Monday, December 29, 2014

Македонски бизнис



Еве неколку лични и искуствата на мои блиски луѓе во сферата на микро и на малиот бизнис.

Да речеме имаш идеја, имаш некој обем на средства и имаш мотивација да започнеш со претприемништво.
Ова се препреките на кои ќе наидеш:
1.    Непотизам - за секакво одобрение, дозвола (ако твојата замисла претпоставува било каков посериозен контакт со административните органи), на секој тендер во Македонија треба да имаш „свои луѓе„ за да ти биде овозможена соработка од страна на локалната или централната власт;
Тие што имаат „свои луѓе„ ќе имаат предност пред тебе. Можеш да не се надеваш дека ќе го добиеш тоа што го бараш само после задоволувањето на нивните потреби. Или пак треба да работиш нешто при што ќе немаш никаква колизија со администрацијата.
2.    Недостаток на кадар - ако твојата идеја предвидува вработување на дополнителни работници, не ќе можеш да најдеш доволно квалификувани и одговорни индивидуи;
На тие што бараат работа ти не им влеваш сигурност, па тие што вредат ќе гледаат да се вработат во веќе подолго време постоечки бизниси. Тие работници што ќе можеш да ги најдеш ќе бидат неработници, користаџии или крадци. Не си заштитен од таквите луѓе. Плус не е препорачливо да вработуваш пријатели или роднини, затоа што иако ним можеш да им веруваш, ќе настане ситуација кога ќе страдаат вашите приватни односи.
3.    Законски рекет - Кога ќе почнеш со бизнис, имаш големи трошоци: плаќаш за изнајмување ако немаш свој деловен простор, плаќаш „индустриска„ ел. енергија; не смееш да си дозволиш ни најмала грешка, затоа што ќе бидеш под строг инспекциски мониторинг и ќе бидеш сурово казнет за најмала грешка. Тоа може да биде крај на твоето претприемништво.
4.    Конзерватизам и менталитет на понижување и непочитување кој го поседуваат потрошувачите - Од причина што почнуваш со мали средства, твоето производство е мало и треба да се продава локално. Ќе се сретнеш со предрасуди спрема твојот производ и спрема тебе лично (па кој си, па од каде си, па каков си, па од каде ти пари, па ти ли ќе го правиш тоа, па до вчера си бил нигде и никаде)
5.    Мали приходи - Дури и да го направиш твоето производство рентабилно и покрај големите препреки, трошоци и давачки, тој приход, во многу случаи ќе биде неспоредливо помал од просечната плата што ја добива работник со средни квалификации во некоја од западните држави. Затоа има и случаи луѓе да затворат бизнис во Македонија и да се преселат на запад за да работат „обична„ работа.

Можеби нешто сум пропуштил?
Можеби не сум во право за нешто?
Кој мисли дека грешам - нека пише, нека ме подучи и мене и сите нас како да водиме претприемништво во нашата држава.
Сакам да придонесувам, активен сум, имам идеи, но мотивацијата паѓа при секое реално негативно искуство, опишано погоре. 


Monday, December 22, 2014

Колаборација

Има разлика. А разликата е во секого од нас. Разликата е во тоа колку цврсто си се изградил, што може да те поколеба, до каде си спремен да одиш и која е целта на твоите дејствија.

Постои стратегија на фронтална борба '¡No pasarán!'

http://en.wikipedia.org/wiki/They_shall_not_pass
во која директно се конфронтираш со противникот. Тогаш има дефинирана линија на фронтот, се знае во која насока треба да се дејствува и нема друга интеракција со противникот освен негово уништување во моментот кога тој ќе тргне против тебе.
Од една страна оваа стратегија е добра затоа што има јасна насоченост и дефинирана конфронтација, па конфликтот кога - тогаш ќе ескалира и ќе доведе до промена на состојбите.
Од друга страна фронталната стратегија не е интерактивна - ти не располагаш со информации и средства со кои би можел да се бориш поефективно. Затоа отсекогаш се применуваат и стратегиите на собирање информации, шпионирање на редовите на непријателот од блиску. Но при блиска интеракција постои шанса да ги промениш ставовите, градбата во тебе да се урне и да преминеш на другата страна (нагон за сочувување), при што секога ќе најдеш „логични„ оправданија за својата постапка. 


Значи накратко: државата е наша, на сите нас, нејзе и даваш и од неа бараш, ако добиваш нешто од државата, не го добиваш од конкретните политичари и не се ставаш во зависност од нив.

Tuesday, December 9, 2014

Предавство на сонцето



За да се одвлече влијанието од студентското незадоволство и од политичката криза, ни се пласира оваа идеја за нов грб, иако истово ова мнозинство веќе го менуваше изгледот на грбот пред 5 години. Тогаш немаше концензус за ништо повеќе од отстранување на комуњарската ѕвезда од грбот. Тогаш лавот беше неприфатлив за албанците, сега излезе дека лавот бил и албански симбол. Замислете што ли му е понудено на Ахмети, па сега да почне да ја брани промената на државниот грб? Која концесија?
А што се однесува до предлогот за државен грб, имам впечаток дека некој го направил на брза рака, за пола саат. Тој не оддава никаква симболика, нема никаква порака во него, никаква девиза, штитот не е штит, круната не е круна туку е калето. Со својата графичка едноставност предложениот грб не нуди претстава на гордост, независност, сувереност.
Што кажува тој грб?
Нешто како: Имаме тврдина и бесни сме како лавови?
Или: Калето е нашата круна?
А зошто се откажуваме од сонцето коешто е претставено и на симболот најден во Кутлеш и стилизирано на сегашното државно знаме и на досегашниот грб?



Monday, December 8, 2014

Почеток на едноумието


Продолжуваат манипулациите и наместо новинарски прилог ни се пласира партиска пропаганда:
1. Се земаат изјави од актуелни студенти; а како што знаеме генерациите кои веќе студираат се ослободени од полагање на предложениот државен испит. Него ќе го полагаат тие што се сега во средно школо. Зошто не ги прашуваат средношколците? Значи студентите зборуваат и одобруваат 100 стапа по туѓ грб - нив тоа не ги боли.
2.  Сите студентите што даваат изјави застапуваат само едно гледиште, а очигледно е според нивните изјави дека постои и друго гледиште, постојат и други студенти. Зошто во прилогот не се земени интервјуа и од студенти со поинакво гледиште, па консументот на оваа „прилог„ да ги добие сите спротивставени информации и вистини, па самиот да генерира свое мислење за конкретната работа?
3. Студентите интервјуирани во прилогот даваат поддршка за државниот испит, бидејќи сметаат дека има проблеми во високото образование: „конечно ќе се види кој ги заслужил оценките, а кој дипломата ја добил со пари„. Истото го тврди и цитираниот професор, Д-р Горазд Росоклија, кој кажува дека:
„на македонското образование му се потребни длабоки и болни реформи, а државниот испит е  неопходен како мерка со која ќе започне гаснењето на пожарот„ и дека
„според последните податоци изнесени минатата недела, македонските студенти имаат најниско ниво на знаење во споредба со студентите од сите други европски земји„;
„Алтернативата е да продолжиме да тонеме во незнаење и неписменост„ - вели професорот.
„Реформите треба да започнат со ригорозни критериуми во изборот на професорскиот кадар, а да завршат со општествено вреднување на добрите студенти, не преку формални награди, туку преку нивно вработување на позиции на кои тие лично ќе напредуваат и ќе го движат напред целото општество„
Значи според зборовите на интервјуираните студенти и на почитуваниот професор во македонското високо образование „гори пожарот„ на „незнаење и неписменост„; во него работи несоодветен професорски кадар; не се вреднува и не се селектира квалитетот - Затоа македонското општество не напредува.
Сега јас, Константин Карев, прашувам:
Кој е одговорен за тие за тие состојби во македонското високо образование?
Кој „реформира„ во сите ресори, веќе 8 години, па на тоа „реформирано„ високо образование, итно му е потребна нова реформа (според цитираниот професор)?
На кој начин „тој некој„ ќе одговара пред македонското општество за направените пропусти?
4. Интервјуираните студенти кажуваат дека не ги поддржуваат најавените протести и дека нема да дозволат да бидат изманипулирани, бидејќи не сакаат да бидат политички марионети на политичките партии; а можеби и самите не сфаќаат дека (во ваков едностран неновинарски прилог) тие изгледаат како марионети на партијата на власт. А еве и докази дека студентите чии интервјуа се наведени во прилогот се силно партиски инструирани од партијата на власт:
Е така.
5. За крај, како врвна вистина се наведува ставот на премиерот, Никола Груевски, дека студентските протести се мотивирани и поттикнати од најголемата опозициска партија, помогната од структурите на Соросовата фондација во земјава. Нешто кое никој не смее да го оспорува, затоа што премиерот сè знае и сè може и даден ни е од Господа, вечно да нè води.

Не, ова не е фашизам и не е диктатура. Сè уште. Ова е почеток на едноумието.


Ниту Боцевски не знае што да ми одговори