Saturday, April 2, 2016

Збогум Тони (Попушено)

„Пред некој ден, по игра на судбината, се најдов на еден откупен пункт за овошје и зеленчук, во улога на продавач, земјоделец, со производ кој мораше да биде предаден, затоа што по некој ден немаше да остане ништо од него.
Таму го запознав, неговата нискост, ендемскиот вид - македонскиот газолижач. Тој беше еден од многуте работници на откупниот пункт, но тој беше најревносен од сите во својата желба што повеќе да ме оштети во проценката и во мерењето на предадените производи; за да му угоди на газдата, да му го излиже убаво местото од каде се врши празнење на цревата и да му створи што поголем профит.
Ги има такви. Луѓе ли да ги наречеш? Таквата креатура му стои на располагање на газдата како верен пес. И готов е за ситна пара, за изглодана коска да направи било што за да му угоди.
Таа креатура, таа карикатура од човек, некако и можам да ја разберам. Тоа е прост човек, кој и не е способен на повеќе. Тој така го сфатил животот. И навистина, гледајќи од негова гледна точка, можеби и може, до некаде, да се разбере, но не и да се оправда, неговото однесување.

Не можам да го разберам Тони Михајловски, кого вчера го гледав, во неговата емисија Опуштено, како му ислужува и како понизно му зема... интервју на Зоран Ставревски.
Колку сервилно, до одвратност, тоа изгледаше! Човекот се обидуваше на секаков можен начин да му се подмести на политичарот: му ги потврдуваше и дообјаснуваше одговорите, говореше како што се говори со мали деца, за тие да не се осетат повредени. Далеку од тоа дека политичарот Ставревски е мало дете - тој е префриган лисец кој може да издржи секаква дебата, па и нему ваквите „наместени„ интервјуа не му се од корист.

Улогата на новинарите е да го дознаваат тоа што политичарите не сакаат да го кажат, нивна улога е да бидат провокативни и нападни, во рамките на достојноста. Тоа го чека публиката од добро телевизиско интервју.

И колкав контраст во...“

Ова е мој недопишан текст од пред повеќе од една година кој сум го заборавил и сум го оставил необјавен. Сега ја поправам неправдата во однос на Михајловски и Ставревски.
Инаку, на крајот на текстот, сигурно сум сакал да кажам за контрастот помеѓу Тони Михајловски Артистот (со голема буква) и Тони Михајловски човекот, за што и нема потреба од поширока елаборација. Кога некој одлучува да се врзе, да биде вазал, полтрон и послушник на некоја политичка опција, со падот на таа опција паѓа и самиот.
Збогум Тони.

Попушено

No comments:

Post a Comment