Thursday, September 11, 2014

Уништување на една нација



Текстов го напишав како реакција на општествено - политичките процеси што се случуваат во мојата држава. Како крик во пустина, осуден сум на заглушување. Но нешто од внатре ме тера да се „борам со ветерници„.
---------------------------
Дали го разбираме функционирањето на демократијата?

Во демократијата би требало да владее народот, нели? Не ДПМНЕвците, не комуњарите - народот.
А како владее народот непосредно или посредно?
- Народот владее посредно преку своите избраници.
Дали за народ се сметаат симпатизерите и припадниците на партиите кои моментално ја сочинуваат владата?
- Не, сите државјани на определена држава се народот на таа држава.
Кои дополнителни механизми постојат, народот да може да ја контролира работата на своите избраници?
- Постојат такви заштитни механизми, тие ја штитат демократијата од  самоволието и корумпираноста на избраните функционери, тоа е уставот и законите на Република Македонија за чие почитување се задолжени Јавното обвинителство и целиот НЕЗАВИСЕН Судски систем во државата; Претседателот на државата, НЕЗАВИСНИТЕ медиуми, граѓанските (невладините) организации...

Ете, стигнавме до НЕЗАВИСНОТО судство.
Во независното судство владее пресумпцијата на невиновност, па според тоа во парнична постапка Тужителот треба да докажува дека е оштетен. Тој треба да приложи докази за да ја докаже вината на тужениот. Неприфаќањето на доказите и сведоците предложени од одбраната (во конкретниот случај http://slobodenpecat.mk/Home/DetailsColumn/471) е избегнување на соочување со единствените докази во случајот.
Врз основа на кои докази е донесена пресудата?
Освен тоа, да се докаже нематеријална штета е многу тешко. Судиите бараат материјални докази за нанесената нематеријална штета: Извештај на Вештак, во овој случај медицински стручно лице кое ќе ја потврди количината на нанесена штета, траума, страдање; поставена дијагноза, назначен третман.
А како да се процени штета нанесена на угледот и честа?
Никако.
Затоа барањата за нематеријална штета поднесени од „обичен граѓанин„ најчесто се отфрлани, за разлика од тоа барањето поднесено од Премиерот на Р.М. е прифатено.
Значи ли тоа дека граѓаните во Р.М. не се третираат рамноправно, туку врз основа на општествената позиција?
Законските одредби му (и) го дозволуваат тоа на судијата, тој (таа) е слободен (слободна) да донесува пресуди според своето убедување. Единствена кочница е моралниот кодекс на судијата и општественото јавно мислење.
Кај нас отсекогаш судиите се избирале по партиска, идеолошка директива а не според стручноста, веќе споменатата морална изграденост и авторитет во општеството. Затоа доживеавме претседателот на судскиот совет на РМ да каже дека во Македонија има судии кои не заслужуваат да бидат метлари, камоли судии.
Судскиот систем ни е наследен од претходниот систем. Всушност и не постои судски систем во Македонија. За да се измени таа состојба потребни се долгорочни, стратегиски мерки (во оваа насока, за професионализација на судиите се направени неколку чекори и тоа од актуелната влада), но додека тие мерки не вродат со плод (и дали ќе родат нешто) си имаме работа со судии „метлари„, залутани луѓе што цел живот ја користат државата, ги имаат сите благодети; а ништо не и даваат на државата и на Македонската нација. Во конкретниот случај Премиерот на таа влада што осозна дека се потребни промени во судството, самиот го дерогира - ја уништува вербата на СИТЕ граѓани во судството и во државата во цело. Сте слушнале ли како говорат луѓето за судството? Тие велат: - Да си немаш работа. А за државата велат: - Ваа држава не е држава, па гледај снајди се па живи. И каква градба ќе бидат тие граѓани за НАЦИЈА? Никаква. Затоа толку лесно земаме бугарски пасоши и гледаме да си одиме од тука. Се губи супстратот за растење на нација. Врз гнилеж растат само габи, а и тие брзо гнијат.
Општественото јавно мислење во Македонија не постои, затоа што партиите ги „купуваат„ луѓето, ги држат во сопствеништво и не им дозволуваат да мислат и да се изјаснуваат како независни единки. Истото важи и за медиумите, и тие не се независни туку се поткупени и дејствуваат во содејство со партиите.

Каква е оваа ситуација?
- Ова е ситуација на стагнирање и пад за општествените стандарди, за економијата и за културата на целата нација.

Така се уништува нацијата.

No comments:

Post a Comment