека политичките партии се само здруженија на граѓани кои сакаат да превземат одговорност а не се колектори на моќ кои ги преземаат ингеренциите и прерогативите на државата.