Monday, January 18, 2016

Паторот подметнува кукавичји јајца!

Да, навистина, тимот (да не речам,а ете реков: бандата) на Груевски игра стратегиска игра, сериозна партија шах, со која бара опстанок на политичката сцена, и спас од кривичната одговорност за криминалите, кои ги имаат направено заслепени од власта и моќта што им се даде.
И да, навистина, досега бандата е во предност затоа што од другата страна имаат слаб тактичар и никаков стратегичар.
Па зарем не можеше да се антиципира овој потег на Груевски уште кога се договараше во Пржино?

Но не сметам дека СДСовците направиле преголема грешка, која не може да се поправи. Овој блеферски потег на Груевски треба да се искористи против него. Опозицијата не дека треба, колку мора да учествува на изборите на 24 април, какви и да бидат тие, за да биде претставена во Парламентот; и за да има можност да ја врати позицијата на таа после претходните парламентарни избори, кога го имаше напуштено Собранието. Со тоа ќе биде разоткриен овој блеферски, неодговорен спрема државата и граѓаните, и нечесен потег.

Да размислиме трезвено, што се случи:
Го имаме договорот од Пржино, од јуни и јули, кој предвидува низа мерки за враќање на демократијата, функционирање на правото и ослободување на институциите од шепите на бандата на Груевски, нешто кое овие последниве не го сакаат па ги блокираат процесите. И сега, со непречистен избирачки список поради касното формирање на ДИК, без нов Закон за медиуми, и без епилог на работењето на собраниската комисија за истражување на прислушувањето, бандитите ги прекинуваат сите тие процеси и сакаат нови избори. Која е нивната цел? Мислам дека целта на бандата е да ја навлечат опозицијата да не учествува на наредните избори, а во парламентот да влезе фиктивна опозиција купена и раководена од нив. Целта им е да си купат уште четири години власт.

Не. Тоа не смееме да си го дозволиме. Плус, ако опозицијата не учествува на избори, единствениот плацдарм за одбраната на демократијата би останала улицата, протестите, на што луѓе со наш менталитет тешко се решаваат; а и да има масовни протести тие ќе и одат на рака на бандата – за да прогласи вонредна состојба и за да ја засили автократијата во Македонија.
Значи на изборите на 24 април мора да се учествува.
Значи изборите се „морални„.

А што се однесува до бандата на Груевски, гледам дека тие развија силна машинерија за медиумска пресија врз граѓаните. Основната стратегија што ја применуваат е контранапад и замена на вистината со лага, и обратно.

Ним не им е грижа за Македонија, туку само за своите лични интереси. Ако се грижеа за народот и за државата одамна ќе поднесеа морална одговорност и ќе си дадеа оставки.
Наспроти тоа користат фрази како:
Република Македонија мора да оди напред.
Денес почитувани граѓани со гордост ви соопштувам дека нашата држава тргна одлучно да се стави крај на политичката криза и да напредуваме храбро кон иднината.
Ова е реарфирмација дека единствениот начин да напредуваме како држава и нација лидерите да ја стават волјата на народот пред нивните сопствени амбиции и лични интереси.

Самите ја држат државата и граѓаните во заложништво а за тоа ја обвинуваат опозицијата:
Државата и граѓаните предолго се заложници на една деструктивна политика која негативно влијаеше и се закануваше на секој план.
...Или ќе им дозволиме на политичарите кои со манипулации имаат за цел да ги парализираат состојбите да продолжат да не спречуваат да одиме напред?

Манипулираат со граѓаните, вршат пресија врз нив, а се претставуваат како исполнители на граѓанската волја:
Дали граѓаните ќе продолжат да живеат во маглата на политичката криза?
Дали ќе им дадеме можност на граѓаните да го одберат патот напред за нашата нација и држава? 
Од денес дискусиите за судбината на нашата држава и нација ги водите вие. Од денес зборува народот на оваа држава.
Пред вашите домови, на вашите работни места, во кафетерии и ресторани, насекаде во вашите места, ќе разменувате идеи меѓу себе за тоа каква држава сакаме да имаме, и како ќе ја направиме подобро место за живеење за сите нас.
Вие одлучувате, вие одлучувате за националните приоритети и за националните интереси за државните интереси.
Бидејќи во демократијата тоа е единствено ваш избор.
Ова (Решението за избори) е реарфирмација на основното верување дека сета моќ на нашата Влада доаѓа од вас, од граѓаните.

Што да кажам?

Расипана банда!

No comments:

Post a Comment