Friday, April 24, 2015

Демагогија

Да се чудиш и да се изначудиш - Гордана Јанкуловска ги повикува граѓаните да се потпираат врз здравиот разум, во оваа телевизиска изјава.

Новинарката ја праша женичката: - Министерке, кои проекти вечерва ќе ги презентирате пред Кривопаланчани? [сигурно мислејќи на Владата на Република Македонија]
И Гордето почна да елаборира: - ВМРО ДПМНЕ [чекај малку! Во чие име овие луѓе, што ги окупирале раководните позиции во државата, патуваат по градовите и држат „народни собири„? Во име на партијата? Тогаш што е ова? Политичка предизборна кампања? А кој ја плаќа?] како одговорна партија... реален живот на граѓаните... подобрување на условите за живот... Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ [ова е нова формулација која досега не сум ја чул. Па нели треба да се нагласи дека Владата е на Република Македонија? Или Владата е на ВМРО ДПМНЕ?] спроведува различни мерки... Македонија вработува... субвенции... здравство... образование... креирање на политики врз основа на реалните потребите на граѓаните... граѓаните се најдобриот коректив.

Па, опозицијата води непринципиелна борба со недозволени средства, а ВМРО ДПМНЕ принципиелна и со дозволени средства. Па прашува: која е алтернативата што ја нуди опозицијата во однос на тоа што го нуди ВМРО ДПМНЕ.
Па вика: - Граѓаните се мудри, тие ги гледаат делата на политичарите и креираат слика за нивното работење. Тактиката на Зоран Заев е да претстави нешто што не постои.
Па ги повика граѓаните да се потпираат врз здравиот разум и да не ги слушаат креираните и монтирани снимки, затоа што и тие не постојат и разговорите на нив не се нејзини разговори и разговори на нејзините колеги од Владата; туку да ја видат розовата Македонија, каква ја слика ВМРО ДПМНЕ.
Па вика: Институциите имаат капацитет да се справат со ситуацијата. [сака да каже дека и на Марко може да му се јави и да нарача било каква постапка, па и пресуда]

Меле ли? Меле. Да ја оставеа пола саат ќе дрдореше.

Јас ќе и одговорам: Алтернативата што ја нуди опозицијата е можност за промена на начинот на владеење на кој владеете вие. Затоа што дојдени сме до состојба, кога, било која политичка опција во Македонија да ја преземе власта, владеењето ќе биде подобро од сегашново. Оти сегашново ги постигна и ги достигна сите можни негативности и сите дна.
И немојте да го злоупотребувате здравиот разум, затоа што здравиот разум е здраворазумен, тој истражува, споредува и не се ограничува само на едно спознание или вистина.
И кои се тие граѓани кои се најдобар коректив за власта? Па нели тоа се тие граѓани што ја критикуваат власта? Е па зошто тогаш вие не ги слушате граѓаните кои ве критикуваат? Одите по градови и ја пласирате само вашата вистина пред „вашите„ граѓани, тие што ви аплаудираат на вашите собири. Па тие не ве критикуваат. Каков коректив ви се тие ако во сè ве поддржуваат?
Со еден збор: демагогија.

Се занимавате со демагогија. Ја злоупотребувате функцијата на која се наоѓате. Го лажете сопствениот народ. Тоа е ниско и подло.

No comments:

Post a Comment