Tuesday, July 15, 2014

Македонска ненародна (ненационална) телевизија


Ете, смислив ново име за фирмата што преку јавната давачка за радиодифузија ни цица од домашните буџети. Се работи за МРТ или МРТВ, или македонското МТВ, Македонска радио-телевизија, или пак Македонска национална телевизија, како што сакаат да се нарекуваат.
Нема да навлегувам во тоа колку таа телевизија е професионална, дали има преку мера вработени работници (неработници) и дали таа телевизија е МРТВА, како што пишуваше во колумна едно ќељво и ќењаво непријателче, коешто сега има емисија на таа телевизија (а колумната ја нема никаде на интернет). Не. За друго ќе пишувам.

Ќе пишувам за тоа дали таа телевизија е национална, тоест за нацијата, тоест народна; или е ненационална, отворена и достапна за определени снобовски категории на луѓе и ненародна.
Дури нема да пишувам за политичкиот аспект на работењето на оваа телевизија, којашто би требало да им дава подеднакви можности за медиумско експонирање на сите политички структури и движења во Република Македонија, а не да биде мегафон на власта и на Владата (нешто на што помислија барем половина од читателите на овој текст). Повторно: не.

Пишувам за тривијална работа којашто ми се случи лично мене.
Дали знаевте дека во зградата на МТВ не може да влезе маж којшто има облечено шорцеви или бермуди? Не може. Обезбедувањето нема да го пуши подалеку од пријавница затоа што тој не е „соодветно„ облечен. Значи, има посебен код за облекување на мажите што сакаат да ја посетат таа „организација„ на здружен труд. Не грешам кога пишувам дека оваа рестрикција се однесува само на мажите. На жените им е дозволено да ја поминат капијата на институцијата и во мини здолништа и во мини шорцеви и во било што облечено на нив. Значи - дискриминација. Рестрикцијата се однесува само на мажите.

Еден од вработените во обезбедувањето ми кажа дека тоа го прават под закана да бидат казнети со 20 процентно намалување од платата, правило коешто го пропишал лично директорот на оваа институција. Вработениот на мојата забелешка дека поради таквиот нивен „пропис„, јас, дојден од друг град, не можам да ја реализирам целта на своето патување, и тоа во мојата, во НАЦИОНАЛНАТА телевизија, ми се пофали дека не пуштил подалеку од пријавницата и такви имиња како Тијана Дабчевиќ, која дошла со кученце; илипа Роберт Саздов, кој дошол „во шорцеви пократки од твоите„ па кога овој последниот му се пожалил на директорот, директорот слегол долу, на пријавница, и лично го испратил Саздов дома по „нормални„ пантолони.

После овој  настан се присеќавам на неколкуте слични настани што ми се случиле во животот:
пред 7-8 години не ме пуштија да влезам во Судот во Гевгелија, тогаш се бунев дека и јас сум граѓанин на оваа држава и дека таквиот однос ме спречува да ги користам сите мои права, меѓу кои и обраќање во суд (а можеби и немам друга облека?);
пред 20тина години во Одеса, тогаш СССР, неколку бабички исфрлија од црква две мои пријателки затоа што носеле пантолони (или шорцеви беа) и на тој начин ги оддалечија од Господ и од Спасението;
пред некои 30тина години во Ташкент, СССР, еден стар Узбек, со бастун покажуваше на моите „голи„ нозе и викаше неразбирливи, осудувачки зборови. Тогаш ние од Југославија ја носевме слободата и модата во тие заостанати делови на СССР - носејќи шорцеви.

И ете сега, во оваа наша Македонија ми се случува пак истото. Значи ли тоа дека сме отишле наназад со поимањето на граѓанските слободи? Криминал ли е да носиш шорцеви? Па таква е климата кај нас - тропска. Па во некои држави, со клима слична на нашата, и службениците носат шорцеви.

Значи, оваа телевизија не е за сите граѓани, не е за народот, не е национална, така и ми кажаа:
 - Дечко, ова е национална телевизија, тука не можеш да влезеш било како.

Ете ти: Македонска ненародна телевизија
Убаво име. Им личи.


Saturday, July 12, 2014

Одиме до крај (2)

Секоја влада (дали била составена од леви или од десни, од комњаре или од дпмновци) (доаѓа до ситуација кога) ја злоупотребува моќта на владеењето (поради тоа што секоја влада ја сочинуваат луѓе од крв и месо, луѓе способни да грешат). Не постојат суперлуѓе и супер пастири на кои треба да им веруваме „до крај„ или „до смрт„. 

Луѓето се предаваат целосно на некоја партија или некој лидер поради нивната мрзеливост и несакање постојано да бидат ментално ангажирани и да ги преоценуваат сите факти, сите информации што константно допираат до нив; илипак од чист материјален интерес, тогаш тие доброволно се откажуваат од својот интелект и совест).
ДОЛЖНОСТ на секој граѓанин е да дава отпор (да се однесува критички) спрема владата и злоупотребите коишто таа ги прави.

Tuesday, July 8, 2014

Трагична загуба на уште еден Претседател на Република Македонија

Уште на изборите актуелниот Претседател на државата, Ѓорѓе Иванов, најави дека ќе биде тимски играч, значи најави дека ќе биде само член од тимот што владее. Сега, откога е избран на таа функција, Иванов го исполнува тоа што го вети. Со своето учество во „тимот„, во кој тој дури не е ни капитен, Иванов ја гази функцијата Претседател и придонесува кон деградирањето на демократијата во Македонија. 

Претседателската функција би требало да е независна и над дневно политичките интереси, таква функција која што и дава на државата стабилност. Претседателот е тој што би требало да ги коригира сите грешки направени во другите гранки на власта, тој би требало да биде персонификација на врвна одговорност, совест, етика и морал. И да: Претседателот би требало да ги насочува сите процеси во државата во позитивна и продуктивна насока, затоа претседателот нема право да молчи и да не го каже своето мислење.

Очигледно Македонија изгуби уште еден претседател, или уште полошо:

Македонија ја изгуби функцијата Претседател на државата.