Monday, March 19, 2012

Снобизам


Зошто има толку непочитување во нашите меѓусебни односи?
Зошто има толку понижување, исмејување и омаловажување?
Видете, јас разбирам дека тоа се општочовечки карактеристики и ги има на сите меридијани, но тоа што се случува кај нас ги надминува границите. Па кај нас тоа е правило во меѓусебните односи.
Мислам дека тоа доаѓа од несигурноста на луѓето во своите сопствени квалитети, во својата позиција во општеството, па мораат да понижат или да омаловажат некого за да се почуствуваат вредни.
Еве тривијален пример. Некој е подобар од тебе во некоја работа, ти никако не си задоволен од таа ситуација и сакаш да ја промениш во твоја полза, постојат два начина:
Потешкиот начин: учиш како да го достигнеш и да го надминеш постигнувањето на опонентот. Овој начин не гарантира успех затоа што секогаш некој е подобар во нешто од другиот, едноставно подобро му оди, можеби има подобри предиспозиции.
Полесниот начин: Треба да го омаловажиш, оцрниш и негираш постигнувањето на опонентот, па тогаш тоа што го правиш ти - малку и неквалитетно, да изгледа како единствена можна опција и понуда.
Нашите луѓе го применуваат вториот начин - полесно е.
Затоа, ние не признаваме вредности, постигнувања, квалитет.
Затоа ова наше општество не создава врвни резултати, затоа нашата економија не создава брендови, затоа не добиваме вишок на вредност, затоа имаме најниски доходи по глава на жител во Европа.
Текстов го заглавив снобизам, а зошто снобизам?
Затоа што истите тие луѓе што толку ги понижуваат и ги омаловажуваат тие околу себе, истите тие се сервилни и неми пред авторитетите и властодржците, дури и во ситуации кога се онеправдани.
Ете ти - општество на снобови.



Непочитувањето и непризнавањето на вредностите доведува до загуба на квалитет и до состојба во која поединците не соработуваат.
Брендирањето и со тоа создавањето на зголемена вредност на производите го спомнав затоа што за нивно создавање се потребни токму квалитетот на производот и квалитетни односи во создавањето на производите, тоест соработка. Економијата е во состојба во каква што е затоа што не создаваме производи и услуги со зголемена вредност, извезуваме полупроизводи или готови производи со мала додадена вредност.
Кога зборуваме за производство на производи кои покрај тоа што ќе се продаваат на домашниот пазар и ќе се извезуваат, тогаш нема значење малиот домашен пазар, потребна е посветеност, соработка и квалитет.
Терминот сноб обично се употребува кон човек кој своите човечки карактеристики (кои некому му изгледаат како недостатоци) се обидува да ги скрие со посегнување по скапи предмети (оваа човечка карактеристика ја користат производителите на луксузни, екстравагантни производи), со прекумерна употреба на странски зборови и со надменост.
Значи, снобот е своевиден лицемер.
Јас говорам за снобизмот во меѓусебните односи, за лицемерието на определено лице кое нема изградени стандарди на однесување и со едни луѓе се однесува со надменост а спрема другите е сервилно.



No comments:

Post a Comment