Friday, November 25, 2016

Скандал: За „манипулациите“ што им ги прават македонските и албанските политичари на своите сонародници

Ај да видиме што пишува за употребата на јазиците во Уставот:

„А М А Н Д М А Н
  V
1. На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.
...
Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.
2. Со овој амандман се заменува членот 7 од Уставот на Република Македонија.“

За да видиме што тоа се укинало:
„Член 7
Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон.“
Јасно ли е сè?
Повеќејазичноста ја имаше и во стариот Член 7, само таа беше на локално ниво. Со Уставниот амандман 5 таа освен на локално ниво е воведена и на државно ниво! Во Охрид, во 2001ва.

Сепак не разбирам, зошто Заев мораше да ги иритира Македонците со ставањето во својата програма воведувањето на повеќејазичноста, кога таа е обврска диктирана од Уставот.

Не разбирам ниту зошто Албанците сиве овие години не ги користеле институционалните средства за реализирање на напишаното во Уставот. Дали нивните политичари калкулирале и молчеле, поткупени со тендери и провизии; и цело време од 2001 го чувале ова нереализирано право како џокер за да го будат национализмот кај Албанците по потреба? Имало ли барем една претставка до Уставен суд?

Тоа е. На Балканот се случува она од смешката со лудиот и збунетиот (ви текнува?) - има мноооооогу расипани луѓе кои „манипулираат“ со простиот, збунет народ.




Wednesday, November 16, 2016

За потребата од вистинољубивост.

Ова е слободен транскрипт на интервјуто на Ристо Солунчев, дадено за радио Слободна Европа.

Н: - Општеството е поделено по сите основи, кој е виновен за ваквите поделби?
Р.С: - Тешко е да се бара вина кај конкретен човек или група, сите имаме удел во тоа...
Сепак би можело да се одговори на две нивоа:
1. Дали овој народ е историски... таа физиономија не е оформена;
2. Системот на политичките партии... Власта станува моќ... За раскажувањето на приказна за македонскиот народ, одговорноста за таа приказна и за затворање во едно гето на митологија, сноси власта. Во последните години дури и зачетокот на недооформената историска физиономија на Македонците е загубена. Направени синхрониски модалитети на мешање на историски настани, нема развој, туку се постави моментот дека имате некаква вредност и сте Македонци само ако се врзувате за ВМРО, а ако се врзувате за АСНОМ вие сте предавници.
Една политичка партија ја апсорбира државата и ја апсорбира и формира нарацијата на нацијата.

Н: - Колку власта треба да го сплотува народот?
Р.С: - Тоа е невозможно. Власта е моќ. Таа создава квази сплотеност за да ја засили својата моќ. Сплотеноста треба да дојде од друг субјект.

Н: - Значи дека на власта и одговараат поделбите во општеството?
Р.С: - Да.

Н: - Зошто граѓаните не се обединуваат?
Р.С: - Постои апсолутна корупција. Таа постои во власта, но власта го корумпира народот. На граѓаните им дава вработувања со плата колку да преживеат и тие се среќни со тоа, на бизнисмените им дава сигурни зделки.
Создадени се егоисти од луѓето. Девалвирани се системите на вредности. Луѓето се ограничуваат во потреба да ја дознаат вистината, тие немаат вистинољубивост, а со тоа го губат човечкото достоинство.

Н: - Како да се бориме против говорот на омраза?
Р.С: - Треба да се смени материјалот... Во однос на границите помеѓу слобода на говорот и говорот на омраза - нема проблем во критиката, дури може да се биде политички некоректен, но не смее да има повици на линч. Но, ние имаме случај кога ако се критикува создадената митолошка приказна за божјата природа на Македонците кои се пред сите останати нации, тогаш тој кој критикува е сметан за предавник. Зошто?
Затоа што оваа митолошка приказна се користи за засилување на моќта и за задржување на власта.
Луѓето критикуваат, тие бараат да не се прикрива вистината. А дури од инстанца на Претседател на државата се крие вистината, во името на некакво квази помирување.
Криењето на вистината нема да доведе до мир.
Вистината ги помирува луѓето.