Tuesday, February 17, 2015

Ни треба restart во Safe mode



Пријатели мои. Сонародници мои. Македонци.
Ние, сите заедно, цела држава, здружено, одиме во амбис, во пропаст, во крах.

Во овој свој пост ќе напишам за нештата што го вознемируваат сето мое битие. Од дното на душата сакам да го прочитате текстов целосно и да размислите над тезите што ќе ги поставам.

Веќе не можам спокојно да ги примам информациите кои секојдневно допираат до мене. Така се чувствуваме најверојатно сите, затоа што сме сведоци дека во нашата држава се случува нешто неординарно. Се случува сè поголема поларизација на општеството, се случува разнебитување на македонското национално ткиво. Македонците стануваат сè позакрвени помеѓу себе. Омразата, навредите и провокациите се сè поприсутни во социјалните и во јавните медиуми. Тие се кажуваат и директно и меѓу редови. И едните и другите кажуваат дека вистината е на нивна страна и дека нивните политички опоненти и наштетиле или сè уште и нанесуваат штета на државата. 

Очигледно е дека двете македонски најголеми политички партии ја донесоа државата во ќорсокак. Во тој ќорсокак може да се случи голема трагедија – семакедонски судир. Судир во кој нема да има победник помеѓу нас. Сите ќе бидеме поразени. Ќе настанат немири и конфронтации, можат да настанат пресметки и егзекуции, ќе бидат загубени човечки животи. Тие што ќе преживеат на секаков начин ќе сакаат да се иселат од Македонија затоа што економијата ќе биде уништена а имиџот на државата засекогаш погазен. Возможно е во таквата состојба на слабост на државата некоја странска земја да почувствува погоден момент и под кој било предлог да окупира дел или цела територија на нашата држава. Возможно е да ја изгубиме државноста. Сето ова е возможно, мислам дека сите се согласуваме за тоа. Несогласиците се јавуваат кога почнуваме да се обвинуваме меѓусебно за тоа кој е виновен. И двете страни имаат свои докази врз кои ја темелат вината на спротивната страна.
Сметам дека за да се релаксира состојбата, за да се изнајде безбеден излез за сите, потребно е да се реализира сет на мерки. Секоја мерка ќе ја елаборирам посебно:

  1. Носење на закони и мерки за релаксација на односите;
На сите ни одговара да се релаксира притисокот кој може да доведе до експлозија. Сакаме да ги решиме недоразбирањата мирно, или можеби не?
Овие закони треба да ги донесат пратениците и да покажат барем трунка одговорност за иднината на државата.

  1. Распуштање на парламентот;
Парламентот веќе нема кредибилитет. Голем дел од пратениците не се во законодавниот дом а и тие што се во него не ги претставуваат граѓани, туку партиите што ги ставиле на листа. Тие не ја контролираат Владата, туку Владата ги контролира нив. Освен тоа разоткриено е криминално однесување на сите пратеници, во овој, а веројатно и во претходните парламентарни состави. Пратениците добиваат нереално големи средства за покривање на надоместоците на трошоци за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, сумите доаѓаат до 20 илјади евра годишно. Во членот 31 од Законот за пратеници, меѓу другото, стои дека пратеникот освен правото на лично примање има право и на надоместок на трошокот за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели. Освен тоа што надоместоците се нереално големи мора да се обрати внимание и на следната реченица во горепосочениот закон: „И тоа во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи„. Значи, средствата што му се исплатени на пратеникот што добил, да речеме, 20 илјади евра како надомест на трошокот за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели, се само 30% од вкупната потрошена сума. По таа математика излегува дека целата потрошена сума од страна на пратеникот била 66 илјади 667 евра, па ако собранието надоместило 20 илјади евра, произлегува дека пратеникот потрошил 46 илјади 667 евра годишно, или 3889 евра месечно од свои пари, и тоа при личен доход од некаде 1700 евра. Излегува дека пратениците работат со месечна загуба од некаде 2200 евра?
Ова е криминал. Пратениците, тие што би требало да ја чуваат, тие ја крадат својата држава.

  1. Распуштање на Владата;
Во моментот двете најголеми политички партии во Македонија, односно нивните лидери, до Јавното Обвинителство на Република Македонија имаат доставено кривични пријави за дела казниви по закон. Едната страна, СДСМ, во кривичната пријава против лица претставници на Власта, утврдува дека Извршната власт незаконски влијае врз другите столбови на власта во државата, меѓу тие столбови е и Судската власт, па би било етички обвинетата страна (Владата) да се повлече (да се распушти) за да покаже дека одлуката (одлуките) на Судската власт ќе биде (бидат) независни, тоест донесени без притисоци.

Премиерот во неколку наврати има изјавено дека не се држи за власта по секоја цена, сега настана моментот тој тоа и да го докаже. Но, јас го имам слушнато и како кажува дека македонската опозиција (ненародна опозиција!; предавничка, шпионска опозиција!) и нејзиниот лидер немаат капацитет да ја водат државата и дека ќе ги распродадат националните интереси, и дека на Македонија ѝ треба нова опозиција. Таа изјава ми личи на размислување на некој цар кој бара наследник за престолот - едниот син не му е многу сериозен, па тој чека да порасне помалиот син и да седне на престолот.

Го молам Никола Груевски да покаже доблест и големина, па ако навистина поддршката на граѓаните за него, и за неговата партија, е толку голема како што покажуваат разните анкети – тој со леснотија ќе ги добие наредните избори, ќе си го обели образот и ќе ја спаси државата од возможен меѓуграѓански судир.

  1. Избор на парламент составен од праведници;
На македонското општество му требаат заеднички именители. Луѓе во коишто верува целото општество. Луѓе со голем кредибилитет, без дамки во биографиите. Луѓе што не членуваат (и не членувале?) во политички партии. Луѓе кои веќе постигнале многу за Македонија.
Таквите луѓе треба да ги предложат независни групи граѓани (претходно да ги замолат за нивна согласност). Да се разбереме – задачата што ќе стои пред нив ќе биде многу одговорна. Тие треба да бидат совест на Републиката. Верувам дека можеме да избереме 100тина такви луѓе.
Овој парламент ќе има скратен мандат, претпоставувам дека една година ќе биде доволна. Парламентот треба да ги донесе следните акти.

a)    Прекин на преговорите со Грција; (прашање кое нема решение а сите владини гарнитури го користат за свои цели)
b)    Закон за санкционирање на случаите на вработување по партиска или непотистичка основа; (основен проблем поради кој во Македонија не се искористува максимално човечкиот квалитет и потенцијал а создадено е непродуктивно општество)
c)    Закон против манипулација со медиумите; (овој демократски контролен механизам е узурпиран. Тоа предизвикува раздор меѓу граѓаните)
d)    Потврдување на основите на граѓанската држава; (сите граѓани се еднакви помеѓу себе, тоест имаат исти права и обврски пред законот; сите партии се еднакви помеѓу себе)
e)    Носење на закон за ревизија на сиот досегашен криминал, вклучително и тој направен за време на приватизацијата на државниот имот; (еднаш треба да се исчисти сето ѓубре од под тепихот)
f)     Ослободување на пратениците од стегите на партиите преку промена на гласачкиот систем од пропорционален во мнозински или барем во пропорционален со отворени листи; (Ни требаат слободни пратеници што ги претставуваат граѓаните)
g)    Закон против манипулации со граѓанските организации; (и овој контролен механизам е узурпиран од политичките партии)
h)   Создавање услови за нормални, демократски парламентарни избори; (прочистување на избирачкиот список...)


  1. Избор на експертска Влада;
Парламентот составен од праведници; или да го наречеме Парламент на националната доверба ќе избере влада составена од експерти од разни области, членовите на новата Влада може да имаат членство во било која политичка партија. Премиерот на Владата треба да биде од редот на праведниците.

  1. Во судските инстанции на Република Македонија на независен и непристрасен начин да се процесираат започнатите судските постапки;
  2. Да се спроведат демократски парламентарни избори на кои ќе учествуваат сите регистрирани политички партии;
  3. Да го оставиме сето што ни се случи позади себе, како лош сон; но да направиме сè тоа да не ни се повтори никогаш повторно.

Ова е алгоритам за дејствување, таков каков што употребува оперативниот систем на еден компјутер во ситуација кога ќе се случи неочекуван крах на системот. Тоа е повторен почеток на сигурносен начин. Тоа ни треба – restart во Safe mode.

No comments:

Post a Comment