Thursday, February 26, 2015

Пинокио на распит

Која е таа странска служба која ги прислушувала македонските граѓани?
Ние знаеме која разузнавачка служба е тоа. Тоа е тајна странска разузнавачка служба. Сепак ние сè уште се договораме која е. Треба да одбереме конкретна држава и да посочиме конкретен човек или група луѓе. Тоа е тешко, ќе мора да ги жртвуваме односите со таа држава. Мислам дека одговорив на тоа прашање - да не се повторувам. А може и нешто погрешно ќе кажам, па ќе имате дополнителни прашања.
Каде е Министерката?
Министерката е во тајност и ќе излезе во јавност тогаш кога ќе процени дека треба да излезе; и кога заеднички ќе го процениме тоа. Освен тоа, ќе видиме и кој тоа нарачува и што нарачува кај новинарите.
Ама...
Нема „ама„! Така одлучив.
На каков начин се вршело прислушувањето?
Откога предавничката опозиција откри дека шурува со странски разузнавачки служби, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната тајна странска компанија, која со своја тајна опрема изврши тајна проверка и утврди дека дури и сега, кога неговата активност е откриена, повремено, на различни локации, главно во центарот на Скопје, непознатиот сторител врши нелегално прислушување и снимање на телефонски разговори, користејќи мобилна опрема чија локација постојано се менува. Опремата функционира по принцип на клонирање на, таканаречени, базни станици. Тој прави брза промена на местоположбата, како боксер, во радиус на 2 километри од институциите, од каде ги лоцира телефоните на државниот врв и носителите на јавни функции. Опрема ја приклучува во одреден дел од денот, најчесто помеѓу 12 и 18 часот.
МВР има и писмен извештај за наодите кои произлегоа од работата на врвните експерти од познатата тајна странска компанија, но тој извештај нема да ви го покажам, затоа што тој е таен. МВР досега не успеа да го лоцира сторителот, заради што истрагата за оваа работа сеуште не е завршена, се чека сторителот или повторно да тргне во акција или да се договориме кој е тој.
Што е со домашните соработници на странската тајна служба?
Домашните соработници на странската тајна служба; тие кои ѝ потпомагаа во прислушувањето, па после тоа снимениот материјал го преведуваа на англиски и го испраќаа кај нарачателот; се фатени и признаа скоро сè, а и уште ќе признаат сè што треба. Истражните органи ќе го истражат тоа. Што се однесува до веродостојноста на сите снимки пласирани во јавност, неа ќе ја утврдиме во текот на постапката. Ќе видиме што од тоа е точно, што полуточно а што не е точно. И за тоа така одлучив.
Во Македонија сите прислушувале со години, а само УБК не знаела. Што прави УБК сега?
УБК го слуша народот. И во посилни и поголеми држави се случувало истото – мора да го слушнеш народот за да видиш што сака.
Инаку морам да кажам и дека во Македонија никогаш не се снимале ниту пак ќе се снимаат телефонските разговори, освен доколку нема оправдана потреба за снимање. И за тоа одлучувам јас.
Што ќе им порачате на македонските граѓани?
Државата е нападната од странска разузнавачка служба – време е да го жртвуваме здравиот разум. Наш план е да се бориме со факти и со аргументи за ова што ѝ се случува на нашава држава. Со наши факти и аргументи. Јас не сум човек кој функционира под закани и уцени – неприфатливо е да калкулирам со партиските интереси на сметка на националните и државните интереси.
Премиер сум, верувајте ми. Морате.  
Грујокио

No comments:

Post a Comment