Thursday, December 29, 2016

„Левица е виновна за сè!“ или „Никој ништо не ти може Зоране!“

Македонскиот менталитет е тежок за разбирање. Тој не може да биде разбран користејќи логика, туку истражувајќи ја нелогичноста на инаетот, моралната плиткост на осветољубивоста и непродуктивноста на самооправдувањето.
Македонецот не си ги гледа своите грешки, не си ги признава, тој секогаш бара начин да се оправда и да ја префрли вината врз некој друг.

Тука, ги наведувам овие карактеристики на македонскиот менталитет, за да објаснам конкретни состојби после Парламентарните избори 2016 година.
Овие избори се важни за иднината на Република Македонија, затоа што следат по двогодишна политичка и институционална криза. Сепак, резултатите од овие избори не даваат надеж за видлив излез од кризата. Изборите не беа обични, туку беа оптоварени со очекувања.

Владејачката ВМРО ДПМНЕ очекуваше на овие избори да добие голема поддршка со која нејзините челници би добиле своевиден вид на амнестија за криминалите за кои се обвинети.

Опозицијата очекуваше победа, со која ќе се створеа предуслови државата да почне да се ослободува од стегите на ВМРО ДПМНЕ - политичката партија која постепено прерасна во лукративен клан.

Распределбата на мандатите и дава одлучувачка улога во формирањето Влада на ДУИ, политичката партија која до вчера беше во љубовна коалициско-тендерска прегратка со инкриминираната ДПМНЕ, и покрај тоа што истата претрпе голема загуба на доверба кај електоратот (веројатно баш поради силината на љубовната коалициско-тендерска прегратка со ДПМНЕ), која се преточи и во загуба на скоро половина од мандатите. Од ДУИ зависи дали во Република Македонија ќе се врати демократијата или ќе завладее уште посилна автократија.
Жално.
Жално е тоа што иднината на државата зависи од ДУИ, но, и уште пожално е тоа што опозицијата дури и сега после изборите не се преиспитува зошто не успеа убедливо да ги добие изборите, за да не зависи судбината на државата од ДУИ. 

Опозицијата не успеа да направи стратегија со која ќе ги растуреше клиентелистичките врски на голем број вработени во буџетската сфера со инкриминираната ДПМНЕ, па на тој начин тие луѓе да гласаат изразувајќи слободна волја, а не уценетост и страв.

Опозицијата не успеа да им објасни на граѓаните дека во било кое општество, па и во нашето, нема ништо поважно од праведноста и правдата. Дека причина за постоењето на државата е организирање на взаемните односи во општеството врз праведни основи.

Опозицијата не успеа да им објасни на граѓаните дека државата почива врз документите што ја опишуваат, а тие документи - Уставот и законите никој нема право да ги погазува.

Опозицијата не успеа да ги ослободи граѓаните од стравот едни од други. Страв кој неколку изборни циклуси по ред го користат коалициските партнери ВМРО ДПМНЕ и ДУИ за полесно да манипулираат со уплашените луѓе.

Опозицијата не успеа да им го објасни на граѓаните уставното уредување на Република Македонија и нивната рамноправност пред Уставот и законите; и во правата и во обврските.

И покрај сите овие неуспеси голем број од членовите на најголемата опозициска партија - СДСМ не ја бараат одговорноста за неуспехот на целата опозиција на овие избори внатре во партијата, туку надвор од неа. Ним им е виновна Левица - политичката партија што освои 1% од гласовите. Нивниот гнев не спласнува трета недела по изборите, па тие навредуваат и омаловажуваат. Тој гнев не дозволува нивниот разум да почне да работи. Затоа што ако му дозволеа на разумот да каже, тој би им рекол дека дури и сите гласови кои ги доби Левица да се стават на контото на СДСМ бројот на добиени мандати за нивната партија нема да се промени.

А ако беа уште малку поагилни во логичкото размислување овие членови на СДСМ ќе почнеа да прават пресметки за тоа колку граѓани на Р. Македонија не гласале за опозицијата токму поради тоа што на чело на нивната партија е Зоран Заев. Тој Зоран Заев што ветуваше „јадење живи луѓе“, тој Зоран Заев, градоначалник на Струмица, за кого има индиции дека при незаконските трансформации на земјоделско во градежно земјиште земал поткуп, тој Зоран Заев кој е аболициран и ослободен од кривично гонење, но со неповратно нарушен кредибилитет.

Не, не, не. Зоран Заев не виновен за ништо. Тој е свет човек, а свет човек не смее да биде обвинет за криминал. Нему никој ништо не му може! Никој ништо не ти може Зоранееееее, Зоранееееееее, Зоранеееееее.е.е.е!....... Чекајте другарчиња СДСовци, оваа песна ја имам веќе некаде слушнато... од едни други, заслепени со светоста на нивниот лидер, другарчиња...

Е тоа ви викам - тежок менталитет имаме... ментален...


Читајте и гледајте повеќе на темава:
http://b-n-z-r.blogspot.mk/2016/12/blog-post.html
http://b-n-z-r.blogspot.mk/2015/07/blog-post.html
http://b-n-z-r.blogspot.mk/2015/05/blog-post_14.html
http://produktinaumot.blogspot.mk/2014/02/blog-post_5.html
https://www.youtube.com/watch?t=16&v=5ptCYSaLFRI
https://www.youtube.com/watch?v=zkllQcVvo18

Sunday, December 25, 2016

Последниот македонски император

Токму поради тоа што претходно веќе било создадено плодно тло без чие постоење груевузмот немаше да се случи, периодот на груевизмот треба да се прошири и пред експонирањето на Груевски на македонската политичка сцена. И токму поради достигнување на екстреми во моралните падови, и во злоупотребите и манипулациите со општеството целиот период ќе биде наречен по него, по Никола Груевски, последниот император македонски - груевизам.

Sunday, December 18, 2016

Одмазнички менталитет (ние сме заглавени во минатото, а треба да одиме во иднината)

Својствено на нашиот одмазнички менталитет, одлучуваме да ѝ се одмаздиме на некоја политичка опција, поради тоа што имаме лошо животно искуство во време кога таа партија ја составуваше Владата. На тој начин се казнуваме и самите себеси и луѓето околу себе.
Значи, ние сме заглавени во минатото, а треба да одиме во иднината.

Friday, December 16, 2016

Ако нема праведност

Праведноста е основно сврзивно ткиво во организација на едно општество. Ако нема праведност - се губи причината за постоење на тоа општество. Затоа огромна глупост е се оправдува криминал со образложение дека „Државата (Нацијата) е загрозена“ или поради тоа што „Секој што е на власт - краде“. Државата е загрозена од самиот криминал. Чим тој се допуша и се оправдува - се допушта уништувањето на државата.

Monday, December 12, 2016

„Префрли ја вината“ - традиционална македонска игра

Од причина што пред, а посебно после парламентарните избори 2016 година, се создаде хајка од страна на приврзаниците на политичката партија СДСМ, во однос на политичката партија „Левица“ со обвинување дека последнава е виновна за изборниот пораз на СДСМ направив две пресметки.  Првата ги пресметува резултатите на партиите и на коалициите одделно, како што и учествуваа на избори; а втората ги пресметува гласовите на Левица на контото на коалицијата предводена од страна на СДСМ.
И во двете пресметки соодносот на добиените пратенички мандати останува ист.
Значи нападите спрема Левица се неосновани; и тоа уште повеќе ако земеме предвид дека дел од гласовите што ги доби Левица, при нејзино коалицирање со СДСМ немаше да ги добие таа коалиција. Тие гласачи можеби немаше да излезат на гласање, или ќе го дадеа својот глас за друга политичка опција.

Пресметката е тука:
https://docs.google.com/spreadsheets/d/1OMyPsLhc5cL3BDzSmXfYdk-TpzvzW_udiL2tys6EvH8/edit?usp=sharing


Другарски поздрав до СДСМ!