Sunday, September 14, 2014

Туткун кој што може да се плати



Тоа е. На човек не можеш да му дадеш ништо ако тој човек не сака да прими. Манчевски се „дрзнал„ да го каже своето размислување и веднаш станал предавник, чијашто уметност ништо не вреди и никогаш не вредела.

Па и каде се „навредите„ во тоа што го кажа Манчевски?
Тој кажува дека нашата култура поседува „вистинско богатство„, покрај тоа, ја кажува и реалната состојба на (не)културата и (не)духовноста што е насеана околу нас: „вулгарниот малограѓански вкус го смета за наша културна баштина„. Ние самите: „се срамиме од својата вистинска богата традиција затоа што истата е рурална и различна од западните урнеци". Така е, јас се согласувам со него: имаме своја традиција, културно наследство, вредности, идентитет; а самите се омаловажуваме и ништиме кога не го почитуваме своето и не се почитуваме меѓу себе (па бараме „предавници„ меѓу нас). И да, Манчевски, употреби збор што го нема во македонскиот книжевен јазик „баштина„, и што? Со тоа станува заколнат немакедонец кој не си го знае јазикот?

Освен тоа тој зборува за „измислена историја, култура и традиција кои ниту постојат ниту постоеле„ (не зборува за „крадена историја„).
Посебно ми се допаѓа: „Ова е тема за психолози и психијатри а не за филозофи и уметници. Од каде оваа себе омраза? Кај нас често пати критериумот за вреднување е колку некое дело личи на некој странски кич.”  

Што се однесува до уметноста на Манчевски (на која што всушност опонира ќељавиот и ќењав бивш Актер http://press24.mk/toni-mihajlovski-na-facebook-go-raspuka-milcho-manchevski-pui-go-bez-pari), тоа е прашање на вкусови, затоа што има разни сензибилитети и разно вреднување на уметноста. Покрај тоа уметноста може да биде но и не мора да биде веродостојна, таа може да биде наменска, но подобро е кога не е таква.
Има еден стар виц: Некаде во прериите, некој Индијанец седи покрај запален оган и на ражен врти месо. Друг Индијанец, од друго племе поминува покрај огнот, му замирисало печеното, па, за да добие парче - почнал муабет со првиот. Овој го поканил и му дал парче месо. Молчеле и јаделе. Па, вториот Индијанец, за да ја разбие тишината вика:
- Ти си добар човек, но мене, вашиот поглавица не ми се допаѓа.
- Не ти се допаѓа? Не јади. – одговорил вториот.
Така да, кому не му се допаѓа тоа што го прави Манчевски, нека не ги гледа филмовите. Изгледа дека некому, сепак, му се допаѓале филмовите, па, му даваат за нив и награди. Со своите дела Манчевски покажува дека во Македонија постои уметност и култура. Тој е дел од мозаикот на нашата актуелна култура.

А што се однесува до тоа дека знаеме да се навредуваме, да се омаловажуваме, па и да се уништуваме, тоа самите си го знаеме. Еве стихотворба на таа тема (мој препев), напишана во 1875 година, кој ќе го погоди авторот има пиво од мене:

И не сме народ, не сме народ – туку мрша,
луѓе сме што само измами си вршат.
Нам тешко ни е, мачно ни е сè:
"Јас не знам! Од каде јас па? Не!"

Нит знаеме, нит можеме и желбата ни вене –
да створиме за себе си, со време.
А само знаеме и можеме... (што племе!)
едени со други злобно да се колвеме...

Меѓу себе сме: смели, бујни и така оштри.
А пред други сме: тивки, мирни и послушни...
И ќе не гази кој од каде фати,
штом сме си туткун кој што може да се плати.

А вика секој: "Доста веќе, аман!" –
а секој чува в пазуви камен...
И не сме народ, не сме народ – туку мрша.
И пак ќе речам – така и ќе свршам.

No comments:

Post a Comment