Wednesday, May 28, 2014

„Засекогаш„ .... - овци



Живееме во држава која се прокламира себеси како демократска. Држава во која постојат независни столбови на власта коишто се избрани од граѓаните, на слободни избори.
Еталон за демократијата во таква држава како нашата е слободата на граѓанинот и неговата моќ да одлучува за тоа што е најдобро за сите граѓани на државата, вклучувајќи го и него. Слободното гласање претпоставува неподложност на било какви влијанија, зависности, стравови, предрасуди и догми: економски, етнички, религиозни или историски.
Со тоа што граѓанинот подлегнува на влијанија, зависности, стравови, предрасуди и догми; независно дали од лична корист или од неизграденост на својата личност; тој ги подрива столбовите на демократијата. На тој начин се создава привидна демократија во која некои демократски институции и столбови неможејќи да постојат самостојно се приморани да се потпрат и да зависат од други столбови на власта.
Ако зборуваме за моменталната состојба во нашето општество, како примери би ги навел следните:
·        Тоа што партијата ВМРО ДПМНЕ го носи префиксот ВМРО е предрасуда (не требаше да и биде регистрирана оваа политичка партија под ова име). Секој македонски граѓанин знае дека најголемата причина за постоењето на сегашната македонска држава е дејствувањето ВМРО, и затоа, оваа скратеница му припаѓа на секој граѓанин на Република Македонија. Со узурпирањето на овој акроним ВМРО ДПМНЕ добива можност да се декларира како патриотска партија а другите партии да ги дисквалификува како предателски и немакедонски.
·        Тоа што на СДСМ му се припишуваат сите негативности од периодот кога Република Македонија беше во состав на СФРЈ, тоа што членовите и симпатизерите на СДСМ (а и на другите опозициски партии) се нарекувани пежоративно: „комуњари„; тоа е предрасуда и догма. Сите партии регистрирани според важечките закони во Република Македонија се дел од демократскиот систем во којшто живееме. Секој граѓанин е слободен во одлуката во која партија ќе членува и која ќе ја поддржува. Со предрасудите самите ја негираме демократијата.
·        Тоа што повеќе партии во Република Македонија имаат етнички предзнак е зависност и предрасуда (и на ваквите политички партии не смееше да им биде дозволена регистрација). Етничките групи гласаат за политичките партии од својот етнички блок, од емотивни причини или во очекување на бенефиции.
·        Тоа што граѓаните си го одземаат правото на секои нови избори да ги преиспитаат своите размислувања и се прогласуваат како ВМРО-вци или СДСМ-овци „засекогаш„, или „до смрт„; тоа е неразбирање на демократијата и неизграденост на сфаќањата дека живееме во општество во кое сите граѓани треба да имаат достап до можностите за достоинствен живот. Па има ли демократија во државата во која некоја партија „владее„ засекогаш? 



Демократијата е механизам на константна контрола над избраните функционери заради тоа што и тие се луѓе, и со самото тоа се подложни на субјективност и грешки; и заради тоа што општествата се динамични ентитети и бараат постојани промени и напредок.
Колку побрзо го сфатиме тоа - толку подобро за опстанокот на Македонија.

No comments:

Post a Comment