Friday, July 29, 2016

Текст од 2005та година: „Незадоволни и незадоволени“ или „Болести на здравиот разум“

Ве молам прочитајте. Ова е мој стар текст, деновиве ми дојде мисла да го препрочитам и да го ставам на оваа платформа. Во текстот како да се опишани тековните состојби во нашето општество, но, ќе се зачудите - текстот е напишан во 2005та година; дел од него е излезен во дневниот весник Време, во двобројот од 29ти и 30ти октомври 2005та година.

За 11 години не сме нашле начини како да ги поправиме девијациите во нашето општество, а навистина е страшно што состојбите што ги евидентирав тогаш денес станаа алармантни:


„Незадоволни и незадоволени“ или „Болести на здравиот разум“

Едно е сигурно, а тоа е дека повеќепартискиот систем во Македонија не заживеа продуктивно. Сè се сведува на тоа на какво тло ќе падне некое семе и при какви услови, соодветно на тоа ќе никне или не, ќе расте ќе се развива и ќе даде плод, или не.
Во нашиот случај повеќепартискиот систем постои, тоест никна, но во наши конкретни услови и на наше конкретно тло дојде до негова деформација.
Оваа ситуација продолжува, односно, нашиот политички систем расте, се развива деформирано и ни дава сосема непотребни, дури и штетни плодови.
Партиите и партизацијата се навлезени во сите животни сфери што е непродуктивно и го кочи развојот на општеството. Партиските интереси го сузбиваат квалитетот односно го супституираат со медиокритет, тие прекинуваат процеси за чија консолидација се губи време.
Партизацијата влијае врз и без тоа проблематичен ментален склоп на луѓето, тие се збунети и искомплексирани, настроени негативно едни спрема други. Партизацијата ги влошува меѓучовечките односи, негативно влијае врз одговорноста на граѓанинот пред државата и нејзините закони, доаѓа до нерамноправност на граѓаните пред законот.
 Партиските или коалициските решенија ги супституираат државните институции и нивното право и обврска да ги решаваат работите на начин регламентиран со закон. Се нарушува основното правило за независност на законодавната, извршната и судска власт една од друга.
Партиските олигархии одат рака под рака со бизнис елитата а може да зборуваме и за нивна кохезија, нема слободен бизнис, има манипулации при кои се користи власта за паразитски да се профитира на државна сметка.
Проблемите не се решаваат систематски, нема државна стратегија, туку тогаш кога ќе се зголемат енормно, ќе пуштат метастази и ќе се поврзаат со други нерешени проблеми, дотогаш држани под тепих, (така поврзаните проблеми институциите на системот веќе не можат да ги решат без да се поремети некоја друга на лабилен начин направена рамнотежа) на сцена доаѓаат партиските елити и донесуваат компромисни привремени решенија.
Ваквите решенија предизвикуваат понатамошна поделеност и нетрпеливост меѓу народот по сите можни основи: национална, политичка, класна, дури и религиска. Се нарушуваат критериумите, моралните норми и системи на вредности.
Создадено е неорганизирано и непродуктивно општество – не создаваме нови вредности ниту материјални ниту интелектуални ниту физички.
Додека ги има причините ќе ги има и последиците – додека институциите на системот не ја реализираат намената на своето постоење, да се сузбијат корупцијата, непотизмот, економскиот криминал, паралелно со тоа да се подобрува животот на граѓаните, да се донесат закони во тој план, истите безусловно да се применуваат на  целата територија и во однос на секој прекршител, сè дотогаш ќе немаме хомогена, неосетлива на поларизација, политичка нација, а ќе имаме еден куп разединети партиски нации.
Постоењето на хомогена политичка нација ќе донесе стабилност во сите можни аспекти, што претставува предуслов за развој.
Само тогаш нашето стопанство ќе стане продуктивно, тогаш ќе станеме интересни за надворешни инвестиции, тогаш и нашите банки ќе ги инвестираат средствата депонирани кај нив во нашата индустрија, каматните стапки ќе паднат, тогаш ќе ни се отворат вратите на Европската унија.
Не претендирам на тоа дека ова е единствен начин да влеземе во Европска унија. Возможно е, но мало веројатно Европската унија да не прими на мала врата, поради некои политички причини, со што нè залажуваат неколкуте последни наши владини врвови, но дури и во тој случај ќе мораме да си ги решиме сите наши проблеми или нашиот влез ќе биде провизорен и никаква промена од него нема да осетиме. Значи, оваа втора варијанта претставува одложување на неизбежното, со таа разлика што сите ние губиме време, животот поминува покрај нас додека ние очајнички се трудиме да преживееме од денес до утре.
На ова место ќе искористам прилика и ќе им укажам на сите, независно во какви бои гледаат, дека секогаш спасението на давеникот е во прв ред во негови раце. Давеници сме сите ние, а спасението ни е освестување и дејствување, што значи дека треба
·  да ја осознаеме состојбата во која се наоѓаме;
·  да ги утврдиме причините кои доведоа до неа;
·  и да смислиме ефективни и продуктивни мерки за дејствување.

Без сомнение после последната напишана реченица ќе се јават гласови на неодобрување, ќе ми речат дека состојбата е стабилизирана, живееме солидно, се наоѓаме на чекор од влезот во НАТО и во ЕУ. Јас се сеќавам, се сеќавате ли и вие почитуван мој читателе дека со такви лаги, само со други шари, не хранеше и претходната влада? И таа пред неа? И така од почетокот.
Да погледнеме околу себе. Како живееме ние?
Што може да си дозволи просечно ситуиран македонски граѓанин? Преживување, само тоа. Зошто ни е тогаш чудно кога луѓето стануваат нервозни, агресивни, искомплексирани, нетрпеливи кон било што и кон било кого?
А каде тоа живееме? Видете ја целата инфраструктура. Сè е дотраено, несоодветно или едноставно го нема: Автобусот падна во амбис зошто не беше технички исправен - како и  9/10 од сите автобуси; пациентот умре чекајќи неколку дена ред да го прегледаат со софистицирана опрема подарена од Кралството Холандија; брзата помош доаѓа по три часа или воопшто не доаѓа (возилото не е исправно после 30 годишна амортизација по издупчените улици); противпожарна екипа со поглед го испраќа објектот во пламен – во првиот случај не можеа да стигнат до објектот поради тесната улица од која секој жител грабна по некој сантиметар, па сега тука може да помине само возило со две тркала, а во вториот случај екипата ја немаше соодветната опрема, па војниците против пожари дојдоа само да ја евидентираат состојбата, не побараа помош од своите колеги од соседниот град затоа што проценија дека пожарот брзо се шири и нема потреба од дополнително вознемирување.
Такви примери има милион, само слепиот нема да ги види и само глупиот ќе се согласи дека таа состојба е нормална и не треба да се менува.
Кај нас нештата се менуваат само ако се добие грант, донација или кредит од некоја поцивилизирана држава од нас. Значи нивното општество е така организирано што создава вишоци на вредност со кои можат да ја закрпат и нашата немаштија. А ние не можеме да си ги покриеме ни најосновните потреби, па стоиме со испружена рака. До кога? Зарем не е срамота да зависиш од други? Каде ни е тогаш националното чувство, кое е толку јако кога го мразиме соседот малку поинаков од нас?
Зарем не е јавна тајна дека поголемиот дел од жителите на Македонија, барем оние што не се врзани до државното поило, за главна цел и главно достигнување во својот живот ја сметаат емиграцијата од државата? Од што, прашувам, од убав живот ли се иселуваат луѓето од родната грутка, од сопствениот народ, јазик и култура? За, таму некаде, далеку, да копнеат, да се мачат за да се навикнат на новата средина, да работат пониско квалификувана работа од степенот на образование што го стекнале во Македонија. И покрај тоа нашите луѓе се враќаат ретко и тоа само на кратко за да ги видат роднините што останале тука или за да ни покажат што постигнале во новата средина додека ние што останавме тука тапкаме во место.
Од многу луѓе имам слушнато дека треба да дојде до освестување на народот и дека треба да се разбудиме – тоа е правилно. Неправилни се размислувањата околу методите за дејствување за да настане тоа.
Едни, партиски заслепени, единственото решение го гледаат во доаѓањето на нивната партија на власт, па чекаат избори. Тие не ја гледаат големата слика а донесуваат суд врз основа на тој мал дел од сликата што ја гледаат. Зарем за сиот наш транзициски период не се изредија сите на власт, и наши и ваши и нивни?
И што се менуваше? Доаѓаа нови физиономии со нови празни џебови за полнење, кои повторно бараа трпение од народот и повторно ги обвинуваа своите претходници за сè. Си земаа алиби и продаваа демагогија цел мандат.
Други луѓе како решение на напластените проблеми предлагаат радикални мерки. Како минимум се предлага да се урне владата со улични методи, со големи протести, митинзи и негодување. Програмата максимум опфаќа револуционерни мерки со сè до што може тоа да доведе: хаос, беззаконие, смрт на многу луѓе, уништување материјални добра, потврдена констатација дека на оваа територија живеат диви и нецивилизирани луѓе. За каков напредок и развој, за какви инвестиции тогаш ќе зборуваме? А и каде е гаранцијата дека новата власт според начинот на владеење и според последиците од тоа владеење ќе се разликува од постоечката?
Сè изнесено погоре претставува само евидентирање на состојбите, збир на причинско – последични врски без конкретна стратегија, објективи и тајминг за дејствување. Оставен во ваква форма овој текст ќе претставува осамен крик во пустината или во најдобар случај и доколку има некое ехо од него - тој ќе се протолкува како демагогија или како политички маркетинг (и покрај тоа што никаде во текстот не е наведена ниедна политичка партија туку е набљудуван политичкиот повеќепартиски систем во целина и во сиот период на неговото постоење кај нас). Поголемиот дел од нас размислува во боја - што е добро. Лошо е што постојат само две бои кои поголемиот дел од нас ги гледа па така секој интелектуален крик се маркира и арогантно се тргна на страна само ако не ни се допаѓа бојата којашто сами ја нанесовме, едноставно ја заташкуваме таа порака. Пораката пак, со соодветна боја ни ги заслепува очите па ја примаме за догма, за свето партиско писание.
За да има ефект од моето трошење зборови, мастило и хартија и за да може сето досега кажано да придонесе состојбите да се изменат драстично на подобро предлагам да се дејствува во следните насоки:

ВАЖНО:
1. Треба да се внесат евидентни корективи во нашиот политички систем со воведување дополнителна контрола врз работењето на владата. До тоа ќе се дојде со внесување антагонизам помеѓу владата и собранието. Сите пратеници, независно дали му припаѓаат на мнозинството во парламентот или не, треба да бидат критички настроени спрема владата што ја избрале, за владата да биде цело време набљудувана и коректирана. Ова е можно со ослабување на врската на пратениците со нивните матични партии а со засилување на врската на пратениците со нивните избирачи. На избори избирачот има право да го казни пратеникот што не работел во негов интерес со тоа што нема да гласа за него но за поголем дел од пратениците тоа не им претставува проблем. Тие за време на својот мандат си ги остваруваат своите интереси, носат закони во своја корист, сами си ги определуваат материјалните примања кои во моментот за наши услови се енормни, ја користат својата позиција за водење нелојални бизниси. Да наведам дека дел од пратениците не се избрани од народот туку се избрани според пропорционални партиски листи па соодветно се чувствуваат одговорни единствено пред партиските врвови. Предлагам целосно мнозински систем. Во тој случај секој пратеник ќе биде врзан со конкретна изборна единица односно со избирачите во таа изборна единица.
2. Предлагам начинот на избор, реизбор, отповикување и примањата на пратениците да бидат дефинирани со закони коишто ќе бидат донесени на референдум. Ни требаат пратеници кои ќе бидат испосници во текот на својот мандат.
3. Примања на пратениците да не се разликуваат од просечните примања во државата. Но паралелно со тоа предлагам обилно да ги наградуваме нашите пратеници во случај на реизбор, толку добро за да не измислуваат други начини да дојдат до пари во текот на својот мандат; на пример сума од поредокот на 50000 евра (самиот реизбор на пратеник избран преку мнозински изборен систем покажува дека граѓаните што го избрале се задоволни од неговата работа во претходниот мандат). Оценка на работата на пратеник што по своја слободна волја реши дека не сака да се кандидира на наредните избори би се извршила на тој начин што гласачкото ливче ќе се дополни со прашањето: Како ја оценувате работата на досегашниот пратеник (име и презиме); и можност за одговор: позитивно или негативно. Пратеникот ќе го добие материјалниот бонус ако мнозинство од излезените гласачи одговорат позитивно. Иста постапка би се спровела и за пратеник што го изгубил статусот пратеник: отповикан е, починал или на друг начин му престанал мандатот при што евентуалниот бонус би му бил исплатен за периодот на работа, лично или на неговите роднини ако се работи за починат пратеник.
4. Покрај тоа потребна е дополнителна законска регулатива за дејствување против тие пратеници кои нема да се однесуваат како што се очекува од нив, односно ќе ја злоупотребат функцијата. Потребна е можност за отповикување на пратеникот во текот на мандатот, доколку избирачите во соодветната изборна единица од која е избран покренат иницијатива за тоа. На тој начин во парламентот ќе седат 120 борци за нашите права, односно за нивните пари.
5. Предлагам присуството на сите пратеници на секоја собраниска активност да биде задолжително, кога тоа не е случај - автоматско отповикување на пратеникот според деловникот на собранието (Пратеникот е избран од нас за да ги застапува нашите интереси во Собранието. Ако тој не се наоѓа во Собранието, значи дека не ги застапува нашите интереси, туку нечии други, па следствено ние би требало да избереме друг свој претставник наместо постоечкиот).
6. Предлагам повлекување на политичките партии и минимизирање на нивното влијание во сите институции на системот, од сите градови и нивно затворање во Парламентот. Единствена цел на една политичка партија треба да претставува избор на што поголем број пратеници со нејзина провиниенција и формирање мнозинска влада. Не одобрувам постоење на ограноци на партии или уште полошо наречени партиски штабови, не гледам никаква генерална корисност од нивното постоење за општеството во целина. Ним може да им се дозволи работа само во предвечерје на парламентарните избори, па тие ќе се занимаваат со организирање кампањи, лепење плакати и постери. Треба добро да се размисли околу распуштање на подмладоците на партиите со што ќе се придонесе кон воспитување слободномислечки неискомплексирани граѓани.
7. Не одобрувам партиски настап при избор на градоначалници, општински советници и претседател на државата. Партиската припадност, доколку таквата ја има, е лична работа на секој поединец предложен на било која од наведените функции. За негов избор треба да биде валидна само неговата способност за извршување на функцијата на која што се кандидира. Предлагам непартиски локални и претседателски избори тоест кандидатите за претседатели, за градоначалници и за општински советници да не бидат предлагани од партиите туку од групи на граѓани преку депонирање потписи во подрачните единици на министерството за правда. Партиите на никаков начин дури ни на посреден начин да не учествуваат во изборната кампања. На гласачкото ливче треба да бидат наведени само имињата и презимињата на кандидатите.
8. Предлагам  да се донесе закон со кој ќе му се забрани извршувањето на определена функција или професија на граѓанин за кој во редовна судска постапка ќе се докаже дека ја злоупотребил функцијата или постапувал непрофесионално, што повлекло непоправливи последици.
9. Предлагам воведување политичка нација Македонијанци, која ќе биде унија на сите граѓани на Македонија. Со што конечно ќе се интегрираат и ќе се хомогенизираат сите граѓани. Сите ќе ги признаваат и почитуваат: државното знаме, грбот и химната. Пред било кој да реагира да се потенцирам дека нас фактички и сега не нарекуваат Македонија + н + ци луѓето што говорат англиски, тие не нарекуваат Macedonia + n + s. Еднина од Македонијанци е Македонијанец односно Macedonian на Англиски. Етничката нација Македонци и во еднина Македонец на Англиски јазик треба да се произнесува како Macedons и Macedon соодветно.
10. Предлагам избор на национално знаме на Македонците кое ќе биде истакнувано според новиот закон за симболи. После уставните промени во 2001 година и донесување на законите поврзани со охридскиот договор Република Македонија е дефинирана како граѓанска држава. Државното знаме на Република Македонија е знаме на сите нејзини граѓани. А со новиот закон за симболи секоја заедница во Република Македонија има право да избере знаме со кое ќе се поистоветува. Наспроти помалите заедници, кои си избраа знамиња и гордо ги веат според новиот Закон, мнозинскиот Македонски народ нема свое национално знаме со кое би се поистоветувал само тој. Со избирање на национално македонско знаме другите заедници ќе почувствуваат поголема поврзаност со државното знаме на Република Македонија, што сега не е случај. На тој начин може да се врати во функција првото македонско знаме, или пак ќе се избере друго, за што ќе решат сите Македонци по род.

Ако некој смета дека наведените предлози нема да продуцираат подобар и посигурен живот во Македонија, нека наведе зошто, а може да наведе и свои размислувања ако ги смета за подобри па сите заедно да видиме дали во нас има критична маса за дејствување.

Константин Карев






Мислите и ставовите се лично мои.
Сега сум член на политичката партија „Левица“; ќе се залагам овие мои предлози да најдат место во програмата за дејствување на партијата.




No comments:

Post a Comment