Tuesday, April 29, 2014

Менталитет


Излегува дека не си го знаеме сопствениот менталитет.
Не знаеме ли како размислува голем дел од народот? Не знаеме ли за ниската етичка градба на Македонецот? За неговиот егоизам? За стравот да биде поинаков и за криењето во толпата (стадото)? За стравот да се потпре врз своето сопствено размислување и сам да решава за нештата во својот живот?
Знаеме. Сите што малку повеќе размислуваат - знаат.
И што прават сите политички елити во Македонија кога ќе им падне во раце таков народ? Дали го култивираат? Дали покажуваат доблест и морални квалитети?
Не.
Сите политички елити ги користат карактеристиките на нашиот менталитет за да останат што подолго на власт -за да не брануваат многу, оти, кравата што дава млеко може и да ја клоцне кофата.
Затоа. Токму затоа во Македонија некој што го изгубил својот кредибилитет - не може да си го врати. Овој народ знае да мрази, знае да казнува, знае да понижува и знае да се сити. За овој народ, христијанскиот празник Прочка е само еден адет, со ритуали поврзани со него.
Ете затоа кога нешто не оди на добро, од тие што сакаат да донесат промени во Македонија се очекува да го убедат овој невернички народ, да му дадат гаранции дека нема да бидат исти такви како тие против кои пропагираат и се борат; а и дека ќе бидат поинакви од самите себе во минатото. 

Sunday, April 27, 2014

Глупи луѓе

Глупи.
Глупи луѓе.
Мислите дека сте грабнале сè?
Всушност, сте го изгубиле мојот мир.
А чим се ниша мојот мир - нема потпора ниту за вашиот.
Тоа ти е како кога ќе ја заматиш водата, а си сакал да пиеш од неа. - Ќе пиеш гнасотии.


Friday, April 25, 2014

Да, јас знам да препознам. И знам со сигурност - нема разлика.

Ми дадоа писмо, не е адресирано лично до мене. Но, на писмото пишува: „Има разлика„. И како да не го отворам? Па тие две зборчиња некако позитивно ми звучат во свеста, ме потсетуваат на времето кога „Има разлика„ значело дека некаде работиш, добиваш плата, и ете, сега има и некоја доплата, некоја екстра пара, некоја разлика.
Писмото е заглавено со: „Почитувани граѓани„. Па, си реков - и јас спаѓам тука, граѓанин сум. За мене било - не сум згрешил. Потпишано е со: „Срдечно, Никола Груевски„
 
Го прочитав писмото и ми се јави јака желба да продискутирам, со тој што ми го напиша писмото, за работите што ме тиштат, што ме болат. За мојата Македонија.
Почитуван Никола Груевски!
Ме боли тоа што мојата Македонија не е стабилна држава. Тоа што за мојата Македонија одлуката на граѓаните како да гласаат на избори е „пресериозна„, како што пишувате во вашето писмо. Ме боли тоа што читам дека има такви „што подготвуваат разни планови за нашата држава, за нашиот устав, за нашиот идентитет„. па барате од мене, со мојот глас да им пратам „јасен одговор„. Ми пишувате дека, овие другите, „ја внесуваат државата во нови предизвици„ и дека ви е потребно обезбедувањето на 62 пратеника за никој да не ве уценува и да не ви врши притисок. Што всушност ми кажувате? Дека за осумте години како премиер на Македонија не успеавте да ја направите стабилна? Дека вашите довчерашни коалициски партнери сега ќе „ве уценуваат„ и ќе го обесправат македонскиот народ? Дека во овој „сериозен период во кој мора да сме сите фокусирани и посветени„ само со гласањето за вашата коалиција ќе гласаме „правилно„? Каде е тука демократската одлука? И, до кога вие „ќе ја спасувате Македонија„ од сите „други„?
Па, можеби и нема потреба да гласаме - ако на секои избори постои „само една правилна одлука„ и само една вистина? Изборите организирани под таква пресија се фарса. Јас сметам дека во собранието треба да има единство на спротивностите, да има аргументирана расправа и демократско одлучување, независно од неговиот состав.

И убаво пишувате: „за 20 дена, ако ние не сме работеле и ако не сме заслужиле нов мандат, не можеме ништо да промениме„. Ако сте работеле и ако сметате дека заслужувате нов мандат, тогаш, бидете доблесни, почитувајте ги граѓаните и дајте им да одлучат и да гласаат слободно. Па, нели, пишувате дека никој не смее да нѐ потценува? Зошто толкав притисок врз граѓаните? Зошто толкава пресија врз нив преку медиумите? Зошто толку излепени постери и летоци дистрибуирани, меѓу другото и во предизборен молк? И зарем ви требаат толку пејачи и актери за да ве промовираат?

Пишувате дека „ги знаеме„ луѓето коишто вие ги предлагате за функционери. Токму така, токму тоа и ме иритира кога гледам дека луѓе што ги знам, такви со ниски етички норми, па дури и такви со криминално досие досега сте предлагале за директори и за општински советници.

И ви кажувам дека за мене нема разлика, вие, како и вашите претходници вработувате свои, партиски луѓе во администрација и во јавните претпријатија. „Вашите луѓе„ не мора да бидат креативни, како што порачува Владата на Република Македонија, тие веќе биле доволно креативни со тоа што се зачлениле во вашата партија. Со толку обемната администрација и со толкав број на вработени во јавните претпријатија го кочите развојот на државата. А зарем не знаете дека животниот стандард во Република Македонија е сѐ уште низок, можеби најнизок во Европа, зарем не чувствувате одговорност за тоа?
Не викам дека сѐ што правите е негативно. Не. Многу проекти се корисни. Сѐ уште ми е свежо сеќавањето на пријатното чувство што го осетив кога едно утро од мојот прозорец го видов развеаното државно знаме на висок јарбол. Тогаш си реков: Човече! Значи елементарна работа - знаме не знаеле да постават овие „претходните„ толку да се немало патриотско чувство, 15 години никому не му текнало. Бев горд и реков: „Браво„, и сега викам „Браво„ за тоа, но, од колосек ме ваѓа кога гледам дека се манипулира со граѓаните, кога гледам дека се гази врз човечкото достоинство.

Не знам дали сте свесен за реалностите во нашата држава, или можеби живеете во некаков изолиран свет што ви го пласираат тие околу вас. А можеби тие околу вас се плашат да ви опонираат и да ве поправат, како што не ви ги поправија граматичките грешки во писмово. Да, граматички грешки во писмото пишано до цела нација. Пишувате: „на сите од нас им се случуваа и многу работи...„ а би требало да биде напишано „на сите нас ни се случуваа и многу работи...„ или „нам, на сите, ни се случуваа и многу работи...„ А можеби писмово и нема да стигне до вас, ќе го прочитаат тие што ви ги пласираат вистините и ќе гледаат како да ги замолчат напишаниве букви, ќе планираат како „да ме воспитаат„ и казнат мене?

Го спомнавте Велигден, и тоа дека тој „е симбол на нашата верба и на нашите вредности„. Во тој контекст ве прашувам: за која верба зборувате? За вербата во Исус Христос, спасителот на мирот? Не го спомнавте Него во вашето писмо. Или говорите за вербата во вашата партија? Некако ги мешате Божјото и партиското. Дури и во завршниот пасус од вашето писмо со пораката: „Нека биде Вашата волја„ со таа конструкција алудирате на обраќање кон Бога.
Да не ги мешаме нештата, сакаме да имаме демократски избори - демократските избори се организираат со слободно изразување на волјата на граѓаните.


А кога со писмово би ми се обраќал некој духовен човек, од него би очекувал писмото да го заврши со „Нека биде волјата на Христос, спасителот; наспроти нашата грешна волја. Сега, секогаш и во вечни векови.„

Срдечно, Константин Карев

Monday, April 21, 2014

Нападни... пренападни (не е повик за акција. Реакција е.)



Нападни сте, пренападни. Колку да се обидувам да бидам реален и неутрален - веќе не ми оди. Па, го преземам ризикот да ме обоите во некоја партиска боја.
А ако, мене како на неопределен, ова однесување ми изгледа нападно, како ли се чувствуваат граѓаните на оваа држава што ја поддржуваат опозицијата? Малиот човек се чувствува како под тортура, секој ден од сите можни страни до него допираат вашите убедувања за тоа колку убаво се живее во нашава државичка.  А тој, малиот човек не чувствува ништо од тоа - на сите им е добро, само нему - не.

Тоа што сите го забележуваме е дека вие лавовски дел од медиумите ги имате з
aпоседнато. Ги имате излепено градовите и селата со плакати. Ја поплавувате Македонија со летоци за време на предизборниот молк. Имате река од платени реклами на Фејсбук. Што ли уште имате смислено?

Да, има разлика - власта е слатка, функционерските плати се добри. Власта овозможува да си вработувате свои членови, да си делите тендери меѓу себе. Да, има разлика - без власт би ги изгубиле сите тие предности.

И да, има разлика - Амди Бајрам ви беше коалициски партнер; и пак ќе ви биде. Пишувам
ќе ви биде затоа што сте на пат да ги добите изборите. А како да не ги добиете кога целиот државен апарат е ставен во функција на вашата кампања и сите демократски механизми се суспендирани. Како?
Нема начин
, барем додека не се дискредитирате самите, но тогаш ќе ја доведете мојата држава во незавидна позиција.
Или пак, моиве забелешки и согледувања се субјективни? Или, можеби, ништо не разбирам од тоа што се случува околу мене?
А можеби спијам и сево ова го сонувам како кошмар? Само, зошто тогаш сѐ уште не сум се разбудил? Нели се будиме на најлошиот дел? Е па, изгледа најлошиот дел сѐ уште не сум го изгледал, не сум го докошмарил.

Saturday, April 19, 2014

Атрофирани општествени демократски механизми (2)

Се сеќаваме. Вака почнуваа вестите на Сител, на Канал 5, на МРТВ; ова беше ударна вест. Без докази и без истрага се изнесуваа обвинувања поткрепени само со изјава на лице за коешто и самите известувачи тврдат дека е со разнишан кредибилитет.
Оваа акција на масовна негативна кампања против лидерот на тогашната опозиција беше режирана од страна на владејачката партија со цел на граѓаните да им се направи психолошки притисок и тие од нив што имаат блискост кон политичката опција што ја застапува опозицијата да си го сменат мислењето. До сега овие „обвинувања„ не се реализирани и не е покренато било какво обвинение против „осомничените„.



Нешто слично се случува сега од спротивната страна. Опозицијата во јавноста излегува со недокажани информации за тоа дека лидерот на владејачката партија, пред 10 години, бил вмешан во нелегални активности:

И во двата случаја се манипулира со граѓаните затоа што им се пласираат информации за коишто поголем дел од граѓаните не се стручни да проценат дали се вистинити или не. Граѓаните и не одлучуваат дали некој функционер работел незаконски или не, тоа го прават, во пропишана постапка истражните органи и судовите. Граѓанинот може само емотивно да изреагира прифаќајки ја информацијата што му се наметнува или одбивајќи ја.

Сето ова настанува затоа што во нашата држава не работат институциите на системот, пазарните механизми и заштитните демократски механизми:
  1. Медиумите ни се непрофесионални и корумпирани од политичките моќници. Дали се работи за телевизија, радио, печатен или интернет медиум. Било кој медиум што работи во демократско општество не би се решил да пласира непроверени информаци затоа што со тоа го губи својот кредибилитет (нема да им се верува во иднина); и затоа што поради таквата своја постапка може да биде тужен и да му се бара оштета. Медиумот што работи непрофесионално го губи своето место на пазарот. Новинарот што не работи професионално ја губи работата.
  2. Не постои јавно мислење. Општеството не е демократски созреано. Општество (јавноста) што е демократски образовано ги смета ваквите информации за „жолти„, сензационално-манипулативни и едноставно не им верува.
  3. На најважни и на најодговорни фунции во државата имаме лица со низок кредибилитет и политички послушници. Лицата поставени на најодговорни функции во државата (Јавен обвинител, Уставни судии, Претседател на државата, Судии во апелација и во основните судови) ја претставуваат совеста на општеството, па, во продуктивно општество на овие фунции би требало да бидат луѓе кои се докажале со својата доблест, професионалност и со своите непоколебливи морални квалитети.

Friday, April 18, 2014

Зарем и вие, синови и ќерки уставни судии?

Последната одлука на Уставниот суд на Р. Македонија претставува пораз на демократијата во Македонија.
Уставниот суд тргна против Уставот носејќи решенија под влијание на политички притисоци. За потврда на моите зборови цитирам пасуси од член 16 од Уставот:
„Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање„
„Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации„

Образложението дека отстранувањето на новинарите од Собранието на 24-ти декември 2012 година било поради нивна заштита е провидно и оборливо и за обичниот граѓанин без посебно познавање на правото.
Од кого беа заштитени новинарите со таа постапка? Од пратениците? Од кои пратеници, од тие на позицијата? Или можеби обезбедувањето на собранието ги исфрли новинарите за да ги заштити од себеси. Затоашто ако не ги исфрлеа со мала примена на сила ќе беа исфрлени со примена на поголема сила?

Добро бе, како може таква глупост да биде пласирана во цивилизирана држава како одлука штитена од Уставот? Па новинарската професија претпоставува ризик и несигурност за новинарот. Новинарите известуваат од местата каде се случуваат војни, немири, штрајкови, нарушување на јавниот ред и мир. Обврска на новинарот е да се наоѓа на местото на настанот и да известува за случувањата, па јавноста да знае што се случува. Новинарите беа попречени во нивната професионална работа.

Уставниот суд го повредува Уставот. Тоа е срам за луѓето што сме ги избрале за да бидат нашата совест.

http://www.vesti.mk/read/news/1538666/510014/gi-brkale-novinarite-od-sobranie-oti-sakale-da-gi-zashtitat



Monday, April 14, 2014

Че ми доат дома (арогантни снобови)




Гевгелија,
10 часот наутро,

недела, 13 април 2014,
Лазар,
претседателски избори.














- Шо праиш ма?
- Ја, ги берум вие.
- Шо че 'и праиш? Че 'и гориш?
- Уф ѓубрето че ги клаам, да не ми доат дома.
- Е как че ти доат, демократија е.
- Как нема да доат? Че дувни ветаро и уф дворо че ми 'и набере.




Навистина, да се чуди човек. Во ноќта пред првиот изборен круг, во време на предизборен молк низ Гевгелија се истури дожд од летоци.







Град од летоци.












Врнело по улици,












 








 


пред вратите и на праговите на становите,



 

 






















по влезови
  














наврнало во сандачињата,
 

пред портите и по дворовите...






 


Не можам да разберам како предизборниот молк го нарушува партијата која што е на власт, таа што треба да го штити правото и поредокот во Македонија, таа што се прокламира како патриотска партија. Зошто им треба тоа? Покрај толкава пресија во медиумите во предизборието? Зошто не покажат доблест? Зошто не се спротивстави на ваквото однесување нивниот кандидат и сегашен претседател на државата? Зошто тој не покаже доблест? Му годи ли кога летоци со негов лик се расфрлани насегаде? Знае ли тој за ваквото однесување?
Му годи ли да го види ова:




Па ова е умоболие.
Нели има определени места за лепење плакати?
Освен тоа, ако сакате да ги проинформирате гласачите за вашиот кандидат залепете една плаката, зошто правите уметничко дело во стилот на Ворхол? За да покажете сила? За да покажете моќ? За да се уплашиме?

Претседателе го читате ли ова? Или и вие сте член на екипата што заплашува?
Пак кажувам, покажете доблест, покажете големина. Како претседател имавте пет години за да се докажете како авторитетен претседател на сите граѓани. Оставете сега граѓаните да го кажат мислењето за вашата работа. Почитувајте го народот. Зошто дозволувате толкава пресија врз народот, толкава омраза и анимозитет меѓу партиите? Па таа тензија се пренесува меѓу народот.
Погледнете ги овие фотографии:












Ја чувствувате ли злобата што ги запоседнала луѓето?
Дали држава чии граѓани толку се мразат може да биде продуктивна?
Што правевте досега за да не се зголемува омразата меѓу луѓето?
Што ќе направите во вториот мандат, ако го добиете?
Заслужуваат ли овие прашања одговори?

Имам чувство дека сите лидери во Македонија кога ќе се фатат за фотеља не мислат ништо освен на своите лични интереси, и на интересите на нивните партии. Доаѓајки на власт тие стануваат (ако веќе претходно не биле) - арогантни снобови.


Лазаре!