Monday, September 15, 2014

Пак за демократијата

Пријатели, сфаќаме ли што е тоа демократија? Во демократијата владее народот посредно преку своите избраници (народот го составуваат сите државјани на државата, независно кој за кого гласал на избори и кој во која политичка партија членува), ама народот треба да ги контролира тие што ги избрал а не да им се поклонува и да ствара од нив култ. Исто како што би требало пратениците да ја контролираат и да ја критикуваат Владата што самите ја избрале. Не постојат супер-луѓе, не постојат политичари-Богови, па, се да им препуштиме, сето размислување, сето решавање. Со тоа самите се откажуваме од своите права и од својот интегритет и вредност.
А со тоа што ја оцрнуваме (единствената можна) опозицијата (во многу случаи основано, ама за минати грешки. Плус знаејќи дека во нашето конзервативно општество многу тешко може да се оформи друга силна опозицијска партија) самите ја уништуваме демократијата.
Значи во што е работата?
Демократијата не ни е својствена?
Не сме стигнале до неа ментално?
Не сме созреале?
Ве молам размислувајте кога го читате тоа што го пишувам, затоа што јас мислев над секој збор што ќе го напишам.

Sunday, September 14, 2014

Туткун кој што може да се плати



Тоа е. На човек не можеш да му дадеш ништо ако тој човек не сака да прими. Манчевски се „дрзнал„ да го каже своето размислување и веднаш станал предавник, чијашто уметност ништо не вреди и никогаш не вредела.

Па и каде се „навредите„ во тоа што го кажа Манчевски?
Тој кажува дека нашата култура поседува „вистинско богатство„, покрај тоа, ја кажува и реалната состојба на (не)културата и (не)духовноста што е насеана околу нас: „вулгарниот малограѓански вкус го смета за наша културна баштина„. Ние самите: „се срамиме од својата вистинска богата традиција затоа што истата е рурална и различна од западните урнеци". Така е, јас се согласувам со него: имаме своја традиција, културно наследство, вредности, идентитет; а самите се омаловажуваме и ништиме кога не го почитуваме своето и не се почитуваме меѓу себе (па бараме „предавници„ меѓу нас). И да, Манчевски, употреби збор што го нема во македонскиот книжевен јазик „баштина„, и што? Со тоа станува заколнат немакедонец кој не си го знае јазикот?

Освен тоа тој зборува за „измислена историја, култура и традиција кои ниту постојат ниту постоеле„ (не зборува за „крадена историја„).
Посебно ми се допаѓа: „Ова е тема за психолози и психијатри а не за филозофи и уметници. Од каде оваа себе омраза? Кај нас често пати критериумот за вреднување е колку некое дело личи на некој странски кич.”  

Што се однесува до уметноста на Манчевски (на која што всушност опонира ќељавиот и ќењав бивш Актер http://press24.mk/toni-mihajlovski-na-facebook-go-raspuka-milcho-manchevski-pui-go-bez-pari), тоа е прашање на вкусови, затоа што има разни сензибилитети и разно вреднување на уметноста. Покрај тоа уметноста може да биде но и не мора да биде веродостојна, таа може да биде наменска, но подобро е кога не е таква.
Има еден стар виц: Некаде во прериите, некој Индијанец седи покрај запален оган и на ражен врти месо. Друг Индијанец, од друго племе поминува покрај огнот, му замирисало печеното, па, за да добие парче - почнал муабет со првиот. Овој го поканил и му дал парче месо. Молчеле и јаделе. Па, вториот Индијанец, за да ја разбие тишината вика:
- Ти си добар човек, но мене, вашиот поглавица не ми се допаѓа.
- Не ти се допаѓа? Не јади. – одговорил вториот.
Така да, кому не му се допаѓа тоа што го прави Манчевски, нека не ги гледа филмовите. Изгледа дека некому, сепак, му се допаѓале филмовите, па, му даваат за нив и награди. Со своите дела Манчевски покажува дека во Македонија постои уметност и култура. Тој е дел од мозаикот на нашата актуелна култура.

А што се однесува до тоа дека знаеме да се навредуваме, да се омаловажуваме, па и да се уништуваме, тоа самите си го знаеме. Еве стихотворба на таа тема (мој препев), напишана во 1875 година, кој ќе го погоди авторот има пиво од мене:

И не сме народ, не сме народ – туку мрша,
луѓе сме што само измами си вршат.
Нам тешко ни е, мачно ни е сè:
"Јас не знам! Од каде јас па? Не!"

Нит знаеме, нит можеме и желбата ни вене –
да створиме за себе си, со време.
А само знаеме и можеме... (што племе!)
едени со други злобно да се колвеме...

Меѓу себе сме: смели, бујни и така оштри.
А пред други сме: тивки, мирни и послушни...
И ќе не гази кој од каде фати,
штом сме си туткун кој што може да се плати.

А вика секој: "Доста веќе, аман!" –
а секој чува в пазуви камен...
И не сме народ, не сме народ – туку мрша.
И пак ќе речам – така и ќе свршам.

Thursday, September 11, 2014

Уништување на една нација



Текстов го напишав како реакција на општествено - политичките процеси што се случуваат во мојата држава. Како крик во пустина, осуден сум на заглушување. Но нешто од внатре ме тера да се „борам со ветерници„.
---------------------------
Дали го разбираме функционирањето на демократијата?

Во демократијата би требало да владее народот, нели? Не ДПМНЕвците, не комуњарите - народот.
А како владее народот непосредно или посредно?
- Народот владее посредно преку своите избраници.
Дали за народ се сметаат симпатизерите и припадниците на партиите кои моментално ја сочинуваат владата?
- Не, сите државјани на определена држава се народот на таа држава.
Кои дополнителни механизми постојат, народот да може да ја контролира работата на своите избраници?
- Постојат такви заштитни механизми, тие ја штитат демократијата од  самоволието и корумпираноста на избраните функционери, тоа е уставот и законите на Република Македонија за чие почитување се задолжени Јавното обвинителство и целиот НЕЗАВИСЕН Судски систем во државата; Претседателот на државата, НЕЗАВИСНИТЕ медиуми, граѓанските (невладините) организации...

Ете, стигнавме до НЕЗАВИСНОТО судство.
Во независното судство владее пресумпцијата на невиновност, па според тоа во парнична постапка Тужителот треба да докажува дека е оштетен. Тој треба да приложи докази за да ја докаже вината на тужениот. Неприфаќањето на доказите и сведоците предложени од одбраната (во конкретниот случај http://slobodenpecat.mk/Home/DetailsColumn/471) е избегнување на соочување со единствените докази во случајот.
Врз основа на кои докази е донесена пресудата?
Освен тоа, да се докаже нематеријална штета е многу тешко. Судиите бараат материјални докази за нанесената нематеријална штета: Извештај на Вештак, во овој случај медицински стручно лице кое ќе ја потврди количината на нанесена штета, траума, страдање; поставена дијагноза, назначен третман.
А како да се процени штета нанесена на угледот и честа?
Никако.
Затоа барањата за нематеријална штета поднесени од „обичен граѓанин„ најчесто се отфрлани, за разлика од тоа барањето поднесено од Премиерот на Р.М. е прифатено.
Значи ли тоа дека граѓаните во Р.М. не се третираат рамноправно, туку врз основа на општествената позиција?
Законските одредби му (и) го дозволуваат тоа на судијата, тој (таа) е слободен (слободна) да донесува пресуди според своето убедување. Единствена кочница е моралниот кодекс на судијата и општественото јавно мислење.
Кај нас отсекогаш судиите се избирале по партиска, идеолошка директива а не според стручноста, веќе споменатата морална изграденост и авторитет во општеството. Затоа доживеавме претседателот на судскиот совет на РМ да каже дека во Македонија има судии кои не заслужуваат да бидат метлари, камоли судии.
Судскиот систем ни е наследен од претходниот систем. Всушност и не постои судски систем во Македонија. За да се измени таа состојба потребни се долгорочни, стратегиски мерки (во оваа насока, за професионализација на судиите се направени неколку чекори и тоа од актуелната влада), но додека тие мерки не вродат со плод (и дали ќе родат нешто) си имаме работа со судии „метлари„, залутани луѓе што цел живот ја користат државата, ги имаат сите благодети; а ништо не и даваат на државата и на Македонската нација. Во конкретниот случај Премиерот на таа влада што осозна дека се потребни промени во судството, самиот го дерогира - ја уништува вербата на СИТЕ граѓани во судството и во државата во цело. Сте слушнале ли како говорат луѓето за судството? Тие велат: - Да си немаш работа. А за државата велат: - Ваа држава не е држава, па гледај снајди се па живи. И каква градба ќе бидат тие граѓани за НАЦИЈА? Никаква. Затоа толку лесно земаме бугарски пасоши и гледаме да си одиме од тука. Се губи супстратот за растење на нација. Врз гнилеж растат само габи, а и тие брзо гнијат.
Општественото јавно мислење во Македонија не постои, затоа што партиите ги „купуваат„ луѓето, ги држат во сопствеништво и не им дозволуваат да мислат и да се изјаснуваат како независни единки. Истото важи и за медиумите, и тие не се независни туку се поткупени и дејствуваат во содејство со партиите.

Каква е оваа ситуација?
- Ова е ситуација на стагнирање и пад за општествените стандарди, за економијата и за културата на целата нација.

Така се уништува нацијата.

Thursday, September 4, 2014

Снаодливост

Има такви луѓе. Тие ќе се најдат како штрафчиња во некој механизам, ќе бидат купени со пари, и во тоа ја наоѓаат смислата на своето постоење (всушност егзистирање), иако имаат можности да постигнат многу повеќе и за себе и за општеството во коешто живеат. Тие ги ставаат настрана сите морални ограничувања како непотребни глупости. Нивно мото во животот е дека треба да се снајдеш (а тоа значи да знаеш кому да му се подместиш, а кого да го наместиш).

Култ на личноста 3

Кога култот е создаден, трае времето на опијанување и самозалажување дека најдовме суперчовек- полубог кој сè знае, и сè може, после тоа претстои времето на мамурно отрезнување, главоболка и празнина.