Monday, August 6, 2018

Промовирање глупост

Не можеш да бидеш овца меѓу волци - ќе те растргнат, исто како што не може во корпа со камења да ставиш јајце и да очекуваш да не биде згмечено. Така и Македонија која е опкружена со држави кои се изградени како национални, не може да гради концепт кој нема да ја дефинира како засолниште на македонскиот јазик и на македонската култура. Да, претходно поддржував некаков граѓански концепт во кој сите „делови од народи“ кои живеат во Македонија треба да бидат „правично“ третирани, но гледаме до каде не доведе тој концепт во реалноста - во етнизирана консоцијалност во која нема граѓани, туку има припадници на кланови чиј просперитет зависи од силата на кланот кон кој припаѓаат. Клановите се поделени по етничка линија и по партиска припадност. Правично ли е тоа што „вработените“ според „правична застапеност“ со години цицаат пари од буџетот, а си седат дома, или работат на друга работа, па земаат две плати? Правично ли е сега кога новата власт реши да ги натера да одат на работа, да им се нуди избор каде би сакале да работата. При што повторно не се тргнува од тоа што тие луѓе знаат да работат.
Зошто не се бара одговорност од тие што од политички причини овозможија таквата кражба од буџетот да трае со години?

Значи, излегува дека досегашниот концепт не е функционален ниту внатре во државата, ниту е применлив во однос на соседните агресивни националистички држави.

Се сеќаваме како после последните парламентарни избори албанскиот премиер ги собра на маса, под знамето на голема Албанија сите македонски албански лидери, и како тие заедно направија платформа која сега ја спроведуваат преку митаџијата Зоран Заев?

Грција, со која митаџијата потпишал некаков договор, не признава никакви национални малцинства на својата сегашна територија, па поради тоа нивно поимање на демократијата сакаат да уништат секаква трага од македонски идентитет и надвор од државата, за да го доасимилираат македонското малцинство, кое е најголемо и сведочи за геноцидот кој го направила врз него грчката држава.

Тоа дека нашите „браќа“ Бугари и покрај тоа што први ни ја признаа државноста никако не можат да смогнат и да соберат сили за да признаат дека, барем сега, постои македонски етнос, различен од бугарскиот.

Нашите други браќа - Србите, се уште ги користат сите можности да пласираат свое влијание.

Косово не го споменувам, од таму повремено ни доаѓаат „борци за човекови права“ со калашникови.

И во вакво опкружение митаџијата пласира „добрососедство“, тоест ги напушта сите ровови од кои се бранеше до сега македонскиот национален интерес ветувајќи економски бенефит од влегувањето на државата во НАТО (во блиска) и во ЕУ (во далечна иднина). Се поставува прашање: Кој му дал мандат на Зоран Заев да врши такви сигнификантни поместувања во државната стратегија? Има ли право една политичка гарнитура, која како и сите претходни е времена, да врши такви промени без концензус на сите политички фактори во земјата?

Не.

Заев се поклонува на гробот на Гоце Делчев

Тоа што го прави Зоран Заев ќе предизвика уште поголем меѓуетнички и интеретнички анимозитет внатре во државата, во исто време оставајќи ја чувствителна и ранлива на влијанијата од надвор.

Тоа со „овца меѓу волци“ е библиска фраза спомната во Матеја 10:16-33, но таму Исус им кажува на апостолите дека ги праќа како „овци меѓу волци“ и „да бидат мудри како змијата, невини како гулабот“ а всушност да се борат за да го промовираат Христијанството. Ако го споредиме ова со тоа што го прави Заев, се поставува прашањето: - Што промовира Зоран Заев? Нов концепт во односите меѓу државите на Балканот? Со сиот памет очекуваме дека нашите соседни држави ќе престанат да бидат националистички?

Глупост.