Monday, December 8, 2014

Почеток на едноумието


Продолжуваат манипулациите и наместо новинарски прилог ни се пласира партиска пропаганда:
1. Се земаат изјави од актуелни студенти; а како што знаеме генерациите кои веќе студираат се ослободени од полагање на предложениот државен испит. Него ќе го полагаат тие што се сега во средно школо. Зошто не ги прашуваат средношколците? Значи студентите зборуваат и одобруваат 100 стапа по туѓ грб - нив тоа не ги боли.
2.  Сите студентите што даваат изјави застапуваат само едно гледиште, а очигледно е според нивните изјави дека постои и друго гледиште, постојат и други студенти. Зошто во прилогот не се земени интервјуа и од студенти со поинакво гледиште, па консументот на оваа „прилог„ да ги добие сите спротивставени информации и вистини, па самиот да генерира свое мислење за конкретната работа?
3. Студентите интервјуирани во прилогот даваат поддршка за државниот испит, бидејќи сметаат дека има проблеми во високото образование: „конечно ќе се види кој ги заслужил оценките, а кој дипломата ја добил со пари„. Истото го тврди и цитираниот професор, Д-р Горазд Росоклија, кој кажува дека:
„на македонското образование му се потребни длабоки и болни реформи, а државниот испит е  неопходен како мерка со која ќе започне гаснењето на пожарот„ и дека
„според последните податоци изнесени минатата недела, македонските студенти имаат најниско ниво на знаење во споредба со студентите од сите други европски земји„;
„Алтернативата е да продолжиме да тонеме во незнаење и неписменост„ - вели професорот.
„Реформите треба да започнат со ригорозни критериуми во изборот на професорскиот кадар, а да завршат со општествено вреднување на добрите студенти, не преку формални награди, туку преку нивно вработување на позиции на кои тие лично ќе напредуваат и ќе го движат напред целото општество„
Значи според зборовите на интервјуираните студенти и на почитуваниот професор во македонското високо образование „гори пожарот„ на „незнаење и неписменост„; во него работи несоодветен професорски кадар; не се вреднува и не се селектира квалитетот - Затоа македонското општество не напредува.
Сега јас, Константин Карев, прашувам:
Кој е одговорен за тие за тие состојби во македонското високо образование?
Кој „реформира„ во сите ресори, веќе 8 години, па на тоа „реформирано„ високо образование, итно му е потребна нова реформа (според цитираниот професор)?
На кој начин „тој некој„ ќе одговара пред македонското општество за направените пропусти?
4. Интервјуираните студенти кажуваат дека не ги поддржуваат најавените протести и дека нема да дозволат да бидат изманипулирани, бидејќи не сакаат да бидат политички марионети на политичките партии; а можеби и самите не сфаќаат дека (во ваков едностран неновинарски прилог) тие изгледаат како марионети на партијата на власт. А еве и докази дека студентите чии интервјуа се наведени во прилогот се силно партиски инструирани од партијата на власт:
Е така.
5. За крај, како врвна вистина се наведува ставот на премиерот, Никола Груевски, дека студентските протести се мотивирани и поттикнати од најголемата опозициска партија, помогната од структурите на Соросовата фондација во земјава. Нешто кое никој не смее да го оспорува, затоа што премиерот сè знае и сè може и даден ни е од Господа, вечно да нè води.

Не, ова не е фашизам и не е диктатура. Сè уште. Ова е почеток на едноумието.


Ниту Боцевски не знае што да ми одговори

No comments:

Post a Comment