Friday, February 27, 2015

Штетник




Човек да се избезуми. Да се вџаши и долго да седи зачуден, замислен.
Како е тоа можно? Како е можно некој толку добро да ти глуми, да проектира една слика за себе во општеството, а всушност да биде дијаметрална спротивност од сликата што ја создава?

Можно е. Можно е затоа што тоа е човечки да веруваш во добро, да се залажуваш, да посакуваш да се случи нешто добро и покрај тоа што насетуваш дека нема така да биде.


http://constant0in.blogspot.com/2015/01/blog-post_26.html 


Јас лично добивав напад на двоумење секој пат кога ќе видев интервју со овој човек, па си викав: Можно ли е овој човек да не е свесен за тоа што се случува во државата? Можеби е изолиран во своето опкружување и до него не стигнува вистинската слика за тоа што се случува? (како во приказната со Царот што посакал да купи јаболка па сите, вклучувајќи го и него беа лажани за вистинската цена на јаболката). Но не, не било така. Груевски не само што имал увид во сите работи што се случувале - тој ги раководел. 

Одвратно е да се чуе со колкав садизам, реваншизам и омраза Премиерот на државата зборува дека штетата што била нанесена на објектот Космос, на Фијат Цановски е ситна. Одвратно е да се слушне како Премиерот на Р. Македонија, во разговор со Миле Јанакиевски, спомнувајќи го Фијат Цановски го ословува со Ф.Т. (претпоставувам Фијат Торбешот). Значи ли тоа дека Премиерот на Р. Македонија сака да навреди некого во однос на неговата национална припадност? А ако се земе предвид дека Торбешите официјално се сметаат како Македонци, поточно Македонци Муслимани. тогаш нели може да се сфати и како навреда и разнебитување на македонската нација однесувањето на Премиерот? 

А што е со лагите дека Македонија е лидер во регионот по разни основи? Па сега слушам како истиот тој Премиер во приватна комуникација кажува дека „не сме најлоши„ во регионот.

http://www.mkd.mk/makedonija/politika/zaev-kako-gruevski-i-janakieski-go-nadgleduvaa-urivanjeto-na-kosmos-na-fiat

Да, јас се срамам од човекот кој за да се одржи на власт ја жртвува македонската демократија. Не му верувам и не верувам во релевантноста на изборите што тој ги организира. Имам право на тоа.
Ако е толку убеден дека има сигурна поддршка од народот, тогаш зошто Премиерот да не прифати релаксирање на состојбите во државата со нови парламентарни избори организирани од техничка, независна или од Влада составена од праведни луѓе на кои сите им веруваме?
Се плаши ли дека ќе ги изгуби тие избори? А драга ли му е Македонија, нејзината иднина, мирот во Македонија? Одговорете си сами.

Картите се на маса, маските се паднати. Сега е битно тие што ја поддржувале ДПМНЕ до сега, а немаат директна корист од тоа, да почнат да размислуваат барем како неутралци; па на тој начин да спласне антагонизмот што се раѓа помеѓу ДПМНовците и сите останати.

На крајот на краиштата треба да се разбере дека партиите и нивните лидери се менливи и минливи, и сега прашањето не е во тоа дали сме за ДПМНЕ или за СДСМ. Не.
Прашањето е: како да излеземе од оваа состојба во која не донесоа и двете спомнати партии.
Прашањето е: дали ќе можеме да го сочуваме мирот и да ја вратиме демократијата во Македонија.

No comments:

Post a Comment