Friday, May 4, 2018

За нехуманоста и за неодржливоста на капитализмот

За нехуманоста и за неодржливоста на капитализмот
На прва фразите: „секој треба сам да ја превземе одговорноста во свои раце за да има поубав живот“, „Изборот е твој“ звучат убаво, дури и мотивирачки. но, согласете се дека сите луѓе не можат да бидат успешни, нели? Секогаш ќе има некој што не може да постигне, некој што доцни, некој што има страв. Секако дека најлесно е да кажеш дека тие луѓе се мрзеливи, па си ја заслужуваат судбината, а можеби ќе ги наречеш и неспособни, но тоа е веќе оправдување на идеологијата на супремација, која всушност му е својствена на човекот како на животно. Но кај човекот се развила многу пософистицирана свест од другите примати. Затоа човекот е способен да чувствува емпатија.
Имајќи предвид дека свеста и интелектот кај луѓето се на многу повисоко ниво од тие на животните можеме да заклучиме и дека устројството на човечките општества треба да биде понапредно од животинските заедници.
Ако кај животните важат едноставните правила на брутална доминација, кај луѓето се развиваат односи на взаемност и соработка.
Иако работниците не се приморани да работат кај некој капиталист, можат да дадат отказ и да најдат друго работно место, значи не се приморани физички; тие се заробени во безизлезот на егзистенцијата во потрошувачкото општество. Значи заробени се ментално. Тие мора да заработат за да можат да си го дозволат конзумеризмот кој е проектиран во општеството, а повеќето од нив не можат да му се спротивстават.
Доаѓаме до ситуација кога за да (пре)живеат повеќето луѓе мора да допуштат да бидат експлоатирани.
Споменав ново зборче - работниците се „експлоатирани“, тоест искористени, па се поставува прашањето: - Од кого се искористени работниците? А одговорот е: - Од другиот учесник во создовањето вредности при процесот на работа. Од парите. Поточно од тие што ги вложуваат своите пари во организација на работата. Тоест од страна на сопствениците, од газдите. Значи газдите се богатат за сметка на работниците, тоест ги експлоатираат, што не е добро, не е хумано, не е емпатично и на крајот на краиштата не е одржливо. Затоа така се продуцираат кризи.
Некој ќе каже дека газдата се жртвува за работата, троши многу повеќе посветеност и енергија од работникот, но тоа не е точно, затоа што една е улогата на газдата како вложувач на пари во организирањето на работата, а друга е неговата улога како учесник во работниот процес, тоест работник. Секако дека истиот треба да добива финансиска сатисфакција за вложениот труд во работниот процес но таа треба да биде диктирана од пазарната вредност на трудот, како и за секој друг работник.
Ќе прашате: - А каква финансиска сатисфакција ќе добие сопственикот на капиталот (газдата) за тоа што со своите пари го овозможил создавањето на нова вредност преку работниот процес?
А одговорот е: - Треба да добие соодветна дополнителна вредност соодветна на пазарнат вредност на парите (на капиталот) - камата.
Се согласувам и со тоа дека секој учесник во процесот на работата треба да понесе одговорност, оти резултат на работењето може да биде и загуба, која треба да биде распределена пропорционално помеѓу сите учесници во работниот процес, исто како што треба да биде распределена и добивката.
Цивилизацијата секако некогаш ќе си ги осознае грешките и ќе ја елиминира експлоатацијата и ќе стане многу попродуктивна.
До тогаш ќе живееме во полуживотинско, непродуктивно, конфликтно општество на кризи и ќе кажуваме дека „животот е суров“ и „мора да се прилагодиш на промените или ќе бидеш на маргините“.

Ми се допаѓаПокажи повеќе реакции
Коментирај