Monday, December 29, 2014

Македонски бизнис



Еве неколку лични и искуствата на мои блиски луѓе во сферата на микро и на малиот бизнис.

Да речеме имаш идеја, имаш некој обем на средства и имаш мотивација да започнеш со претприемништво.
Ова се препреките на кои ќе наидеш:
1.    Непотизам - за секакво одобрение, дозвола (ако твојата замисла претпоставува било каков посериозен контакт со административните органи), на секој тендер во Македонија треба да имаш „свои луѓе„ за да ти биде овозможена соработка од страна на локалната или централната власт;
Тие што имаат „свои луѓе„ ќе имаат предност пред тебе. Можеш да не се надеваш дека ќе го добиеш тоа што го бараш само после задоволувањето на нивните потреби. Или пак треба да работиш нешто при што ќе немаш никаква колизија со администрацијата.
2.    Недостаток на кадар - ако твојата идеја предвидува вработување на дополнителни работници, не ќе можеш да најдеш доволно квалификувани и одговорни индивидуи;
На тие што бараат работа ти не им влеваш сигурност, па тие што вредат ќе гледаат да се вработат во веќе подолго време постоечки бизниси. Тие работници што ќе можеш да ги најдеш ќе бидат неработници, користаџии или крадци. Не си заштитен од таквите луѓе. Плус не е препорачливо да вработуваш пријатели или роднини, затоа што иако ним можеш да им веруваш, ќе настане ситуација кога ќе страдаат вашите приватни односи.
3.    Законски рекет - Кога ќе почнеш со бизнис, имаш големи трошоци: плаќаш за изнајмување ако немаш свој деловен простор, плаќаш „индустриска„ ел. енергија; не смееш да си дозволиш ни најмала грешка, затоа што ќе бидеш под строг инспекциски мониторинг и ќе бидеш сурово казнет за најмала грешка. Тоа може да биде крај на твоето претприемништво.
4.    Конзерватизам и менталитет на понижување и непочитување кој го поседуваат потрошувачите - Од причина што почнуваш со мали средства, твоето производство е мало и треба да се продава локално. Ќе се сретнеш со предрасуди спрема твојот производ и спрема тебе лично (па кој си, па од каде си, па каков си, па од каде ти пари, па ти ли ќе го правиш тоа, па до вчера си бил нигде и никаде)
5.    Мали приходи - Дури и да го направиш твоето производство рентабилно и покрај големите препреки, трошоци и давачки, тој приход, во многу случаи ќе биде неспоредливо помал од просечната плата што ја добива работник со средни квалификации во некоја од западните држави. Затоа има и случаи луѓе да затворат бизнис во Македонија и да се преселат на запад за да работат „обична„ работа.

Можеби нешто сум пропуштил?
Можеби не сум во право за нешто?
Кој мисли дека грешам - нека пише, нека ме подучи и мене и сите нас како да водиме претприемништво во нашата држава.
Сакам да придонесувам, активен сум, имам идеи, но мотивацијата паѓа при секое реално негативно искуство, опишано погоре. 


No comments:

Post a Comment