Saturday, December 29, 2012

Мирка Велиновска - „Бандитизмот ја порази преродбата“ 27 октомври, 2008


Колумна објавена во весникот НОВА МАКЕДОНИЈА

на 27 октомври, 2008 година, под наслов:

„Бандитизмот ја порази преродбата“

Потпишана од  Мирка Велиновска


Истекуваат полека стоте дена на Владата со која раководи Никола Груевски. Овој негов кабинет ја немаше вообичаената поштеда од јавна критика заради програмскиот и кадровскиот континуитет, не земајќи предвид дека по предвремените избори се случи политички значајна промена на коалициските партнери. Имено, слоганот на изборите „Преродбата продолжува“ и јавниот апел на Никола Груевски до граѓаните, да му дадат поголема доверба за да може без политички уцени да ја спроведува програмата со која еднаш победи му ја одзедоа комоцијата да се „вади“ навреме за адаптација. Не оти тој очекувал такво нешто, особено зашто главен аргумент на критичарите на предвремените избори им беше губењето време и застој во реформите. Очигледно свесен за настрвеноста на своите политички противници, кои по овие избори загубија катастрофално, Груевски веднаш по изборите нагази со темпо. Но, како што велат нашите стари, и да се отепаш од работа, ако од наречниците не ти е даден ксметот, тешко дека ќе спечалиш нешто.
По безмалку сто дена работа и со мандат од сништата, на Никола Груевски некако не му оди како што треба. Има апсолутно мнозинство во Собранието. Има обезбедено и Бадентерово и двотретинско, па, сепак, тој нов сооднос на политичките сили не се преточи во реално видлив успех. На ниту едно поле!
Забревтаната преродбеничка машинерија едноставно заринка. За тимот на Груевски сега претставува вистински предизвик да ни објасни како при толку евидентен пораз на сончевата коалиција, сосе целата експертско–медиумска логистика, владејачката партија не успева да создаде преродбенички амбиент во земјата.
Фактите се немилосрдни.
Иако е апсолутен фаворит со недостижно висок рејтинг, иако истура големи пари за промоција на владините проекти, на планот на пропагандата, тој и неговиот тим губат со службен резултат од македонската виртуелна опозиција.

Македонија нема надворешна политика
Неоспорно е дека оваа влада просто блика од идеи. За нив сме редовно педантно известувани преку епски соопштенија. Она што ѝ недостига на Владата е материјализација на идеите. Нивното оживотворување почнува и завршува во министерските ешалони. Така, ветената преродба остана бајка за лека ноќ за мнозинството граѓани. Имено, не е дека не ги гледаме напорите на тимот на Груевски да внесе ред во институционалниот и системскиот хаос. Секој таков напор преточен во закон нè прави свесни за депонијата во која сме живееле ептен долго. Нè наведува на непогрешлив заклучок дека во изминативе децении, кога СДСМ бил единствен владетел, не правел буквално ништо за да се спастри државата. Но тоа не е нашето примарно очекување од „ерата“ на Груевски. Попрво, големото средување на унередената и запустена Македонија е кондиционен тренинг пред почеток на трката за освојување олимписки медал.
За жал, во тригодишниот мандат на Груевски, Македонија не оствари ниту еден крупен скок. Не исчекори од западнобалканското мочуриште. Не мислам тука на перцептивните скокови на ранг-листите на некои набљудувачи за степенот на корупција, слобода на говор, законски амбиент и сл. Мислам на реалните политики што опипливо го издигнале реномето на државата.
На пример, од тој аспект, надворешната политика на Македонија е целосно неуспешна. За три години таа не постигна ништо, односно, така да се изразам, таа е во рецесија. Да, Грција е нашиот ноќен кошмар зашто успешно ги оневозможува сите обиди за наша меѓународна интеграција. Но ако на грчката влада ѝ е цел да нè попречува, нам белки ни е да наоѓаме ефикасни начини да ѝ парираме. Антонио Милошоски очигледно е несоодветно кадровско решение за оваа тешка работа. Во тој поглед ни Никола Груевски не се истакна како политичар од формат. На полето на надворешната политика, Владата се покажа како ептен зелена. Мала олеснителна околност може да бидат отвореното непријателство и дрското подривање што доаѓа од „дворот“ на Бранко Црвенковски, слабата дипломатска мрежа, но фактот дека министерот ни е кусоглед, еднонасочен и неинвентивен, а Владата без храбра алтернативна стратегија, не остава простор за надеж. Во генералната оцена за резултатите на оваа влада ќе биде запишано дека Македонија почна да ги губи стекнатите позиции - земјите што ја признале под уставното име, и тоа во период кога Срѓан Керим беше претседавач со Генералното собрание на ООН, а Зоран Ставревски висококотиран експонент на Светската банка и ММФ. Груевски цели две години не успеа да ја премости рампата на Црвенковски за поставување амбасадори во испразнетите македонски амбасади. Неговиот министер не успеа да обезбеди ни за себе, а камоли за премиерот, обиколка на државите од Азија, Африка и од Латинска Америка. Освен Џорџ Буш, не ќарија ниту еден сојузник или пријател. Не воспоставија елементарна комуникација со никого од светот – надвор од клиентскиот однос со Брисел. Новиот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски и понатаму повеќе дејствува како портпарол и девојка за сè, овде, во земјава, отколку како мобилен бравар-мајстор, кој треба да ги отвора блиндираните врати на европските престолнини.
За да изведе преродбенички пресврт на ова поле, Груевски треба да тргне од следниве позиции: ЕУ и САД никогаш не ги исполнуваат своите ветувања дадени на клиентелата. Тие секогаш очекуваат беспоговорно да бидат извршувани нивните директиви, макар и да се на ваша штета. Потпирањето исклучиво на овие „партнери“ значи гаранција за државен и национален неуспех. Особено во светлото на забревтаното „с’скање“ на Албанците (одложено со признавањето на Косово) да заиграат на грчка карта (како во 2001 година) на кое Владата сè уште не контрира.
Груевски отстапи пред мафијата
Ако, пак, сака да ја подигне цената на Македонија кај стратегиските партнери, неговата екипа мора да оди подготвена на визита: со пари. Со многу пари. Многу пари, распоредени во многу банки на офшор-држави, имаат нашите транзициски богаташи. Тој мртов капитал ќе беше досега жив и корисно употребен за државни потреби ако во Македонија постоеше политичка волја да се расчисти со криминалот на елегантен начин.
Арно ама на планот на судството и борбата со високите форми на криминал, Владата на Груевски потфрли катастрофално. Промената на законодавството и извесните кадровски промени во судството не се доволни за граѓаните да почувствуваат дека осамнале во правна држава. Груевски покажа дека само навидум е цврст и тврдокорен преродбеник. Во практика, и со новиот силен мандат, многу често потклекнува пред притисоците на „опозицијата“. Судските реформи рикнаа уште во првиот мандат зашто под притисок, Груевски и Маневски ги прифатија сите барања на СДСМ. Со случаите на Заев, Бучковски и обвинетите за грозоморните злосторства од 2001 година, пак, секој од нас увиде дека и во мандатот на оваа влада Македонија не е и нема да бидне правна држава. „Нулта-толеранција“ кон криминалот е само парадна политичка флоскула, која реално важи за кокошкари, ситни шверцери и улични апаши. И со Груевски остануваме нееднакви пред законот. Остануваат привилегиите обезбедени преку политиката, а со тоа, и сојузот на криминалот и политиката. Продолжува да функционира врската, протекцијата на релацијата судија-полицаец-политичар. Остануваат поделбата на партиски касти и привилегијата на вработување и кариера со партиска книшка, богатење преку партиски тендери.
И толку потребните здравствени реформи беа тотално поразени уште во првиот мандат на Груевски. Победи белата мафија, а и бившата и сегашната влада на Груевски се покажаа неотпорни на притисоци. Денес убавите и целисходни идеи за здравството во функција на осигуреникот-пациент се само мртво сведоштво за почетниот преродбенички ентузијазам.
Изгледа дека за амбициозниот премиер на Македонија тоа е нешто како политичка карактеристика. Многу сака, ама киксира во реализацијата, односно во примената на законите. Груевски ја остварува контролата над она што се работи само до второто ниво на своите кадровски решенија. На теренот, во реалниот живот, неговите проекти пропаѓаат во дупка. Да. Се работи за невоспоставена пирамида на власт и одговорност. Неа ја нема во подрачните единици, во општините каде што војската од службеници продолжува да работи по старо. Во здравството, но и во другите сфери си останаа понижувачките шалтери каде што граѓанинот–даночен обврзник витка ‘рбет пред службеникот што го плаќа, за да ги оствари своите елементарни права.
Успесите се нормални, а неуспесите загрижувачки
Се разбира, намерата не ми е да бидам намерно прекритична кон она што го прави, одработува кабинетот на премиерот. Обратен е мотивот. Токму заради доминантната убеденост на населението дека по толку време конечно добивме политичка екипа што е квалитетно поинаква од сите поранешни, заради високите очекувања и разбудена надеж дека ќе ни тргне конечно, секое потфрлување добива застрашувачки димензии.
Засега перцепцијата за Владата на Груевски и понатаму е главно позитивна заради еланот, искрената намера и многубројните идеи и потфати на неколку ентузијасти. Но таа перцепција ќе бледнее сè повеќе доколку Груевски итно не покаже повеќе од својата почетно навестена решителност и одлучност. Под претпоставка дека во меѓувреме политички и сознајно созреал.
Неговиот прв мандат го обележаа евидентни успеси на планот на даночната и царинската политика. Дури и најголемите критизери и опоненти мора да ги признаат успесите на тие институции и луѓето што ги менаџираат. Малку кој, освен намерно злонамерните, има што да забележи и на институциите од културата. На Груевски и неговите кадри им успеа за краток рок да го издигнат националниот морал на населението, кое долго време беше стимулирано за апатија. Во овој краток период почна да се реализира и проектот за образование на нацијата. Оваа влада ги прави и првите обиди да ја оживее упокоената наука во Македонија. Не се незабележани ни сизифовските маки да се пополнат празнините во издаваштвото. Секторот земјоделство едноставно беше реанимиран и вратен во состојба на дишење, без апарати.
Вакви оази на успехот на новата државна политика што ја применува Никола Груевски со својот тим се крупен чекор во девастираната Македонија, но се далеку од тоа да бидат оценети историски како преродба. Преродбата ќе почне да се случува тогаш кога Никола Груевски ќе нема потреба секоја идеја што ќе му дојде да ја промовира пред ТВ-камерите како да е реализиран проект.
Изолација
Несомнено е дека Никола Груевски не е радо виден гостин во Брисел и во европските престолнини. Тоа е политика на ЕУ кон пргавите Балканци и тоа не му носи негативни поени кај повеќето граѓани што убаво ја совладале македонско–европската историја на односи. Но недоумица внесува фактот на македонската затвореност кон остатокот од светот, попрво, две третини од светот со кои немаме никаква комуникација.
Словенија, Хрватска и Србија, нивните шефови на држави и влади, нивните министри за надворешни работи, нивните министри за економија, стопански комори ги шпартаат континентите, без оглед на евроатлантската ориентација, во потрага по инвестиции, политичка соработка за заемна корист и поголемо влијание.Се зачленуваат во регионални организации што немаат ама баш никаква врска со ЕУ и со НАТО. Само нашава влада, безмалку под идеолошко влијание на Јани Макрадули, продолжува да демонстрира инертност на штета на државата.
Зошто нема оставки и сменувања?
Никола Груевски е првиот премиер на Македонија што не посегнува по институтот сменување или оставка на некој свој соработник. Три години се доволно време за да види кој министер му потфрлил, каде се тесните институционални грла, кој не функционира соодветно со обврските. Ако неговите претходници својот неуспех го покриваа со чести кадровски сменувања, Груевски белки може да го засили позитивниот ефект од својата работа така што ќе се лиши од услугите на оние што не ги исполниле нашите (неговите) очекувања.
Груевски се плаши од жестоки дуели
Никола Груевски загуби многу од својот шарм во општењето со народот преку своите фамозни групни соопштенија по втората победа над СДСМ. Неговите спинери и понатаму ја продаваат истата финта од првиот мандат, заборавајќи дека сега Груевски има апсолутна власт и од него веќе не се бара да кажува што мисли да прави, ами тоа што го наумил да почне да го прави, па да ни се јави кога е направено. Нашиот премиер уште не го надмина својот хендикеп во јавната комуникација. Не е подготвен на бокс-меч со наапани новинари, експерти, опоненти. Тој и понатаму ги избегнува, демонстрирајќи несигурност, која лошо се одразува на неговиот јавен имиџ. Оти не е никаква добивка да седнете на муабет со самиот себе. Добивка е во жесток дуел, пред публика, да остварите победа на поени или со нокаут.

Остваруваме рокови, а не суштина

Слабоста на Никола Груевски се роковите, идното време и неуспешните тендери. Роковите му се опсесија и тоа ни е овозможено да го гледаме во јавните преноси од седниците на Владата. Така, посредно, и нам ни стана дневна обврска да ја прелистуваме програмата во сто чекори. Навистина, многу ретко гледаме промашувања на роковите, ама затоа ни паѓа в очи дека ги нема ефектите од нивното запазување. Имено, какво фајде од некој закон, донесен во конкретен рок, ако неговата примена не стигнува до секое ќоше во државата и по три години.


Sunday, December 9, 2012

Држава на апсурди - Апсурдонија

Сега, чија е одговорноста што во нашата држава растат: омразата, национализмот, фрустрациите, предрасудите, навредите...?
Се обележуваат области и територии со што поголеми споменици, верски објекти, знамиња...?
Не важат, не се спроведуваат законите?

Ми се случи да го гледам преност на фудбалскиот  натпревар помеѓу Тетекс и Шкендија.
Што да ви кажам како коментар?
Се работи за натпревар од „прва“ македонска лига, а мене ми личеше како натпревар од некоја дива, неорганизирана лига.
Имаше што да се види и што да се слушне: навреди по етничка и религиозна основа, патриотизам од дното на грлото, дивјаштво и глупост.
Немаше спорт, немаше футбал.

Па добро, нели некој во државава сноси одговорност за работите што ги прави или не ги прави?
Не викам дека ексцеси не се случуваат на спортските борилишта во светот, ама, кај нас тие се правило, на секој натпревар иста слика. И не мора опонентите да се од друга религија или етникум, доволно е да се од друго населено место.
Така, на скопјаните им посакуваме Скопје да се руши и цело Скопје да „пуши“, за расчистување со албанците препорачуваме етничко чистење - само мртви се добри, освен тоа и порачуваме да разберат тие клети „шиптари“ дека „македонско име нема да загине“ дури и на натпревар на кој игра македонската репрезентација со понекој  етнички албанец во својот состав. Со сигурност тврдам дека албанците имаат соодветни и пропорционални „желби и пораки“ во однос на македонците.

Одговорност сноси тој што организира разни настани, тој што треба да обезбеди услови за безбедност и професионализам. Одговорност сноси и тој што треба да реагира после некој ексцес за тој другпат да не се повтори. Сите овие другарчиња си земаат плати, си држат функции а не ја завршуваат работата.

Сега предлагам да го прочитате и овој допис: http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=711DFCD9162A7146956A817698803F33
Тука ќе прочитате како би требало да ја организираме државата, и спрема што да се стремиме.
Туку, мене не ми е јасно: Кој треба да ги спроведува законите во државата?

Живееме во држава на апсурди и негогичности.
Но, по се изгледа, го заслужуваме тоа.