Tuesday, August 16, 2016

Луѓето не разбираат дека политичарите се само времени менаџери (раководители, управувачи, директори) а не сопственици на државата

Мнозинството луѓе во Македонија не го разбираат концептот на демократијата. Тие поаѓаат од својот посесивно - непочитувачки менталитет и сметаат дека на избори се добива сопственост врз државата и врз сите нејзини граѓани. Не разбираат дека изборите претставуваат делегирање одговорност од граѓаните врз пратениците, кои иако сто се избрани од пратеничка листа на партија, не се поседувани од неа и располагаат со својот човечки интегритет и право на самостојно дејствување. Истото важи и за членовите на Владата која се избира и би требало да одговара пред колективниот раководен орган (парламент, собрание); и тие се индивидуи кои располагаат со свој интегритет, со право самостојно да одлучуваат, но и да сносат одговорност за своите одлуки. Да го спомнеме тука и институтот Претседател на држава, кој би требало да биде врховен коректор на сите процеси во државата.

Ова што се случува кај нас е свесно откажување од сопствениот интегритет и персоналитет и од страна на пратениците и од страна на членовите на Владата - во корист на автократска партија. На тој начин сите демократски механизми, до чие осмислување човечката цивилизација поминала илјадници години, се бајпасирани, занемарени, опструирани и оневозможени.
Ваквиот систем само привидно е демократски, од причини што се спроведуваат повеќепартиски избори и постои парламент, всушност владее автократија, хегемонија - царство.


Од неразбирањето на функционирањето на демократијата произлегува и неразбирањето на функцијата на политичките партии и улогата на политичарите во едно демократско општество. Луѓето не разбираат дека политичарите се само времени менаџери (раководители, управувачи, директори) а не сопственици на државата; и дека политичките партии се само здруженија на граѓани кои сакаат да превземат одговорност а не се колектори на моќ кои ги преземаат ингеренциите и прерогативите на државата.

No comments:

Post a Comment