Friday, February 27, 2015

Срам за МАНУ



Претседателот на МАНУ, академикот Владо Камбовски во својата последна изјава дадена во име на организацијата што ја предводи изјави дека очекува Јавното обвинителство, Судот и другите институции да ја доведат работата за очигледно стореното кривично дело неовластено прислушување до правна разврска. Ова, според првиот човек на Академијата, Владо Камбовски, не треба да се смета за нивно молчење туку за став, во ситуација кога нема на располагање доволно факти.
- Вистината за фактите мора да се појави само во  судска постапка. Секоја друга вистина е релативна. Вистината на медиумите, вистината во поединечните кажувања треба да ја прифатиме со резерва. Судската постапка е таа која обезбедува, низ една контрадикторност, низ едно соочување на сите факти, да се стигне до правната вистина, кажа Камбовски.

Со ваквиот свој став академиците од МАНУ го покажаа опортунизмот кој што владее со нив. Тие покажаа дека немаат свое достоинство и не чувствуваат одговорност за општеството што им ја доверило почеста да се изјаснуваат како членови на Академијата; за општеството кое ги делегирало да бидат негова совест и персонификација на сите морални и етички стандарди спрема кои тоа треба да се ориентира.
МАНУ не ја оправда целта на своето постоење: насочување на општеството спрема општочовечките стандарди кои не се запишани во ниеден закон, затоа што законите не можат да ја дефинираат честа и совета, за нив не може да се пресуди во суд ама тие може да се спознаат и осетат... И уште да болат. Да. Честа боли кога ја имаш, кога ја чувствуваш... и кога самиот ја губиш, и кога ти ја газат.
Очигледно е дека организацијата што ја предводи Камбовски западна во сенилност: ниту спознава, ниту чувствува. Со тоа што се ограничуваат само со барањето на правна разврска за најголемите злоупотреби направени од страна на носителите на одговорни јавни функции и со најеклатантните примери на газење на правата на граѓаните на Р. Македонија, членовите на МАНУ се прогласија за непотребни на ова општество.

Да се каже, дека вистина е само тоа што ќе биде резултат на судска одлука, во случај кога поголем дел од државниот врв го има узурпирано правото и законитоста во државата, ги држи под окупација другите столбови на власта претставува морален пад на членовите на МАНУ.          






No comments:

Post a Comment