Sunday, February 8, 2015

Не е виновен Груевски



Сè си има свој тек, свој развој. Ситуацијава до која стигнавме е последица на претходни случувања во целото општество. Причината не е во тоа што Груевски бил поддржуван од широката јавност и од многу видни јавни личности на патот до сегашната позиција, тогаш се било како што треба - бил поддржан човек што покажувал позитивен потенцијал. Грешката е направена покасно - тогаш кога ДПМНЕ почна да ги голта државните институции и да ги потчинува демократските контролни механизми. Тогаш не се јави доволен број на интелектуалци, на стручни лица од областа на правото и од институциите што беа потчинети на партијата ДПМНЕ. Значи грешките се направени кога ДПМНЕ почна да ја голта демократијата во Македонија а ние сите молчевме. 

„Малите„ луѓе молчеа затоа што или немаа време да размислуваат и да генерираат сопствено мислење, преокупирани со проблемот на елементарно преживување; или свесно се откажуваа да размислуваат за да не го изгубат „подареното„ работно место или стажот во партијата, па да им пропадне надежта за вработување.
„Големите„ луѓе - луѓето на општествени позиции во Македонија никогаш не беа вистински „Големи луѓе„ па да ги сфаќаат своите обврски пред општеството што ги делегирало на високи позиции; тие луѓе кај нас се всушност „мали луѓе„, снаодливци и калкуланти, такви што се прилагодуваат на сè, тие свесно не ги брануваат работите за тие да не се променат; тие се кријат во своите кабинети и живеат во виртуелен свет во кој си ја лажат таа малку совест што им остана.

Па каков Претседател на државата е човекот што се прокламира себеси како член во тимот? Тој самиот се делегитимира, се откажа од своите ингеренции. Каде е тој во ваква сериозна ситуација за да ги смири страстите, да им влее на граѓаните сигурност? Имаме срамен Претседател.

А каде е МАНУ, живи ли се академците? За кој фалус се избрани таму? Да хибернираат?

А стручните лица од областа на правото? Како може да ги толкуваат работите на дијаметрално спротивни начини? Некој од нив манипулира и лаже. Ја учеле ли истата наука, можеби и на исти образовни институции? Па уште и им предаваат на младите генерации. Што им предаваат? Полтронство и лицемерие?

А уметниците? Тоа би требало да бидат луѓето кои што целиот свој живот го посветуваат на трагањето по суштината на животот, и на трагањето по тајните вистини. Тие би требало први да рипнат во одбрана на слободата и демократијата. Излегува дека голем дел од нашите уметници се само „техничари„ и „занаетчии„ што заработуваат за леб и би сториле сè за да си ги обезбедат „државните„ работни места. Зарем чувствуваат дека не ги заслужуваат работните места? Им ги подариле, па ако се промени власта ќе ги загубат?

Навистина не ми е јасно како луѓе што би требало да имаат критичко размислување, без докази, врз основа на претпоставки, излегуваат во јавност и осудуваат. Сме се вратиле во времето пред Исус Христос, кога било доволно некој да повлече нога па да се каменува човек или да се запали на клада. Па нели живееме во цивилизирана држава? Нели сме патриоти па си ја сакаме државата? Па, да им кажам на тие ДПМНЕвски патриоти дека сите треба да ги почитуваме институциите на системот, какви и да биле, да оставиме тие да си ја вршат работата за која се платени; паралелно, сите заедно да се залагаме за нивно професионализирање, затоа што тие треба да го бранат Уставот, а тој од своја страна го гарантира постоењето на државата.

Така да, не е виновен само Груевски, тој може и не е свесен што прави. Македонија не почнала со своето постоење од Груевски. Па каде е здравиот разум, етиката и естетиката на целата нација? Зарем толку генерации Македонци напразно живееле. Зарем претходните генерации ништо не создале?

No comments:

Post a Comment