Friday, March 6, 2015

Насилникот Груевски (Bullying Prime Minister)



Насилник

Сигурно сте чуле за многу такви случаи: Таа го избира него за свој партнер, тој ја прифаќа и ја „сака„. Се чини како нивната приказната да е идилична. Но, кога кај неа ги снемува пеперутките во стомакот и кога љубовно - материјалната заслепеност се прекинува, поради освестување, самоспознание и престанок на самозалажувањето; тогаш единственото чувство што останува меѓу нив е неговото чувство на сопственост спрема неа. Тој се навикнал да  ја „сака„, да ја има и да ја поседува. Тој не сака да ја губи. Нему му е незамисливо таа да му припадне на друг. Тој ја „брани„ затоа што никој, освен него, не е достоен да ја има. Нивната „љубов„ треба да трае вечно, никој, па ниту самата таа, не смее да застане на патот на таа „вистинска љубов„. Да, тој е насилник. Тој не живее во реалноста. Тој ќе измисли секакви оправданија за да докаже дека е во право. Таа бара начин да се оттргне од него, но тој нема да застане пред ништо за да ја задржи. А ако веќе не може тој, тогаш веќе никој не може да ја има.

Во овој случај ако таа не најде сила во себе за да го напушти и ако остане во таа болна врска, тогаш таа ќе страда тивко, што ќе резултира со нарушување на нејзиното ментално здравје а за епилозите на случаите кога таа наоѓа сила да го напушти често дознаваме од средствата за масовно информирање: Љубоморно момче ја убило бившата девојка; па тоа може да го убие и новото момче, па може да настрадаат и родителите и другите роднини на девојката.


Ете тоа ни се случува. Никола Груевски е нашиот насилник. Него Македонија најискрено го засакала и го избрала за свој партнер. И таа врска беше идилична на почетокот. Поголем дел од граѓаните на Македонија, барем тие од нас што не беа заслепени или материјално зависни од СДСМ бевме задоволни од тој избор: го тргнавме од власт арогантниот држалник за власт, Бранко Црвенковски; го казнивме СДСМ за неправедната приватизација и за инсталираниот корумпиран систем на владеење. На чело на Владата добивме енергичен визионер кој што го растресе македонското конформистичко милје. Но по првичната взаемна опсесија започнаа проблемите. Никола Груевски почна да ги ограничува граѓанските слободи и да го подрива демократското граѓанско општество со сите негови контролни механизми. Исто како љубоморно момче кое на девојката и забранува да се дружи со други луѓе, да има свој социјален живот. Тој и забранува на девојката слободно да размислува, тој наговара и наплаќа луѓе да ја убедуваат девојката дека тој е најдобриот избор за неа. Тие ја убедуваат дека секое друго момче ќе ја лаже и дека ќе ја продаде за пари во странство. Па нели таква паралела може да се извлече од конструкциите: „На Заев не може да му се верува„, „Заев соработува со странски служби„, „Сета македонска опозиција и сиот граѓански сектор е потплатен од странци кои сакаат да ја уништат и поробат Македонија„?

Ако претходно Груевски ми личеше на асоцијално детенце - насилник кое што знае да контактира со другите деца само преку наметнување и насилство, детенце кое на другите деца им ги одзело сите играчки па тие го оставија сам да си игра со сите „негови„ играчки во песокта; сега, пораснатиот и итар Груевски ми личи на насилник и деликвент кој собрал верна тајфа послушници со кои заедно ја узурпираат и силуваат македонската малолетна демократија. 
 

No comments:

Post a Comment