Thursday, October 10, 2013

Држава на апсурди - Апсурдонија (2)



Земја на апсурдите, така можам да ја наречам мојата држава.
Тука не важат правилата, не важи логиката.
Тука не важи чесноста, моралот и етиката.
Ова е земја на пресметливци и на снаодливци.

А јас сум смотан.
Јас не членувам во ниедна политичка партија, па, не очекувам да ме вработат по партиски клуч, ни сега, ни кога ќе дојде друга политичка опција на власт, кога и да биде тоа. (А ако живееме во колку-толку демократско општество  - тоа би требало да се случи). Не членувам, не поради тоа што сум рамнодушен спрема политичките состојби во Македонија, напротив, ги следам активно сите политички збиднувања. Но, на македонската политичка сцена, партија во која јас би сакал да учествувам едноставно не постои, не е формирана. Интересно е прашањево што си го задавам: И да се формира партија која ќе ги задоволува моите принципи и чија идеологија ќе се совпадне со мојата, како, знаејќи ги политичките и социо-економските услови во Македонија, и кога таа партија би можела да стане влијателна? Блиску до вистината би бил одговорот: Никако и никогаш.

Значи, ако сакаш да имаш личен бенефит од членувањето во партија, мораш да се зачлениш во ВМРО ДПМНЕ или во СДСМ; или пак во некоја партија, која што е сигурен коалициски партнер на овие двете. Така и прават луѓето, играат лотарија, се зачленуваат и служат – им тече партиски стаж (а тој подразбира бенефиции). А на партиите им требаат вакви луѓе – тие се сигурни гласачи и агитатори. Тоа е најсигурен начин да се дојде или да се остане на власт – со манипулации, притисоци и уцени. Партиските членови, во најголем број случаи  ù се лојални на партијата не поради нејзините политики (тоа можеби играло некоја улога во моментот на зачленување) туку, поради тоа што не сакаат да ја загубат својата инвестиција - тие имаат стаж во партијата. Па, кога ќе дојде ред некој партиски член да биде вработен по партиски клуч тој/таа ќе ù бидат безмерно благодарни на партијата и на лидерот, нивната егзистенција зависи од таа взаемна поврзаност. Таквите партиски членови ù должат нешто на партијата, затоа, таа може да бара од нив и нешто друго за возврат – да станат агитатори и врбувачи на нови членови.

И што добиваме? Поточно, во какво општество живееме? Дали е ова прокламираното демократско општество? Дали луѓето се слободни во своите размислување и дејствија? Дали живееме во општество што напредува, или во општество што стагнира?

Ако се гледа од надвор, можеби изгледа дека живееме во демократско општество. На власт се доаѓа преку избори. Власта е поделена на: исполнителна (спел-чекот ми го потцртал ова зборче и ми нуди опција: сомнителна), законодавна и судска. Постојат институции кои би требало да имаат контролна функција во една демократија.  Но, сето тоа се површни показатели.

Во едно демократско општество би требало да има демократски партии. Партии, во кои насоките на дејствување се поставуваат одоздола нагоре, тоест секој партиски член може да има свој став или предлог во однос на било кое прашање, па со проследување на ваквите мислења нагоре да се создава генералната политика на партијата. Нашите партии имаат лидерски принцип – главните насоки во партијата ги генерира партиската врхушка, чии директиви за дејствување се пренесуваат надолу по хиерархиската пирамида.

Во едно демократско општество би требало да има:
  • Аргументирано спротивставување на различни концепции и размислувања (кај нас нема аргументирана дебата, кај нас има неаргументирано омаловажување на мислењето на опонентот или пак замена на тези – кој колку украл, кој е наследник на која бивша политичка структура итн. );
  • Независен граѓански сектор (граѓанскиот сектор, како и се друго во државава е партизиран и не им служи на граѓаните туку на партиите);
  • Професионални независни медиуми (медиумите се корумпирани и непрофесионални, со медиумите управува политиката, која, преку нив, влијае врз граѓаните. Медиумите се непрофесионални, нивна цел не е да информираат и да ги бараат сите можни вистини; нивна основна цел е да убедуваат – да манипулираат со граѓаните).

Генерално земено, граѓаните на Македонија не се упатени во тоа како функционира една демократија, и како, во рамките на таа демократија функционираат нејзините компоненти.
Поголемиот дел од граѓаните дисквалификациите и замените на една теза со друга ги сметаат за нормални. Тие не сфаќаат дека сите партии би требало да учествуваат во политичката „игра“ врз рамноправни услови.

Негативност за нашата демократија е што на партијата СДСМ ù се лепи етикета дека се наследници на Комунистичката Партија, па, поради тоа таа се смета за одговорна за целиот период кога Комунистичката Партија раководеше со државава (републикава).

Негативност за нашата демократија е што партијата ВМРО ДПМНЕ го носи префиксот ВМРО (не требаше да и биде регистрирана оваа политичка партија под ова име). Секој македонски граѓанин знае дека најголемата причина за постоењето на сегашната македонска држава е дејствувањето ВМРО, и затоа, оваа скратеница му припаѓа на секој граѓанин на Република Македонија. Со узурпирањето на овој акроним ВМРО ДПМНЕ добива можност да се декларира како патриотска партија а другите партии да ги дисквалификува како предателски и немакедонски.
  
Дисквалификување е кога во некоја политичка дебата наместо да се говори за фактите и за сегашноста се говори за минатите грешки на некоја партија. Па нели поради лошото владеење партиите ја губат власта – со тоа се казнето од граѓаните. До кога ќе се употребуваат дисквалификациите како „СДСМ спроведе криминална приватизација“? Ако приватизацијата беше криминална, тогаш, тие што ја спровеле би требало да бидат гонети и казнети според закон. Но тоа не е случај. Приватизацијата беше спроведена врз основа на законите што ги донесе собранието на Република Македонија. Сега, околу тоа што тие закони беа носени непрофесионално или дури со намера општествениот капитал да се најде во рацете на неколку олигарси; за тоа може да се бара само морална одговорност од пратениците во тој состав на собранието и од владејачката партија во тоа време. А на кој начин можеме да бараме нивна морална одговорност? Па на избори. Нема да гласаме за нив.

Повеќето граѓани и не сфаќаат како медиумите манипулираат со нив. Граѓаните не знаат елементарна работа (не им е објаснето), дека, никој не е виновен додека во судска постапка не се докаже спротивното. Затоа, нам ни се случува, секогаш кога актуелната политика има потреба да се нападне преку медиумите политичкиот опонент, тоа се прави без никакви аргументи, или со аргументи „рекол-кажал“.  Се сеќавате ли колку време ударна вест на вестите беше „сведочењето“ на (како што и самите медиуми коментираа: „балканскиот деликвент“) Љубомир Периќ-Магаш за неговата соработка со Црвенковски и Фрчковски. Па кој ли на граѓаните да им објасни дека со нив манипулираат кога пласираат такви  „вести“. Колку вреди зборот на еден осведочен деликвент? И воопшто - Кој професионален уредник на вести го смета ова за вест, а не па и за ударна вест? Ако има докази, во државава има јавен обвинител, нека дејствува. Но, ништо од судска постапка. Само медиумско лаење, манипулација со кревката потсвест на македонските граѓани измачени од суровата економска реалност.
  
Демократско општество би требало да биде втемелено врз етички основи. Етички ли е самиот да ги фалиш своите постапки? Или, треба друг да ги разбере и да ги пофали или искуди твоите постапки. Нашиот премиер и целата влада сами се фалат со своите постапки. Не дека не знаат дека тоа не е етички исправно, знаат. Туку таа стратегија им успева кај повеќето македонски граѓани. И? Зошто да ја менуваат стратегијата? Зошто да ги култивираат граѓаните (во демократска смисла)? Тоа е против нивните интереси.

Сите досегашни политички лидери во Македонија не го менуваат демократскиот капацитет на државата, туку, го користат, и манипулираат со демократски и културно необразованиот македонски човек.

И сега кажете ми како јас со овие мои сфаќања да се „снајдам“ во сегашната Македонија?

Последното што ме изиритира и ме поттикна да го напишам овој текст е конкурсот за вработување на 1600 граѓани од социјално загрозени категории во ЈП Македонски Шуми, со можно понатамошно прераспоредување во други државни институции.

Па, има ли нормални во државава?

Па во јавната администрација веќе има превработеност, што ќе работат уште 1600 души. Луѓе мои, па вие имате на платен список административци што си седат дома и примаат плата, па прво ним требаше да им обезбедите работа. Нели? Или ова е социјална мерка? Ако беше социјална мерка, тогаш требаше да им биде зголемена социјалната помош на нејзините приматели. Во државата треба да има што помалку административци а што повеќе вработени во приватниот сектор.
Треба да имаме што поголемо и поквалитетно производство, треба да создаваме производи и услуги што ќе прераснат во брендови, па, тие производи и услуги да бидат продавани во странство, за да имаме поголем БДП.

Што ќе работат 1600 административци? Ќе администрираат? Дополнителна нелогичност е што примените по потреба ќе бидат префрлени во други државни институции. Во институции што ќе можат да ги исплаќаат нивните плати или во институции на кои им се потребни услугите на овие граѓани? А зошто тогаш овие институции сами не ги селектираат потребните граѓани според струки и квалификации. Или не се потребни квалификации, туку, само припадност кон партија?

И сега, ако веќе примате 1600 луѓе на работа, сте навеле некои критериуми, сте се обиделе дури и транспарентен да го направите изборот; како е возможно да не ги проверите податоците што граѓаните ги соопштиле? Па сега сите податоци се централизирани, и до сите податоци имате достап.

Кај нас секогаш успеваат тие што мамат, што лажат и крадат. Така, ако си бил искрен и си ја пишал реалната состојба – нема да освоиш доволно поени. А ако си ги подлажал – ќе успееш.

Еве ќе наведам еден пример, а верувам, ги има стотици:
Весна Билбиловска е една од тие што поминаа на конкурсот и ќе биде вработена. Таа добила 20 поени во категоријата за самохрани и еднородителски семејства.  Во нејзиниот дом дојде телевизиска екипа и со неа направија интервју, Во разговорот со неа се испостави дека таа има сопруг. Покрај тоа добила 39,79 поени од можни 40 во категоријата „приходи на домаќинството“ , што значи дека тоа домаќинство е скоро без приходи (сосема поинаква состојба покажува покуќнината во нејзиниот дом). Значи дека конкурирала со лажни податоци.

Колку такви случаи има?

Интересна ми е и категоријата број на деца во семејството“ Весна Билбиловска во неа добила 8,89 а има 5 деца, а колку деца има семејството чиј член има 40 бодови од можни 40 по тој критериум?


Живееме во ненормална држава, во државата на апсурдите.