Thursday, June 27, 2013

Атрофирани општествени демократски механизми

Секој избран политичар работи како што знае и може или како што не знае и не може (на изборите, најчесто, избираме врз основа на имагинарната слика којашто политичарите ја прават околу себе, нивните ветувања и негацијата, во повеќето случаи на личноста на опонентите) па после тоа ги користи механизмите на власта за да им наметне на луѓето мислење дека тоа што го направил е најдоброто што би можело да се направи во тие околности.

За да се дојде поблиску до вистината треба да има сопоставување на друга реалност, други начини на решавање на проблемите, здрава дебата во општеството. Дебата во која на конкретната тема ќе го дадат своето мислење експертите, упатените новинари, луѓето од засегнатата фела.

Кај нас повеќето луѓе ја ставаат својата професионалност во втор план (или не ја поседуваат) па, водејќи се од материјални интереси застапуваат нечија позиција. Значи ние имаме поделени по табори експерти, новинари, стручни лица...
http://blogatash.wordpress.com/2010/01/05/%D0%B5%D0%BA%D1%81%D0%BF%D0%B5%D1%80%D1%82%D1%83%D1%82%D0%BA%D0%B8/

Никој нема „да ја оправи работата“ ако не знае, не може, ако општествените механизми не ги вадат неговите дела на видело, па политичарот да биде натеран да дава подобри резултати во страв дека ќе ја изгуби поддржката на народот.
Мора да проработат општествените механизми на самоконтрола. Како да се направи тоа не знам ни сам, но знам дека мора да има драстична промена во начинот на владеење. Не смее да ни се повторува истото, па цело време да се бара за виновник некој од претходниците или да се споредува некој политичар на функција со минорните постигнувања на неговиот претходник.

Граѓаните на Македонија заслужуваат подобар живот.

Friday, June 21, 2013

Снобизам (пак)

Во Гевгелија, во Сити кафе на 22.06.2013:
- Келнер да платам!
- Изволте, имавте 4 пива, значи 280 денари.
- Да ти платам сега или после? (се обидува да биде интересен)
- Како сакате.
- Добар си ти, келнер. (вади од џебот 1000 денари и му ги дава на келнерот)
Келнерот: - Изволте (му враќа кусур 220 денари, си оди, седнува на соседната маса и почнува интересен разговор со другарите)
Муштеријата: (со чудење, полу-накај- цело пијан го пребројува кусурот)
- Па нели му даде 1000 денари?
- Му дадов
- Па што се чудиш, да го викнам?
- Викни го
- Дечки!
- Изволте
- Нели ти дадех 1000 денари?
- Еми...
- 1000 денари ти даде!
Келнер: (ваѓа од џебот пари, гледа во нив и со лажен израз на лицето) Ми виа са залепиа. (му го враќа дополнителниот кусур на муштеријата) Извини
- Како бе, извини?
- Еми згреших (си оди)

Во Гевгелија, во во една ординација во Амбуланта Гевгелија, пет дена порано:
- Ми дечко, треба да платиш 100 дена'ра на мене и ја ти пресметка оди плати си на каса 40 дена'ра
- како тоа - да платам и тука и таму?
- Ми, треба да платиш за преглед, а треба да платиш и за упатот
- ??? Па нели треба да ми дадете фискална сметка?
- Ми, ќе ти дадам утре, бе дечко
- (сепак, ваѓам 100 денари од џебот и плаќам)

По неколку дена, на претходното место, откако ја отчукав сестрата кај финансискиот директор на амбулантата: -  Сестро, ми наплативте 100 денари кои не требаше да ми ги наплатите.
- Е как така? Еми ти дадех фискална - „Добро здравје“ (ме прави будала, преку сила)
- Сестро, фискалнава не е издадена во институцијава каде што работите, освен тоа фали горниот дел каде што пишува од кого би требало да е издадена, на сите пациенти ли им наплаќате така?
- (збунето) не (ваѓа од џебот 100 денари) ќе ви ги вратам 100-те дена'ра, само дајте ми ја фискалната да ја поништам
- Сестро, фискалната е сега мој документ, а ти треба да ми вратиш 100 денари (и ги земам100-те денари од рака) а ако се извиниш убаво нема да има постапка против тебе.
...

И двата наведени настани говорат за постоењето на истиот понижувачко-непочитувачки менталитет. Всушност се работи за снобовски менталитет, во смисла: спрема некого надмен понижувачко-непочитувачки однос, а спрема властодршците (тие што те ставија во таква позиција да мора да ги лажеш клиентите за да си обезбедиш достојна „плата“) сервилен однос.


Sunday, June 9, 2013

Понижувачко непочитувачки менталитет 2

„Еден човек бил многу сиромашен и не можел да си го прехрани семејството. Соседите му се смееја и се подигруваа со него: - Смотан! Не знае да се снајде - говореа тие.
Еднаш додека човекот берел дрва во планина му се доближил избеган коњ. Човекот го зауздал коњот и го одвел дома. Во селото разгласил дека нашол коњ и дека го чека сопственикот, за да му го врати. Половина од селаните се изредија во куќата на човекот докажувајќи дека коњот е нивен, но никој од нив не знаеше да каже точно како коњот беше обележан. Коњот остана кај човекот, тој почнал да работи користејќи го и почнал да заработува.
Другите луѓе му завидуваа на човекот и говореа: - Види го! Нашол коњ! Па тој го украл! И не само што го украл, туку и газдата на коњот го убил. А сега, демек, чека да се јави газдата!
Еднаш синот на човекот го јавал коњот, се залетал и паднал од него. Толку тешко се повредил што до крајот на животот останал инвалид и одвај можел да се движи.
Луѓето се ситеа и говореа: - Видовте ли? Излезе правдината на видело! Нашол коњ!!! Ете, Господ го казни!
За кратко време почнала тешка војна, поголемиот дел од военоспособните отидоа на фронт и веќе не се вратија. Синот на човекот не беше военоспособен и остана дома.
Луѓето чии синови и ќерки загинаа..................................................“

Луѓе, живејте ги своите животи, гледајте да постигнете значајни работи. А ако некој околу вас успева во нешто - поддржете го и радувајте се заедно со него.
Какви луѓе би сакале да имате околу себе? Успешни или неуспешни? Среќни или несреќни?
Ако ги понижувате и ги исмевате луѓето околу себе, не значи дека сте направиле нешто значајно во вашиот живот и дека сте „подобри“ од тие луѓе. Тоа значи дека вие сте одзеле, или се обидувате да обезвредните нечија вредност, успех или среќа. Со тоа се осудувате себеси на живот во опкружение на несреќни и неуспешни луѓе. Тоа ли ве прави среќни?
Ако е така, вие сте исклучително болна личност.

Дисфункционална (куца) демократија

Во демократски организиран систем може ли да му се забрани на човек да размислува како што сака и да го кажува тоа што го мисли?
Не. Тоа би ја компромитирало демократијата во системот.

Од друга страна, во демократски организиран систем дали му е дозволено на поединецот да прави што сака и каде сака?
Не. Тоа би значело дека нема систем (организација, ред и законитост).

Значи, системот ги одредува релациите помеѓу поединците во рамките на општеството. Во рамките на системот постои уставот и постојат законите. Уставот и законите гарантираат дека ничии права и слободи нема да бидат нарушени, и дека сите во рамките на општеството ќе ги исполнуваат своите обврски. Уставот и законите се динамична категорија, тие се менуваат за да ги задоволат потребите на граѓаните посоодветно.

Во системот, на локално и на ниво на држава граѓаните се претставени посредно, преку советници и градоначалник на општината, на локално ниво; и преку пратеници во собранието (законодавна власт) и претседател на државата, на ниво на држава.

За почитувањето на уставот и законите е одговорна извршната власт (Владата со нејзините министерства).

За санкционирање на непочитувањето на уставот и законите е одговорна судската власт.

Секој демократски систем се потпира на трите столбови на власта:
  1. Законодавна власт;
  2. Извршна власт;
  3. Судска  власт.
Ако некоја од горенаведениве власти не функционира, тогаш имаме дисфункционална (куца) демократија, која што всушност и не е демократија, туку, само поседува определени карактеристики на демократијата.

Сега, поконкретно за видеото што е прикачено тука:
Овој „господин“ и неговите компанјони имаат право да го кажуваат тоа што го кажува, но не таму каде што го прават тоа, освен тоа тие немаат право да ги газат правата и слободите на другите луѓе со своите постапки:
  1. Нарушување на јавниот ред и мир;
  2. Уништување на приватна и заедничка сопственост;
  3. Искажување јавни навреди и закани;
  4. Сметање на извршување на работните задачи и обврски;
  5. ...
Горенаведените нарушувања на законите треба да бидат гонети по службена должност од страна на Јавниот обвинител и Министерството за внатрешни работи и санкционирани низ судска постапка.

„Господата во униформа“ би требало да се претпостави дека се на работна задача, која генерално може да се дефинира како гарантирање на редот и почитувањето на Уставот и законите. Тие би требало да го пресечат секој обид за нарушување на јавниот ред и мир и да оневозможат нарушување на нечии права и слободи.
Тоа што тие немо набљудуваат како се нарушува редот и законите претставува соучесништво. Таквата постапка треба да повлече професионална одговорност и отстранување од работа..
Па тие „Господата во униформа“ се одлично платени од општествените пари, а и користат бенефиции недостапни за другите граѓани (предвремено пензионирање и др.)
Мојата лична претстава на македонски полицаец е „човек што седи во полициска станица и гледа телевизија“. Имам причини да размислувам така.

„Антифашисти ниедни!“

 http://www.youtube.com/watch?v=ya8Wj11noVQ




Saturday, June 1, 2013

За политичката проституција

Some men change their party for the sake of their principles; others their principles for the sake of their party.
Churchill, Winston

„Некои луѓе ги менуваат партиите заради својата принципиелност, други ги менуваат своите принципи заради нивната партија.“
 Винстон Черчил
 

  Сè е кажано.