Wednesday, August 26, 2015

Латекс и други кондоми

Ако под лупа ги земеме партиските вработувања, тоест вдомување на заслужните пред партијата кадри во државните и локалните институции под нејзини ингеренции, на постоечки или измислени позиции; ќе видиме дека станува збор за класично, фаустовско, купување на веќе нискоморални индивидуи кои не веруваат дека самите се господари на својот успех. Таквите луѓе лесно се откажуваат и од тие малку скрупули што ги имаат, го насочуваат здравиот разум во егоистички мод и си ја дават совеста во самозалажувањето дека им е загрозена егзистенцијата. После тоа тие слободно газат по лешеви претставувајќи си дека газат по шеќерни облаци и не се освестуваат сè додека ѓаволот не дојде по ветеното. Дури и тогаш кога ќе осознаат дека газеле врз нечии судбини, кај нив не се раѓа покајување туку желба да го релативизираат својот грев, па после обезличувањето на гневот насочен спрема нив, тие се способни повторно да го прават истото ако им се даде шанса.



Горекажаново важи и за Латекс, но во неговиот случај е уште полошо, затоа што колку е поинтелигентна индивидуата - толку е поголема нејзината одговорност во општеството.
Партискиот човек

Му најдоа работа, му дадоа плата,
му дадоа клуч, и за нишање - врата.

Партискиот човек си стави и машна,
во раката зеде и мини акт-ташна.
Ни принцип, ни совест не познава тој.
Но знае за кого е; и кој му е свој.

Тој не мисли многу, тој не чита книги.
Тој не троши време со кого ќе стигне.
Разговорот негов во место се лее:
- Кој не е со нас, тој против нас ќе е!

Тој оди на митинг со знамето в рака.
Тој знае да вика - го учеа така.
И не е тој сам, зошто такви ко него,
ги има ко мравки - ко црви во легло.
  
Го скандираат сложно
на слогови разложено
светото име на лидерот свој.
Тој што ги вработи. Тој! Ами кој? 

No comments:

Post a Comment