Tuesday, August 26, 2014

Катарза

http://okno.mk/node/40326



Ете, таква духовна и физичка катарза ни треба во многу области и сфери на живеење на општеството.
Духовна - затоа што некој треба да изнајде во себе сила и храброст за да ги стави апострофите врз работите што ги перцепира како погрешни, назадни и неетички; спротивставувајќи му се милјето создадено од самозадоволната квазиелита која си угодува самата себеси, на штета на општеството и нацијата.
Физичка - затоа што лажните вредности и персоните што ги пропагираат треба да бидат исфрлени надвор од органските системи на општеството како отрови кои му сметаат на организмот да дише и како непотребни продукти на некогашниот начин на вештачко функционирање.
Ваквото прочистување може да го иницира само некој којшто е внатре, во корумпираниот систем, затоа што тој е негов составен дел и затоа што неговиот збор се слуша и се перцепира во создадените од системот канали за комуникација. Зборовите кажани надвор од системот завршуваат како крик во пустината.

Ќе се охрабрат ли повеќе луѓе кои се на важни позиции во општеството да почнат да ја кажуваат сопствената перцепција втемелена врз нивното искуство, изграденост и етика?
Ќе прозбори ли уште некој за сите тие фестивали и фестивалчиња, конкурси, тендери, огласи; за сите тие местенки и финти што ни се случуваат на секој чекор?

Си ја сакаме ли државата? Ќе ја браниме ли културата? Ќе градиме ли нација или и понатаму ќе манипулираме, ќе лажеме и залажуваме и ќе воспитуваме неморални снаодливци, исти како нас?
Па ова што се случува е убиство на една нација и на нејзината култура.
За тоа се одговара пред историјата.

Sunday, August 3, 2014

Ќе си дозволиш ли ти да бидеш промената што ја бараш и очекуваш?

Долго време размислувам за македонскиот менталитет и дојдов до заклучок дека тој е на некој начин контраверзен, снобовски, сервилно-понижувачко-непочитувачки. Македонецот страда кога околу себе гледа среќен и успешен човек и гледа на секој начин да го негира или понижи. Од друга страна Македонецот со задоволство ќе му служи на големецот, на властодржецот, на узурпаторот - се додека големецот му фрла трошки од масата и му ја дава сатисфакцијата да понижува други „обични„ Македонци.
Сега, ако се земе во предвид тоа што среќата на ближниот е твој благослов, произлегува дека Македонецот останува неблагословен, или со други зборови - проклет. Проклети сме од самите себе. Секој од нас го слушнал или го кажал тоа некому. Јас лично од многу луѓе сум слушнал да кажат дека сме проклети. Значи, како општество  создаваме (проектираме) премногу негативна енергија, која, по законот за акција и реакција, ни се проектира (враќа) назад.
Решението и лекот за оваа човечка ментална девијација е во  производство на повеќе позитивна енергија: добри мисли, добри дела, позитивност, верба, простување, сочуствување, утеха...
Знам дека на многумина овие мои зборови им се полни со глупа наивност, или можеби со лицемерие, но, не треба да се оди далеку за да се види дека во општеството во коешто живееме е потребна позитивна промена. Таа промена треба да тргне од некаде.
Ќе си дозволиш ли ти да бидеш промената што ја бараш и очекуваш?