Friday, April 17, 2015

Лагите на Грујо и Ставре



Живееме во свет кој е конципиран како сеопшт пазар: сè се купува и сè се продава. И луѓето се продаваат и државите се продаваат. Кој поскапо ќе се продаде - тој подобро живее. Процесот на добивање поголема вредност се вика брендирање. На македонски можеме да го крстиме како препознатливост. Секој бара препознатливост, извесност. Луѓето сакаат да создадат од себе бренд, фирмите создаваат брендови, државите од себе создаваат брендови. Познатоста што ја спомнав претходно може да биде и негативна, тогаш брендот губи од својата сила, од својата вредност.
Ете, стигнавме до странските инвестиции и до отворањето фабрики: странските фирми што доаѓаат кај нас се веќе изградени брендови, со свои брендови на производи, тие потекнуваат од своите брендови држави. Доаѓајќи тука тие не придонесуваат кон развивањето македонски брендови, туку продолжуваат да ги пласираат своите. Единствениот имиџ што државата домаќин го добива е тој на држава со евтина работна сила, таква што дозволува нејзините граѓани да бидат експлоатирани, тоест искористувани. А тоа не го сака никој. Нели? Никој не сака да биде искористен, понижен, недооценет, недоволно платен.
Стандардот на живеење во една држава расте кога во таа држава има услови за слободен пазар, креативност, инвентивност, создавање нови производи, а сето тоа живее во стабилно политичко и правно опкружување. ВМРО ДПМНЕ не го прави тоа. Создадено е општество на повластени наспроти искористени луѓе. Квалитетот како критериум за напредување е заменет со критериумите „припадност на каста (партија или семејство)„. Создадена е политичка несигурност. Создаден е правен вакуум. Нема развој. Државата се повеќе се задолжува.


No comments:

Post a Comment