Friday, April 25, 2014

Да, јас знам да препознам. И знам со сигурност - нема разлика.

Ми дадоа писмо, не е адресирано лично до мене. Но, на писмото пишува: „Има разлика„. И како да не го отворам? Па тие две зборчиња некако позитивно ми звучат во свеста, ме потсетуваат на времето кога „Има разлика„ значело дека некаде работиш, добиваш плата, и ете, сега има и некоја доплата, некоја екстра пара, некоја разлика.
Писмото е заглавено со: „Почитувани граѓани„. Па, си реков - и јас спаѓам тука, граѓанин сум. За мене било - не сум згрешил. Потпишано е со: „Срдечно, Никола Груевски„
 
Го прочитав писмото и ми се јави јака желба да продискутирам, со тој што ми го напиша писмото, за работите што ме тиштат, што ме болат. За мојата Македонија.
Почитуван Никола Груевски!
Ме боли тоа што мојата Македонија не е стабилна држава. Тоа што за мојата Македонија одлуката на граѓаните како да гласаат на избори е „пресериозна„, како што пишувате во вашето писмо. Ме боли тоа што читам дека има такви „што подготвуваат разни планови за нашата држава, за нашиот устав, за нашиот идентитет„. па барате од мене, со мојот глас да им пратам „јасен одговор„. Ми пишувате дека, овие другите, „ја внесуваат државата во нови предизвици„ и дека ви е потребно обезбедувањето на 62 пратеника за никој да не ве уценува и да не ви врши притисок. Што всушност ми кажувате? Дека за осумте години како премиер на Македонија не успеавте да ја направите стабилна? Дека вашите довчерашни коалициски партнери сега ќе „ве уценуваат„ и ќе го обесправат македонскиот народ? Дека во овој „сериозен период во кој мора да сме сите фокусирани и посветени„ само со гласањето за вашата коалиција ќе гласаме „правилно„? Каде е тука демократската одлука? И, до кога вие „ќе ја спасувате Македонија„ од сите „други„?
Па, можеби и нема потреба да гласаме - ако на секои избори постои „само една правилна одлука„ и само една вистина? Изборите организирани под таква пресија се фарса. Јас сметам дека во собранието треба да има единство на спротивностите, да има аргументирана расправа и демократско одлучување, независно од неговиот состав.

И убаво пишувате: „за 20 дена, ако ние не сме работеле и ако не сме заслужиле нов мандат, не можеме ништо да промениме„. Ако сте работеле и ако сметате дека заслужувате нов мандат, тогаш, бидете доблесни, почитувајте ги граѓаните и дајте им да одлучат и да гласаат слободно. Па, нели, пишувате дека никој не смее да нѐ потценува? Зошто толкав притисок врз граѓаните? Зошто толкава пресија врз нив преку медиумите? Зошто толку излепени постери и летоци дистрибуирани, меѓу другото и во предизборен молк? И зарем ви требаат толку пејачи и актери за да ве промовираат?

Пишувате дека „ги знаеме„ луѓето коишто вие ги предлагате за функционери. Токму така, токму тоа и ме иритира кога гледам дека луѓе што ги знам, такви со ниски етички норми, па дури и такви со криминално досие досега сте предлагале за директори и за општински советници.

И ви кажувам дека за мене нема разлика, вие, како и вашите претходници вработувате свои, партиски луѓе во администрација и во јавните претпријатија. „Вашите луѓе„ не мора да бидат креативни, како што порачува Владата на Република Македонија, тие веќе биле доволно креативни со тоа што се зачлениле во вашата партија. Со толку обемната администрација и со толкав број на вработени во јавните претпријатија го кочите развојот на државата. А зарем не знаете дека животниот стандард во Република Македонија е сѐ уште низок, можеби најнизок во Европа, зарем не чувствувате одговорност за тоа?
Не викам дека сѐ што правите е негативно. Не. Многу проекти се корисни. Сѐ уште ми е свежо сеќавањето на пријатното чувство што го осетив кога едно утро од мојот прозорец го видов развеаното државно знаме на висок јарбол. Тогаш си реков: Човече! Значи елементарна работа - знаме не знаеле да постават овие „претходните„ толку да се немало патриотско чувство, 15 години никому не му текнало. Бев горд и реков: „Браво„, и сега викам „Браво„ за тоа, но, од колосек ме ваѓа кога гледам дека се манипулира со граѓаните, кога гледам дека се гази врз човечкото достоинство.

Не знам дали сте свесен за реалностите во нашата држава, или можеби живеете во некаков изолиран свет што ви го пласираат тие околу вас. А можеби тие околу вас се плашат да ви опонираат и да ве поправат, како што не ви ги поправија граматичките грешки во писмово. Да, граматички грешки во писмото пишано до цела нација. Пишувате: „на сите од нас им се случуваа и многу работи...„ а би требало да биде напишано „на сите нас ни се случуваа и многу работи...„ или „нам, на сите, ни се случуваа и многу работи...„ А можеби писмово и нема да стигне до вас, ќе го прочитаат тие што ви ги пласираат вистините и ќе гледаат како да ги замолчат напишаниве букви, ќе планираат како „да ме воспитаат„ и казнат мене?

Го спомнавте Велигден, и тоа дека тој „е симбол на нашата верба и на нашите вредности„. Во тој контекст ве прашувам: за која верба зборувате? За вербата во Исус Христос, спасителот на мирот? Не го спомнавте Него во вашето писмо. Или говорите за вербата во вашата партија? Некако ги мешате Божјото и партиското. Дури и во завршниот пасус од вашето писмо со пораката: „Нека биде Вашата волја„ со таа конструкција алудирате на обраќање кон Бога.
Да не ги мешаме нештата, сакаме да имаме демократски избори - демократските избори се организираат со слободно изразување на волјата на граѓаните.


А кога со писмово би ми се обраќал некој духовен човек, од него би очекувал писмото да го заврши со „Нека биде волјата на Христос, спасителот; наспроти нашата грешна волја. Сега, секогаш и во вечни векови.„

Срдечно, Константин Карев

No comments:

Post a Comment