Wednesday, September 9, 2015

За златарот Груевски

Вчера гледав една од македонските народни приказни, проста на прв поглед, сепак од неа извлеков поуки за сегашната општествено - политичка состојба во Македонија, па ги споделувам со вас.
Приказната беше за некоја сиромашна жена која била излажана од златарот кој наместо сребрена ѝ направил тенекиена белезгија за свадбата на ќерка ѝ. Излажана и ограбена од златарот жената не отишла кај кадијата, затоа што, најверојатно, немала доверба во него; туку смислила план со кој ќе му се одмазди на златарот. По подолго време, кога златарот веќе ја заборавил таа отишла кај него и се претставила како жена на познатиот еким, со што ја стекнала неговата доверба, па, со ветување дека нејзиниот маж, екимот ќе плати, го наговорила да ѝ даде цела торба златни украси.

И каква поврзаност има приказнава со сегашната општествено - политичка состојба во Македонија? - ќе се запраша читателот на овој текст.
Па еве ја мојата споредба: некој лаже и краде.
Отсекогаш имало некој што ги нарушува прифатените од општеството правила (самите правила се појавиле со развојот на интелектот кај луѓето и добиле пишана форма во 10те Божји заповеди дадени на Мојсеј) за тоа што е дозволено а што не е дозволено. Затоа човечката цивилизација го достигнало спознанието за правото и врз него се градат хуманите општества.
Е така.
А сега, во Македонија, обвинет дека лаже и краде е Премиерот Никола Груевски. Тој се обвинува дека, покрај останатото, го украл и правосудството (со поставување на вечно благодарни судии) и вистината (со купување на новинарите од типот на Латас, и нивните медиуми); со тоа тој си ја присвоил државата (која според уставот би требало да им припаѓа на сите граѓани).
Во таквата, присвоена од Груевски, држава, нема доверба во судството; исто како што и жената од приказната не му верувала на кадијата. Таа на криминалот што го направил златарот одговорила со свој криминал; исто како што опозицијата на криминалот на Груевски одговара со незаконски добавени снимки.

Сега, во приказната симпатиите на гледачот / читателот се на страна на жената, затоа што „лошиот„ златар ја излажал. Но, потврда за лагата и кражбата на златарот добиваме од него самиот, тој признава и сам се инкриминира. За разлика од него Груевски не признава никаква вина, туку и самиот враќа на обвинение со обвинение.

No comments:

Post a Comment