Friday, February 17, 2017

Ние вредиме 5-10 пати помалку од нашите политичари.

Цените на техничката стока и цените на прехранбените производи во развиените држави се на исто, дури и пониско ниво од нашите, повисоки се трошоците за домување и режиските трошоци, но платите се 5-10 пати повисоки од нашите. Затоа од тие плати можат да се отплаќаат кредити, а од нашите не можат. Плус ако дел од платата остане како заштеда - ист процент од плата поголема 5-10 пати е 5-10 пати повисок. Тоест, ако таму заштедиш 10% од 2000 евра ќе ти останат 200 евра, а ако тука заштедиш 10% од 200 евра ќе ти останат 20 евра, па ќе ти треба 5-10 пати повеќе време да ја собереш истата сума како вработениот во развиена држава.

И покрај долгата транзиција од општество со општествена во општество со генерално приватна сопственост над производните процеси, македонскиот економски стандард останува на ниско ниво.
Ваквата состојба единствено им одговара политичарите, чии плати се на светско ниво, а покрај тоа тие заработуваат и од бизниси кои ги добиваат преку сопствениот политички ангажман. Во фирмите на политичарите работат македонски граѓани за македонска плата. Последниве на избори гласаат за истите македонски политичари лесно поткупени баш поради тоа што работат за македонска плата. 
Плус „заработените“ пари политичарите ги користат за да влијаат врз медиумите, кои понатаму влијаат врз македонските граѓани наметнувајќи им размислувања во корист на политичарите на власт, користејќи ги ниските емоции и ниското ниво на интелект и пренасочувајќи го вниманието на македонскиот граѓанин. Затоа медиумите не нè информираат, туку нè убедуваат. И затоа телевизиите ни го узурпираат времето со приказни, дали биле народни, турски или шпански - сè исто.

Излезот од ова ропство се наоѓа во покачувањето на свеста на македонските граѓани. Прво што треба да се разбере е дека не постојат строго дефинирани црно-бели ситуации:
барањето виновници е всушност префрлање на вината,
посочувањето предавници е пренасочување на вниманието,
барањето единство кога во исто време создаваат анимозитет помеѓу луѓето - е манипулација и лицемерие.