Tuesday, April 29, 2014

Менталитет


Излегува дека не си го знаеме сопствениот менталитет.
Не знаеме ли како размислува голем дел од народот? Не знаеме ли за ниската етичка градба на Македонецот? За неговиот егоизам? За стравот да биде поинаков и за криењето во толпата (стадото)? За стравот да се потпре врз своето сопствено размислување и сам да решава за нештата во својот живот?
Знаеме. Сите што малку повеќе размислуваат - знаат.
И што прават сите политички елити во Македонија кога ќе им падне во раце таков народ? Дали го култивираат? Дали покажуваат доблест и морални квалитети?
Не.
Сите политички елити ги користат карактеристиките на нашиот менталитет за да останат што подолго на власт -за да не брануваат многу, оти, кравата што дава млеко може и да ја клоцне кофата.
Затоа. Токму затоа во Македонија некој што го изгубил својот кредибилитет - не може да си го врати. Овој народ знае да мрази, знае да казнува, знае да понижува и знае да се сити. За овој народ, христијанскиот празник Прочка е само еден адет, со ритуали поврзани со него.
Ете затоа кога нешто не оди на добро, од тие што сакаат да донесат промени во Македонија се очекува да го убедат овој невернички народ, да му дадат гаранции дека нема да бидат исти такви како тие против кои пропагираат и се борат; а и дека ќе бидат поинакви од самите себе во минатото. 

No comments:

Post a Comment