Monday, April 8, 2013

Колку вистини постојат?

Забележав една тенденција во македонската политика овие 20-тина години: сите значајни личности од македонската политика, сите лидери на кои во прво време гласно им се ракоплеска, чиешто име гласно се извикува, чијшто култ на личноста нелогично се гради како кула без основа, сите тие, по релативно кратко време се наоѓаат во немилост на народот и на медиумите, се прогласуваат за предавници, судени се или осудени и одлежуваат затворска казна.
Бранко Црвенковски, некогашниот премиер и претседател на државата е нарекуван „грк“ (во смисла предавник), магаре, и уште како не.
Љубчо Георгиевски, некогашниот премиер, војвода и спасител, сега е „предавник“.
Љубе Бошковски, некогашниот министер за одбрана, „Брат Љубе“ за кого се пееја патриотски песни, човекот кој во едно време имаше толкав авторитет што ако се кандидираше за председател („прецедател“ за неписмените) ќе победеше на тие избори, сега е криминалец кој одлежува затворска казна од 7 години, а по потреба може да му се продолжи затворскиот престој на уште некоја година.
Примери има уште, ама, мислам дека е јасно видлива тенденцијата.
Што кажува таа?
Дека Македонија досега ја воделе криминалци и предавници? Сме ги избирале за претседатели и за премиери? Значи ние не знаеме да процениме кој политичар „расипан“, „криминалец“ и предавник?
А можеби горепосочената тенднција кажува дека ние како народ немаме демократски капацитет, не знаеме да размислуваме со свој разум, лесно потпаѓаме под манипулации и влијанија? Ако е така, значи ли тоа и дека и сега, во времето кога политичката опција предводена од Никола Груевски добива последователно неколку изборни циклуси, значи ли тоа дека и сега, ние (народот) сме изманипулирани и под „влијание“?
А што во спротивен случај? Што ако и дојде крај на таа тенденција, па најпосле на власт дојдоа луѓе што не се предавници и криминалци, луѓе што и сакаат добро на оваа држава, луѓе што позади себе оставаат „дела“?
Што е паметно сега? Да се откажеме од повеќепартискиот систем за да не се случи повторно криминалци да дојдат на власт, да ги распуштиме/забраниме сите опозицијски партии и медиуми? На тие што не размислуваат „правилно“ да им „помогнеме“ да се поправат?
Колку вистини постојат?

No comments:

Post a Comment